ПОГЛЕДИ

Огледалце, оглдалце

МОРАЛЕН СУД

Гог ма Гог

Македонското радио, Радио Скопје, има чудесна програма. Не знам рубрика да им станала здодевна на слушателите, од Жаклина Мучева, па се до оној радио дневник во 15,30 часот, кога буквално секој граѓанин на оваа држава не сака да го пропушти... А, деновиве премногу ми се допадна утринската расправа за воведување на етиката како предмет во нашето образование. Беше тоа уште еден "напад" на тврдото просветарско крило во македонските школски системи кое има неразумен анимозитет кон предмет што ги инкорпорира сите други предмети.

Му се чудам само на професорот Темков, колку е упорен да не вразуми во нашата - неразумност. Кому пречи етиката во оваа земја? На учениците сигурно не! Тогаш, мора да биде на професорите и тие околу нив! А, тоа баш не е добро. Во етиката има нешто кое или природно не одбива (во што се сомневам) од неа, или пак сакаме намерно да личиме на ова што сме денес: превртливи, поткупливи, подводливи... (во што длабоко верувам)!

За најскап "производ" на еден народ, во една земја, не се вреднувале ни мерцедесите, ни боинзите, ни шатлите, ами моралните односи исковани најпрво во домашните, семејни работилници, потоа во училишните фабрики, па на крајот одгледани и израстени на непрегледните општествени полиња. Големиот антрополог и социолог Бронислав Малиновски, на примерот на малезискиот "дивјак" го откри "човечкиот раскош што го поседувале домородците, во односите жена-маж, татко-син, мајка-ќерка, поединец-племе... градејќи урнек на морал, кој на прашањето, што е фамилија, одговара: срце полно љубов!

Далеку сме ние не само од малезиските острови, туку и од сопствените дедовски огништа на чии пирустии се грееше македонскиот намуз, полн со чест, бистар со честитост, и богат со искреност... Затоа можеби, некни на почитуваниот колега Цветан Станоевски му бликна иницијативата за формирање, ако сакате, основање на Морален суд на Македонија, една широка вонинституционална аретологија, која секаде во светот, кога ќе "р'ѓосаат" судските норми и ќе апстинира извршната власт, се појавува како ѕвезда Деница што на некои заскитани треба да им го покаже - патот.

Ние очигледно сме во една длабока криза. Со сиот примитивизам што го собравме како еманат од транзицијата, изгубивме секаков ориентир во однесувањето. На разбојници и крадци им дадовме се, а на умни и чесни - ништо... Барем разбојниците да ја одбранеа честа!? Во помалите места во државата (Пробиштип, Ресен, Виница, Демир Хисар...) на огласите што ги распишуваат локалните самоуправи, а ги финансираат разни донатори на една "казма и лопата" конкурираат по пет-шест изневерени од идеологијата на "еднакви стомаци"!

Онака како што Станоевски и другите околу него ја проектираат работата на Моралниот суд, уште од сега гласам - за. И тоа не само формално, како што ние сме навикнати, туку и со конкретни предлози: дозирајте му на Судот, многу јавност, афирмирајте го колку што можете, оти Вам од Власта, кои тргнавте во беспоштедна битка против сето зло во Македонија, не фаворизирајќи ни вера ни народ, ни народност, тоа најмногу Ви треба, да покажете дека ја сакате и браните оваа држава.

Само има една голема дилема: како да се изберат во Моралниот суд - моралните? Вирусот на неморалот епидемично не зарази. Нам ни треба "големо прочистување". Лошо е во тој Суд да седат само ангели, но дека треба да има "светци" на кои ќе им веруваме, тоа е повеќе од нужно.

Првата морална победа што треба да се извојува е скротување на суетата, која некому му бара се поголеми почести, а некому материјални добра, што ја надвисуваат човечката природа... Но, да не подучувам и да не морализирам. Од некаде треба да се тргне, велат џентлмените што бацуваат женски раце, како чин на "освета" кон феминистките. Достоинството сакаме сите да си го одбраниме. Не го најдовме на пат, секој што ќе стаса да ни го - згази!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"