асно беше уште од септември
минатата година дека во првата половина на 2003-та ќе се повторат многу
контроверзни ситуации кои досега во глобалното меѓународно општество барем
три пати сме ги видиле и почувствувале. Повторно предизвици, нови предрасуди.
Супер силите ги вкрстуваат мечевите за да ја истераат светската правда
секоја на свој начин и со свои методи. Ирачката криза која по втор пат ја
гледаме со истото сценарио и истите актери како и пред десет години не само
што ги разбрануваат страстите кај оние што одлучуваат од глобален карактер,
туку сериозно придонесе заладување на односите меѓу сојузниците во
најмоќната воена организација.
Како последица од сето тоа може на повидок да биде возобновување на
можеби минорна, студена војна, но овојпат со многу поголем број држави од
онаа претходната во претходниот век. Америка како многупати досега на мала
врата се обидува да ја подели "старата дама" со стар надминат и нов модерен
концепт. Вербалните битки и дуели меѓу најмоќните сосема очигледно укажуваат
на новата нестабилност во која светот впловува. Создавањето два нови блока
со спротивставени концепти и ставови е најмалку потребно во овие
чувствителни моменти за светскиот мир. Со почестите најави проследени со
нескриени адути и закани до сите оние што не мислат како Американците може
да им биде од полза на многуборјните терористички организации и мрежи кои
свои филијали и центри имаат во речиси 80 отсто од земјите во светот.
ЖЕЖОК ФЕВРУАРИ!?
Тврдокорниот став на ирачкиот вожд кој е смислено изграден со
непопустливи тонови покажува дека Хусеин и по десет години од неговиот прв
дебакл се уште е вешт и неприкосновен играч не само на блискоисточната, туку
и на целокупната меѓународна сцена. По сценариото на неговиот "пријател" од
Белград, Милошевиќ на дофат е од обединетото меѓународно општество да
создаде анархистичка светска организација во која нема да се знае кој пие, а
кој плаќа, кој ја зборува вистината, а кој лагата. Едностраната унилатерална
акција на САД и Велика Британија против Багдад ќе & зададат смртоносен удар
на организацијата на обединетите нации, бидејќи се поизвесно е дека таа ќе
биде изземена од процесот на одлучувањето. Тоа ќе биде вторпат во последните
неколку години суперсилите да го нарушат и деградираат меѓународното право.
По агресијата врз Југославија во 1999 година, за која дури сега дел од
агресорите се каат поради стореното, моралот и етиката не им даваат за право
истото на моменти и поагресивно да го сторат овојпат против Ирак. Европа
неизбежно ќе се подели, ќе се доведе во прашање не само идното проширување,
туку и идното постоење на Северноатлантската алијанса. Од сето ова можат да
се покренат неколку конкретни прашања. Прво, зошто би постоела обединета
воена асоцијација со навидум рамноправен удел во неа кога само една или две
нејзини членки го кажуваат последниот збор занемарувајќи го гласот и ставот
на преостанатите дваесет и пет? Второ, која е поентата од идно егзистирање
на светската Организација и на Советот за безбедност во нејзини рамки кога
секогаш за крупни одлуки се занемарува и дискредитира неговото значење? Овие
прашања беа покренати пред, за време и по воените удари на НАТО врз режимот
на Милошевиќ, но тогаш не беа дадени сериозни одговори и анализи од страна
на извршителите. Овие прашања се покренуваат и денес, но трагично и
катастрофално би било доколку анализите и решавањето на светскиот
институционален систем би се дале по ужасот кој би уследил на средниот исток.
Јасно е дека силата ја гази правдата, јасно е дека почитувањето на
меѓународните обврски се бара само од противниците на најмоќните.
Но, сето ова предупредува дека како никогаш досега на меѓународната сцена
се појавува средновековниот начин на решавање на проблемите кој пак се
развил до стадиум на колонијализам. Двојните аршини и контрадикторноста во
сопствените ставови се гледаат и во следните показатели. Официјален
Вашингтон постојано апелираше до Багдад за почитување на Резолуцијата на ООН
за инспекции на забранетото оружје, повикувајќи се притоа на релевантноста
на оваа светска институција. Наспроти тоа, првиот Американец деновиве ќе го
исфли новиот гаф: "Ќе го разоружаме Ирак со или без дозвола на Обединетите
нации". Која е етиката во ваквото аматерско однесување на администрацијата
на Буш? Едните мораат да ги почитуваат резолуциите, а другите не се обврзани.
Европа еднаш поради неединството и слабоста потпадна под ваквите
мегаломански проекти на западните структури. Дали и по вторпат Брисел ќе
биде машата во раците на Вашингтон преку која ќе се оправдаат злоделата на
Јенките? Франција и Германија поразени од улогата која ја имаа во
уништувањето на југословенското стопанство и невините жртви кои ги
оквалификуваа како колатерална штета, овојпат не сакаат да излезат наивни
пред домашната и меѓународната јавност. Тие дефинитивно & го свртеа грбот на
големата нација без оставање простор за премислувања. Сега Буш и неговите
советници ќе играат на картата на придобивање на помалите земји членки на
НАТО од типот на Италија, Полска и Холандија кои само би ја покачиле
квантитативно бројката на соучесниците во акцијата.
Тоа ќе биде и американско-британски обид за ослабување на европската
поврзаност кој во моментов доживува солиден прогрес.
НЕПОТРЕБНИ ЗАЛЕТУВАЊА
Каде сме ние во целата оваа ситуација? Секогаш знаеме наивно и без
размислување да се истрчаме пред преостанатите. Претседателот наш навикнат
по принципот кој го научи од 2001 година да го промовира антиуставното
претседателско наместо парламентарното владеење деновиве без консултации му
даде безрезервна поддршка на Буш за напад на Ирак. Кој го овласти Трајковски
без законска основа да ја внесува земјата во нови и непотребни турбуленции?
Се уште ни се свежи сеќавањата од македонската трагедија кога истите оние
против кои се бори Буш беа активно поддржани од неговите структури, па потоа
претопени во "демократска" политичка сила. Новата авантура на Трајковски кој
индиректно наиде на осуда кај парламентарното собрание на Советот на Европа
може да биде кобна по и онака несредените работи во нашето општество.
Упорното одење позади секоја идеја и проект на американската администрација
само за да се покажеме во улога на некаков сојузник може за навек да не
оддели од Европа и нејзините институции. Злото кое можеме да си го навлечеме
никој не би ни го простил ниту оправдал, а уште помалку би се нашол некој да
ни помогне. Како нерелевантен и безначаен државен субјект, кога станува збор
за вакви светски процеси без директно влијание врз нас, најдобро би било да
ја прифатиме и примениме формулата за неутрално однесување во кризата. Тоа
пред се затоа што ниту од победената ниту од победничката страна не би
претрпеле директни штети, а не би добиле и некоја конкретна сатисфакција за
стореното. Дека е тоа така најдобро се покажа за време на косовската криза
кога Македонија се претвори во полигон за подготовки, база за
експериментирање, шатор за илјадници пребегнати, а притоа остана со прстот
во уста. Наместо ветената директна помош за санација на штетите добивме
преполовување на македонското стопанство и економија, делумно уништување на
патната мрежа од Гевгелија до Табановце, добивме ќелии на терористичката
мрежа УЧК на наша територија што се обремени во востание за "човекови права".
Ништо полезно од сета наша добродушност и гостопримливост.
Иста и на моменти и поагресивна улога САД и нејзините сојузници применија
во конфликтот на македонскиот северозапад кога агресорите станаа нивни
побратими и заедно атакуваа врз македонскиот Устав и безбедносните ресори.
Оттука, Трајковски треба да биде претпазлив со секоја нова идеја и понуда од
центрите на моќта. Доволно беше инфилтрирањето на меѓународните дипломати и
посредници во нашето секојдневие. Не треба и не смее да се дава конкретен
повод за повторување на истите процеси во епизоди. Давањето безрезервна
поддршка на Американците за напад врз Ирак е премногу силен збор од наша
страна за да остане незабележан кај меѓународните и домашните аналитичари.
Од нашата поддршка Американците не би добиле многу. Практично, не би добиле
ништо. Од друга страна ние би добиле премногу. Проблеми, се разбира. А
штотуку почнуваме европски и светски да се однесуваме. Имаме многу други
работи за кои нашиот претседател и неговите истомисленици треба да се
зафатат и да ги реализираат. Играњето на меѓународната карта не е во нивни
домен, ниту во рамките на силата и моќта која ја поседуваат.
Едно е сигурно како заклучок на оваа анализа. Светот го очекува жежок
февруари во кој ќе се создава новата геополитичка карта на планетава. Месец
во кој ќе се судрат силата и правдата, тупаницата и умот. Историјата досега
не покажала многу конкретни примери во кои мудроста и дипломатијата покажале
доминантност над воената логика. На повидок е можноста историјата по којзнае
кој пат да ни се повтори. Но, историската логика и тек на нештата не треба и
не смее да доведе до повторно пасивно однесување на субјектите кои сепак
нешто значат во одлучувањето. Логиката треба да ги наведе воените
аналитичари на следната размисла - дека кога станува збор за разоружувањето,
тој процес треба да се спроведе врз оние сили кои напаѓаат, врз оние кои
секојдневно го плашат светот со носачи на авиони, крстосувачки ракети,
невидливи бомбардери и противракетни штитови. Се дотогаш силата ќе го гази
правото, се дотогаш моќта ќе ја краде вистината.