Чествување за Гоце Делчев

Во црквата "Свети Спас" во Скопје беше одбележана 131 годишнина од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Одбележувањето го започна Митрополитот Кирил со молитва за упокоение, полевајќи го гробот со вино. На гробот на Делчев присуствуваа државна делегација и делегации на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Знамето на УЧК на грчки остров

На грчкиот остров Сирос, минатата недела, било развиено знамето на ослободителната војска на Косово, со двоглавиот албански орел. На знамето пишувало "Чамурија", име што Албанците го употребуваат за северозападниот дел на Грција, на брегот на Јонското Море, кој влегува во мапите на "Голема Албанија" исцртани од албанските екстремисти.

Пролетна офанзива

Албанска национална армија (АНА) повторно се заканува дека ќе го наруши мирот во Македонија, пренесува интернет-страницата на Институтот за известување од војни и мир (ИВПР), кој се повикува на сајтот на АНА. Ахмети, како што неофицијално се дознава, во јануари, допатувал во Швајцарија за да ги разубедува Албанците што ја контролираат АНА да се откажат од плановите за пролетна офанзива и ветил политички напредок за Албанците во Македонија.

Албанците не плаќаат за вода

Албанците од Скопје и од околните села што се приклучени на водоснабдувачкиот систем ја бојкотираат наплатата на сметките за вода, вели директорот на "Водовод", Јане Ценев.

Непотизам во новата Влада

Сопругата на пратеникот на ЛДП Андреј Жерновски, Олгица Гацовска, која е вработена во ЈП "Водовод и канализација" е еден од надворешните членови на Управниот одбор на " Електростопанство на Македонија". Таа во Управниот одбор, како што пишува "Вест", фигурира како член назначен од Владата и за седењето во столчето на Управниот одбор на ЕСМ месечно добива по 12.330 денари.

"Лавовите" се уште незадоволни

Синдикатот на Единицата за брзи интервенции "Лавови" го обвинува Министерството за внатрешни работи дека се обидува да го изигра договорот за трансформација на "Лавовите" и целосно да ја распушти единицата.

МВР, пак, соопшти дека процесот на трансформација на "Лавовите" е почнат, дека ги поканило "Лавовите" да учествуваат во заедничката комисија, но тие не соработувале и не ја доставиле потребната документација.

Нема пазарења за јазиците

Околу сугестиите за дарежливоста за примена на албанскиот јазик во Собранието, според "белгиски модел" сугериран од европарламентарката Дорис Пак, министерот за локална самоуправа, Александар Гештаковски, изјави: Тоа е нејзин личен став. Таа искажа одредено непознавање и отстапување од она што е обврска од Рамковниот договор. Пак настапи како лобист на одредени групи. Не можеме да бидеме ниту дарежливи, ниту недарежливи. Владата ќе го спроведе она што е зацртано во делот на употребата на јазиците.

ММФ бара од Владата да штеди

Во текот на преговорите меѓу Мисијата на ММФ и македонската страна, неофицијално се дознава дека монетарците побарале од нашата страна не само да вети дека ќе штеди, туку да го аргументира тоа со конкретни докази. Поточно, да наведе прецизно во кое министерство колку заштеди ќе оствари, а тие да бидат поткрепени со конкретни одлуки, од кои ММФ ќе биде сигурен дека Владата нема да отстапи.

Програма за вработување

Лицата на возраст од 25 до 54 години ќе имаат централно место во владината програма за зголемување на вработеноста. Приоритет при вработувањето треба да има технолошкиот вишок. Едни од главни цели на владините мерки за зголемување на вработеноста се и програмите за поттикнување и помагање при самовработување.

"Екстази" во подем

Трговијата со наркотикот "екстази" е во подем во Македонија, тврдат инспектори од Секторот за сузбивање на недозволена трговија со дроги. Откако во 1996 година првпат биле запленети вкупно 65 таблети, "екстази" трговијата доживеа толку голем бум што лани само во една акција полицијата од двајца дилери заплени 18.000 таблети.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"