ИНТЕРВЈУ

Тања Алтанџиева, заменик- министер за локална самоуправа

НЕМА ТЕРИТОРИЈАЛНИ РЕШЕНИЈА ЗА ЕТНИЧКИ ПРАШАЊА

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • Владата на РМ треба да преземе мерки и чекори кон зголемување на вработените во јавната администрација и од страна на другите етнички заедници, меѓутоа не по секоја цена, бидејќи нашата јавна администрација е администрација на заслуги и секакво вработување заради етничка припадност би било политичка дискриминација, односно дискриминација по етничка основа.
  • Дефинирањето на општинските граници апсолутно нема да биде по принцип на географско, односно административно заокружување на границите на општините, односно според припадноста по етничка основа, тука според други однапред утврдени објективни критериуми и механизми.

МС: Госпоѓо Алтанџиева, Министерството за локална самоуправа, со техничка поддршка на Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) - Скопје и во соработка со Агенцијата за државни службеници, ја започна обуката за претставниците на општините во Република Македонија. За каква обука станува збор?

АЛТАНЏИЕВА: Ако тргнеме од самата тема на обуката "Јакнење на институциите на локалната самоуправа на РМ преку развојот на капацитети, транспарентноста и финансиската одговорност" се подразбира за каква обука станува збор. Оваа активност е насочена пред се кон добивање на теоретски и практични сознанија на претставниците на локалната власт во смисла на идно практицирање на локалните услуги, односно на јавни услуги од локално значење кон граѓаните, заедно со трансферот на надлежностите и на децентрализацијата на власта што следува во идниот период. Имено оваа обука е организирана во соработка со Министерството за локална самоуправа, УНДП, односно Програмата за развој на Обединетите нации, исто така во соработка со Агенцијата за државни службеници и Министерството за финансии. Важно беше преку обуката да се истакнат начелата на ефикасност, на ефективност и на квалитет при испоручувањето на јавни услуги. Овие принципи заслужуваат и поширока елаборација, меѓутоа главниот промотор на практицирање на локална власт е градоначалникот. Важно беше да се укаже на идните градоначалници, односно и на сегашните и на идните од следните локални избори дека тие треба да бидат вистински менаџери на општината, да знаат да управуваат со општината во смисла на локалниот економски развој, во смисла на сите услуги кои ги бараат граѓаните. Ова значи не само спроведување и донесување на одлуки од страна на советниците во Советот на локална самоуправа и нивно спроведување од страна на градоначалникот, туку избирање на политики на развој на општините. Финансискиот менаџмент пред се подразбира управување со буџетските средства, односно нивно транспарентно трошење, што значи публикување на сите документи што значат трошење на тие средства за разни намени. Едноставно, сите податоци да бидат достапни на граѓаните коишто се даночни обврзници и коишто се гласачи и на градоначалникот и на Собранието.

ЗАКОНИ

МС: Се споменуваа најразлични бројки за тоа колку општини и претставници од единиците на локалната самоуправа ќе бидат опфатени со обуката. Можете ли да ни ја посочите точната бројка и врз основа на кој критериум се избрани општините и нивните претставници кои ќе учествуваат во обуката?

АЛТАНЏИЕВА: Во моментов во програмата за обука се предвидени 17 општини. Во првиот циклус на обука беа опфатени општините Кисела Вода, Липково, Струмица и Прилеп. Навистина имаше голем број јавувања од страна на градоначалници и на други претставници на локалната власт. Тие покажуваат големо интересирање и желба да присуствуваат на обуката и да се стекнат со конкретни и практични сознанија. Меѓутоа, во првата фаза се предвидени 17 општини, како што кажавме се зависи од средствата што дополнително би можеле да се обезбедат од страна на УНДП, при што во идниот период можно е и поголемо учество и на други општини. Во однос на критериумите по кои е правена селекцијата се водеше сметка да бидат опфатени и поголеми и помали општини, нивната геграфска распореденост, како и општини со мешан етнички состав.

МС: До мај оваа година треба да се подготви пакетот закони за децентрализација, по што Собранието би ги усвоило најдоцна до декември 2003 година. Тоа значи пренесување на надлежностите од државно на локално ниво. До каде се подготовките?

АЛТАНЏИЕВА: Да, така е. Во тек е подготвување на законите со коишто ќе се изврши трансфер на надлежностите, односно законите што предвидуваат децентрализација на власта, за што е изработена оперативна програма за децентрализација којашто беше усвоена на седница на Влада оваа недела со точно утврдена динамика и рокови на кој начин и кои закони ќе се донесуваат. Имено, тука станува збор за повеќе документи. Тука е планот за имплементација на Рамковниот договор, основите за подготовка на програмата за правична застапеност, понатаму Меморандумот за соработка меѓу Владата и Заедницата на единиците на локална самоуправа.

МС: Големо влијание врз успешното спроведување на законите од областа на локалната самоуправа ќе има и новиот закон за територијална поделба, односно начинот на географското формирање на новите општини, пред се поради притисокот од страна на албанските фактори тие да бидат со етнички граници. Тоа, според многумина, би значело класична кантонизација на државата. Ваш коментар?

АЛТАНЏИЕВА: Многу често во печатените и во електронските медиуми се спомнува терминот кантонизација и федерализација на државата. Не би требало да постои, односно не е оправдан таквиот страв, бидејќи пред се во основа треба да се расчисти една голема дилема. Во Уставот на РМ е гарантирана едностепеноста на локалната самоуправа и унитарниот карактер на државата. Исто така не може да стане збор за каква било федерализација и кантонизација во таа смисла. Во Рамковниот договор е усвоен еден принцип којшто упатува на тоа дека нема територијални решенија за етнички прашања. Од друга страна, дефинирањето на општинските граници апсолутно нема да биде по принцип на географско, односно административно заокружување на границите на општините, односно според припадноста по етничка основа, туку според други однапред утврдени објективни критериуми и механизми. Во таа смисла на преден план би биле освен географската поставеност, бројот на населението, развојот на локалната инфраструктура, развиеноста на општината и способноста сама да егзистира, односно сама да прибира приходи врз основа на локални даноци, такси и слично. Имено, досега нема и сметаме дека и нема да има какви било притисоци од политички фактори и тоа е без секаква основа во врска со исцртувањето на општинските граници. Најважно е да се оствари крајната цел, а тоа е остварување на најнепосредни облици на остварување на локалната демократија, односно општината да биде што поблиску до граѓаните.

МС: Има ли најави колкав ќе биде новиот бројот на општините? Врз основа на кој критериум ќе се намалува нивниот број?

АЛТАНЏИЕВА: Засега не е утврдена точната бројка на општините. Сега се 123 општини плус градот Скопје, значи 124 општини. Според претходниот Закон за локална самоуправа бројот на општините беше 34, што значи дека оваа бројка ќе се движи од 34 до 123. Во секој случај бројот ќе биде утврден врз основа на принцип на тоа да се формираат општини, односно да го задржат статусот на општини оние општини коишто можат самостојно да егзистираат, или оние општини коишто даваат сигурна гаранција за брз економски развој со помош на државната власт.

СИСТЕМИ

МС: Според одредбите во Рамковниот договор во единиците на локалната самоуправа каде што 20 проценти од населението се припадници на етничките заедници, службен јазик е јазикот на заедницата. Значи ли тоа уназадување на правата на Македонците во оние средини каде што тие во својата татковина ќе бидат малцинство?

АЛТАНЏИЕВА: Како прво, според Уставот и според усвоените амандмани службен јазик на целата територија на РМ е македонскиот јазик и неговото кирилски писмо. Имено, и во новиот Закон за локална самоуправа е вграден концептот на употреба и на друг јазик, на припадници на други етнички заедници со тоа што покрај македонскиот како службен јазик се употребува и јазикот на заедницата на којашто припаѓаат најмалку 20 отсто од населението што живее на таа територија. Не може да стане збор за никакво уназадување на правата поради употребата на јазиците, бидејќи секаде може да се користи својот мајчин јазик како службен јазик. Освен тоа нашиот Устав се базира на граѓански концепт истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет што подразбира од една страна дека сите се македонски граѓани и се еднакви пред Уставот и законите, а од друга страна постоењето на граѓани кои припаѓаат на други етнички групи е неспорен факт и реалност, при што мултиетничкиот карактер на државата преку нејзините државни органи треба да овозможи своевиден одраз на таа објективна стварност.

МС: Во јавноста струјат информации дека со новите закони во областа на локалната самоуправа ќе се намалува бројот на вработените Македонци во единиците на локалната самоуправа, а ќе се зголемува бројот на Албанците и преостанатите националности?

АЛТАНЏИЕВА: Јасно е дека и во јавноста нема доволно информации што во основа значи тоа. Ова прашање е поврзано со принципот на недискриминација и на правична застапеност на вработените во државната администрација во јавните претпријатија и во фондовите. Во таа насока е и документот што се најде на истата владина седница и беше усвоен од страна на Владата. Сосема е погрешна тезата и е потполна дезинформација дека ќе се отпуштаат вработени Македонци, а на нивно место да се вработуваат Албанци само за да се одрази тој мултиетнички карактер на државата. Во моментов Македонија е соочена со реформа на целокупната јавна администрација. Таа се одвива во една тешка економска состојба во која се наоѓа државата, меѓутоа во исто време реформата на јавната администрација значи намалување од една страна на бројот на вработените, од друга страна вработените во јавната администрација да го одразуваат тој мултиетнички карактер на државата. Како прво, се почитуваат стручноста, компетентноста, односно професионалноста и интегритетот на вработените во јавната администрација. Секое вработување во јавната администрација, во другите државните органи и јавни претпријатија и фондови мора пред се да се базираат на стручност и интегритет, односно она што подразбира вршење на тие стручни работи на соодветно место. Имаше мислења дека правична застапеност би значела пропорционална застапеност. Тоа не е така. Имено, правична застапеност доаѓа пред се од англискиот збор aqvitable, што значи правичност, фер. Обврската од Рамковниот договор е движење кон пропорционална застапеност во некое идно време. Меѓутоа, тоа е процес што следува. Владата на РМ треба да преземе мерки и чекори кон зголемување на вработените во јавната администрација и од страна на другите етнички заедници, меѓутоа не по секоја цена, бидејќи нашата јавна администрација е администрација на заслуги и секакво вработување заради етничка припадност би било политичка дискриминација, односно дискриминација по етничка основа. Ако се сеќавате порано во Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи имаше една одредба која ја укина Уставниот суд и која беше воведена од претходната власт. Таа предвидуваше отпуштање според потребите на службата. Врз основа на оваа одредба голем дел од стручни и професионални кадри вработени во државната администрација беа отпуштени од работа, а сепак во организација и систематизација во самите државни органи тие работни места не беа укинати и на нивно место беа вработувани луѓе по партиска линија. Оттука сметаме дека настана и партизација на државата. Всушност кога би се применил тој принцип би настанала етнизација или нешто слично. Имаме разбирање меѓу коалиционите партнери во таа насока и сметаме дека ќе се движиме по вистински пат.

МС: До крајот на 2003 година се очекува да бидат донесени и законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, а врз основа на овие исклучително важни правни акти што ја опфаќаат децентрализацијата, ќе се изработи и законот за Град Скопје, чие усвојување би било на пролет 2004 година? Нешто поконкретно за овие закони?

АЛТАНЏИЕВА: Паралелно со законот за територијална поделба се подготвува и законот за финансирање на општините. Имено, невозможно е да се изработи законот за територијална поделба без да се знаат точните извори на приходи и начинот на финансирање на општините со што би можеле успешно и солидно да се извршуваат трансферираните надлежности од страна на општините. Наши експерти од Министерството за локална самоуправа работат заедно со тимот од Министерството за финансии, бидејќи за донесувањето на овој закон е надлежно Министерството за финансии. Не би можела прецизно да објаснам се што би било конкретна содржина на овој закон, меѓутоа од аспект на се она што би требало да значи развој на општините, ние во секој случај имаме еден регионален дебаланс во развојот на РМ вклучително и развојот на општините. Затоа и во составот на Министерството за локална самоуправа постои Биро за неразвиени подрачја. Меѓутоа, она што е важно е дека ние имаме и развиени и неразвиени општини, имаме општини каде што се концентрирани голем број стопански субјекти, индустриски објекти, развиена локална инфраструктура, коишто гарантираат сигурни приходи за издржување на општинската изборна администрација и инвестирање сопствени средства во локалниот економски развој. Меѓутоа, имаме и општини кои не се доволно развиени. Со законот за финансирање на општините, сигурно ќе се регулира тој дебаланс во развој на општините. Во секој случај градоначалниците се тие што треба да менаџираат, односно да управуваат со тие општини. Со тоа всушност ќе се зајакне и обврската и одговорноста на локалните власти во смисла на обезбедување приходи од сопствени средства, односно максимална ангажираност во нивното прибарање од што веројатно ќе зависи колку средства централната власт ќе донира на општините, а со тоа и трошењето. Кога сме кај трошењето, исто така во согласност со принципите на Европската повелба за локална самоуправа целосно е прифатен принципот на буџетската транспарентност или јавност за тоа како се трошат државните пари, односно парите на Буџетот на општината. Ова е еден од најважните сегменти во делот на давањето отчет на локалните власти, бидејќи тие даваат отчет како пред граѓаните, така и пред државата. Во секој случај државата ќе го задржи надзорот, контролата и супервизијата околу трошењето на овие средства. Што се однесува до законот за Градот Скопје, основа за неговото донесување е член 117 од Уставот на РМ, кој упатува на тоа дека организацијата на Градот Скопје се утврдува со посебен закон. Засега се уште има почетни подготовки, но основната цел е законот да овозможи точно да се знае таа дистинкција, разлика, што е надлежност на Градот Скопје, а што на другите единици на локална самоуправа коишто ќе го задржат статусот на општини. Поточно, каква ќе биде таа организација се уште не е утврдено, меѓутоа последната цел е во суштина најдемократско учество на граѓаните во локалната власт. Тоа значи секој да може да се чувствува дека припаѓа на овој град, односно ако не може да се стигне во кабинетот на некој министер или некој друг висок функционер од државната власт, граѓанинот во секое време за сопствена потреба да може да отиде во кабинетот на градоначалникот. Значи, мора да се создаде една општинска администрација, атмосфера за една понагласена интеракција, односно комуникација меѓу градоначалникот и граѓаните, да се покаже на дело еден понагласен сензибилитет во однос на секојдневните потреби и она што значи потреба на граѓаните.

МС: Дали со новиот закон за територијална поделба и законот за децентрализација се создаваат паралелни системи на здравство, образование итн. Како ќе се финансираат тие системи?

АЛТАНЏИЕВА: Во членот 22 од Законот за локална самоуправа таксативно се наброени надлежностите на локалната самоуправа. Оттука се создава таа дилема околу децентрализацијата во делот на она што ме прашувате за здравствена заштита и за образование и дали тоа ќе значи создавање на паралелни системи. Станува збор за децентрализирање на толку надлежности од таа област колку што можат општините да управуваат со нив. Имено, станува збор за вклучување на претставници од локалната самоуправа во тие управни одбори на здравствени и јавни организации, во здравствениот надзор на животната средина и слично. Во делот на образованието станува збор за превоз на ученици, имаме основање финансирање и администрирање на основни и средни училишта. Значи, тоа е детално кажано во Законот за локална самоуправа. Тука овие области и тие надлежности ќе бидат регулирани со посебен закон и таму ќе се каже како ќе се финансираат. Постојат унифицирани правила и стандарди кои ќе важат на целата територија на РМ. Во секој случај, не може да стане збор за паралени системи во тие области.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"