ПОЛИТИКА

Полициски рации во сомнителните ноќни клубови во државава

ПРОСТИТУЦИЈАТА ЗАД РЕШЕТКИ!

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Акцијата за сузбивање на нелегалната трговија со луѓе, проституција и нелегален престој на странски државјани, што МВР ја спроведе во 12 угостителски објекти и ноќни барови во Скопје, Тетово и Гостивар, покажа колку е развиен овој криминален и вносен бизнис во кој жртви се Украинки, Романки, Бугарки и други млади девојки.
  • Нам како женска неформална организација ни беше јасно дека во одредени кафулиња се појавуваат девојки кои не се од Република Македонија. За нас тоа е доволен показател дека нашата држава се судрува со еден сериозен проблем во кој РМ за прв пат се јавува во улога на крајна дестинација од патот на трговијата со бело робје, вели претседателката на Сојузот на организацијата на жените на Македонија, госпоѓа Сафка Тодоровска.

Министерството за внатрешни работи продолжи да ги лови "убавите вештерки" низ Македонија врз чиј грб многумина ситни и крупни макроа го зголемија своето конто и станаа едни од најбогатите луѓе во земјава. Овој мошне профитабилен криминален бизнис цвета повеќе години, но со продлабочувањето на кризата во Македонија се создадоа идеални услови за негово проширување, бидејќи полицијата не ги контролира виталните делови во земјава. Затоа во Кумановско, во Тетовско и во други делови се прошири бизнисот со бело робје, односно простиуцијата.

Со овој најстар занает, во државава се занимаваат девојки од 14 до 30 годишна возраст. Тие најчесто доаѓаат од земјите што порано му припаѓаа на Советскиот Сојуз и од нашето соседство: Бугарија, Романија, Молдавија и други земји. Последната акција на македонската полиција покажа дека и покрај преземените превентивни мерки, проституцијата и трговијата со бело робје се зголемува, односно се шири со аритметичка прогресија. Затоа ќе мора да се преземат посериозни акции кои ќе бидат организирани во содејство со другите земји во соседството, бидејќи овој криминал не е од локален, туку од меѓународен карактер. Тој не бира националност, боја на кожа или пол. Во преден план е интересот и профитот, кој ги обединува и зацврстува врските меѓу криминалците и големите босови. Тие успеаја да исплетат меѓународна пајакова мрежа во која очигледно се инкриминирани и државни структури. Затоа секоја наредна акција ќе мора да се крие од кртовите во полицијата кои навреме ги информираат газдите на ноќните клубови, кои патем се занимаваат со посредување и продажба на женски лица како стока.

РАЦИЈА

Последниве неколку дена полицијата повторно се обиде во Скопје и во Западна Македонија да го пресече синџирот на проституцијата. Но, очигледно како и порано успеа само за момент да ја прекина врската, а притоа поднесе кривични пријави за газдите кои поседуваат алкохол без бандерола или вработиле танчерки без документи за легален престој. Акцијата за сузбивање на нелегалната трговија со луѓе, проституција и нелегален престој на странски државјани, како што информираат од МВР, била спроведена во 12 угостителски објекти и ноќни барови во Скопје, Тетово и Гостивар.

Во Скопје е спроведена контрола во седум угостителските објекти, односно во "903", "Ирски паб", "Империјал", "Холивуд", "Плејбој", "Ханибал" и "Розе". Во оваа акција во "Империјал" се пронајдени 18 шишиња алкохол без бандерола при што, како што потенцира полицијата, ќе биде поднесена кривична пријава која ќе се базира врз Законот за акцизи. Во барот "Холивуд" биле пронајдени тројца странски државјани, додека во "Плејбој" четири странски државјанки биле приведени поради утврдување на законскиот престој. При контролата во угостителските објекти "Розе" и "Ханибал" утврдено е дека сопствениците не поседувале потребна документација за работа на објектот.

Во акцијата во Тетово контрола е извршена во три објекти, а откриени биле 23 странски државјанки. Од нив четири Романки и две Молдавки биле пронајдени во "Кобра 2000" сопственост на И.Ќ. од Тетово. По проверката утврдено е дека странските државјанки биле илегално дојдени во земјава, а границата ја преминале преку диви премини од СРЈ. Во "Бели 9", сопственост на А.Г. од Тетово, биле откриени дури десет странски државјанки од кои осум од Романија, една од Бугарија и една од Косово. Против лицето А.Г. е поднесена кривична пријава, бидејќи било утврдено дека државјанките биле жртви на трговија и принудени да се занимаваат со проституција. Во барот "Кристал", сопственост на Ј.Г. од Тетово, биле откриени шест бугарски државјанки од кои четири биле без патни исправи. Во истиот објект била пронајдена и рамка за пиштол со девет куршуми која била одземена од полицијата.

Во Гостивар биле откриени десет странски државјанки кои легално престојувале во Република Македонија, но се занимавале со проституција. Во барот "Бела Дона", сопственост на О.Б. од Гостивар, биле пронајдени четири Украинки, додека во "Калигула", сопственост на З.С. и В.П., како што се вели во информацијата на МВР, биле затекнати шест Молдавки.

Против сопствениците на баровите на "Калигула" од Гостивар и "Делфина" од Маврово се поднесени кривични пријави поради основано сомневање дека сториле кривично дело "трговија со луѓе". Шест странски државјанки, за кои е утврдено дека биле жртви на оваа трговија, биле сместени во Транзитниот центар, а за преостанатите МВР презема мерки за утврдување на мотивот и законската основа за нивниот престој во Република Македонија.

Државниот секретар на МВР, Раде Јовановски, изјави дека полицијата спроведува акција, но ефектите од нив ќе бидат поголеми само кога локалното население ќе почне да соработува во разоткривањето на актерите во трговијата со луѓе.

Досегашните акции на македонската полиција не вродија со плод. На неколку пати беа уловени повеќе странски државјанки од Украина, Молдавија, Романија и Бугарија, а подоцна беа вратени во матичните земји при што нивните газди останаа негибнати. Така беше во случаите кога поранешната влада упадна во неколку ноќни локали во Струшко и во Охрид при што не беа казнети вистинските посредувачи во овој бизнис.

ОБЈЕКТИ

Во Сојузот на организацијата на жените на Македонија сметаат дека косовската криза во 1999 година била претходница за овој проблем.

Како последица на таквата ситуација во Македонија се појави трговијата со жени, истакнува претседателот на СОЖМ, госпоѓа Сафка Тодоровска. Нам како женска неформална организација ни беше јасно дека во одредени кафулиња се појавуваат девојки кои не се од Република Македонија. За нас тоа беше доволен показател дека нашата држава се судрува со еден сериозен проблем во кој РМ за прв пат се јавува во улога на крајна дестинација од патот на трговијата со бело робје. Во тие мали неофицијални кафанчиња се продаваа жените и се малтретираа малите девојчиња.

На нашиот СОС телефон, број 9700, кој функционира повеќе од осум години, се јавуваа многу девојки кои успеаја да осознаат дека се излажани и имаа можност да ги информират државните органи и родителите. Имавме неколку случаи на девојки од Бугарија. Повеќето од нив ни велеа дека завршиле во канџите на макроата со измама. Посредувачите, во 90 проценти од случаите, на жртвите секогаш им ветувале дека во европските земји ќе најдат добра работа, прецизира госпоѓа Тодоровска. Во ниту еден пример не забележавме дека на девојките им е укажано оти одат во Македонија. Тие биле залажувани со соништа дека одат во Италија, во Германија, во најблага форма во Словенија. Од досегашните искуства не успеавме да дознаеме дека девојката самата платила за префрлувањето во земјите на ЕУ. Ниту една жена жртва на трговијата со бело робје не знаела дека меѓу посредниците и купувачите била купена за проституирање. Често пати во нивните исповеди се среќаваме со примери во кои жртвите се вљубувале во посредувачте кои им ветувале разни дестинации за подобар живот. Меѓу нив имаше и мажени жени кои, во договор со сопругот, поради сиромаштијата, се решавале на вакви чекори и наместо да се најдат во европските метрополи, тие завршувале на улица, а во последно време и во Македонија каде се затворани и измачувани.

Како женска асоцијација свесни сме дека немаме сила и моќ да го решиме проблемот, но можеме да помогнеме во превенцијата, бидејќи сметаме дека проблемот е од ургентен карактер. За нас тој проблем е важен затоа што од земја на поминување, на транзит, преминавме во земја на дестинација. Затоа за нас оваа работа е од алармантен карактер. Во последно време во Македонија се забележани девојчиња од 14 години кои насилно се инволвирани во трговијата со бело робје. Тие претставнички се жртви на насилство и на голема експлоатација. Во сите домени нивните права се повредени. И затоа тие жени повеќе не се чувствуваат како луѓе, како личности. Тие стануваат објекти. Според мене, вели госпоѓа Тодоровска, е добро што се преземаат акции кои даваат одредени резултати. Ги следиме активностите и мислиме дека во одредени сегменти како невладина женска организација можеме да помогнеме. Сегашните форми на разрешување на проблемот или прекинување на синџирот, што ги применуваат државните органи (полицијата) се само вентили за надминување и за разрешување на трговијата со бело робје, истакнува претседателката на Сојузот на организациите жените на Македонија, госпоѓа Сафка Тодоровска

МАЛТРЕТИРАЊА

Во една од многуте изданија на Меѓународната организација за миграции, односно нејзината Мисија во Скопје, се вели дека жртвите доаѓаат од земјите на поранешниот источен блок. Поради строгата контрола и воспоставениот визен режим во земјите членки на Европската унија, тие не се во можност да заминат на Запад каде можат да заработат за подобар живот. И токму поради тоа трговците на бело робје ги инволвираат во меѓународните синџири. Им ветуваат мед и мелко, а за возврат завршуваат во некои од тајните клубови за проституција на Косово, во Македонија и во трети земји. Во сите примери и контакти со жртвите се дознава дека тие постојано се физички малтретирани, тепани, а често пати комплетно им е одземено правото на слобода на движење и комуникација. Во тој потчинет и нехуман однос се уценуваат, заплашуваат и се присилуваат на сексуални општења. Нивните шанси за бегство се сведени на минимум, а доколку тоа се случи жртвите преживуваат крајно тешки психолошки трауми кои ги следат цел живот.

Според Министерството за внатрешнји работи, постојат два регрутни центра и тоа во Кишињев, во Молдавија, а другиот е лоциран во Одеса во Украина. Во лажните преговори се сонува за илегални префрлувања во Италија, Грција или во други земји на ЕУ, но често завршуваат како танчерки во Грција, Македонија, Турција и на Средниот Исток. Македонската полиција располага со сознанија во кои се вели дека вообичаено нивниот ангажман започнува преку пријатели или преку јавувања на сомнителни огласи во весниците. Оттука жртвите се пренесуваат во Темишвар, во Романија од каде го продолжуваат патот преку поранешна Југославија во Македонија и други дестинации.


Кривични пријави

Во акцијата во Тетово контрола е извршена во три објекти, а откриени биле 23 странски државјанки. Од нив четири Романки и две Молдавки биле пронајдени во "Кобра 2000" сопственост на И.Ќ. од Тетово. По проверката утврдено е дека странските државјанки биле илегално дојдени во земјава, а границата ја преминале преку диви премини од СРЈ. Во "Бели 9", сопственост на А.Г. од Тетово, биле откриени дури десет странски државјанки, од кои осум од Романија, една од Бугарија и една од Косово. Против лицето А.Г. е поднесена кривична пријава, бидејќи било утврдено дека државјанките биле жртви на трговија со луѓе и принудени да се занимаваат со проституција.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"