|
ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА
Свети Атанасиј Велики, симбол на совршенство и љубов
СТОЛБ НА ХРИСТИЈАНСТВОТО, ТЕМЕЛ НА ЉУБОВТА И ПРАВДАТА!
Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА
- Св. Атанасиј Велики, како архиѓакон, зел видливо учество на Соборот и
дошла до израз неговата ученост, остроумност и ревност за Православната
вера.
- Св. Атанасиј Велики, храбриот, неуморлив, трпелив и стар Христов
војник на Исуса Христа, по многуте прогонства, остана засекогаш Велики
заради неговата Велика душа, која трпеливо и богомудро ги победи тие
долготрајни и страшни борби.
Г олемиот столб на Црквата Христова,
Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски, спаѓа во оние светители
кои биле безобзирно клеветени и злосторнички гонети од родниот град и
татковина. Големиот учител на Христовата наука бил клеветен од безбожниците
и скоро целиот свој живот бил прогонуван од еретиците. Тој ја исполни
својата човечка должност со дела и саможртва, но како и многу други
светители (меѓу кои и македонските светители и бранители на Татковината),
отиде избркан од овој свет, без да зажали за него. Господи, праведен Судијо
на земјава ,"не враќај ме во светот, полн со неправди и беззаконија, од кој
ме избави". Тој мудро го позна името Божјо, го почувствува Бога и неговото
присуство во историјата и во вечноста. Законот на Бога е во неговото срце.
И се издржа заради лубовта кон Христа, Татковината и луѓето. А Господ
никогаш не премолчи. Низ сите векови и небесната и земната Црква го слават.
И нашите јазици ќе зборуваат за неговото совршенство, за неговата љубов, за
неговата правда, за неговите дела.
ПОБОРНИК ЗА ПРАВДА
Св. Атанасиј Велики веруваше дека оние кои вршат беззаконие, насилство и
неправда и креваат глава нависоко, оние кои зборуваат за мир, а зад него
смислуваат измами, ќе бидат засекогаш истребени.
Кој е всушност Св. Атанасиј Велики? Св. Атанасиј Велики е роден во Египет,
во Александрија, околу 293 година. Неговите родители биле набожни христијани.
Ја изучил светската филозофија и светите книги на Стариот и Новиот Завет.
Свети Антониј Велики му бил главен духовен отец, утеха и морална поткрепа.
Св. Атанасиј Велики бил ѓакон кај архиепископот Александар, кој управувал со
Црквата во Александрија од 312 до 326 година. Во придружба на овој
Архиепископ, присуствувал на Првиот Вселенски Собор, одржан во Никеја, во
325 година. Св. Атанасиј Велики, како архиѓакон, зел видливо учество на
Соборот и дошла до израз неговата ученост, остроумност и ревност за
Православната вера. Многу придонел аријанската ерес да се сузбие, а
Православието да се утврди. На Соборот успеал да докаже дека аријанската
ерес е антихристијанство и сатанизам. Светите отци го проколнале Ариј (александриски
свештеник - еретик) и го исфрлиле од Црквата Христова. А бил осуден и на
заточение, прогонство. Св. Атанасиј Велики го составил "Симболот на верата"
кој бил усвоен на Никејскиот Собор. По смртта на Архиепископот Александар,
Св. Атанасиј Велики бил избран за Архиепископ Александриски. Во звањето
архиепископ останал 47 години, но целото време не бил на престолот
архиепископски. Околу дваесет години поминал во прогонство. Неговите лукави
непријатели продолжиле да го клеветат праведникот и да бараат да биде осуден
на вечно прогонство, како да сакале да го прогонат од целиот свет, од сета
вселена, како да е светот нивни, на измамниците, убијците и незнабошците.
Самиот Атанасиј пишува дека војводата Себастијан, со војска вооружена со
ножеви, стрели и мечеви, ги тепале и мачеле христијаните, зашто биле цврсти
во својата вера и не ја прифаќале аријанската ерес која погрешно учи за
Господ Исус Христос. Биле толку тепани и цели во рани, што и нивните
најблиски не можеле да ги препознаат.
ПОКОРЕН ХРИСТОВ ВОЈНИК
Св. Атанасиј Велики бил прогонуван од царевите: Констанциј (син на
Константин Велики), кој ја раширил аријанската ерес, Јулијан Отстапник -
идолопоклоник, Валент - аријанец. Бил прогонуван од еретикот Ариј и неговите
следбеници, меѓу кои епископот Евсевиј Никомидијски. Светителот се криел во
пустињи, во куќи и други места. Првото прогонство на Св. Атанасиј Велики е
од 335 - 337 година, второто е од 339 - 346 година, третото од 356 - 362
година, четвртото од 362 - 363 година, петтото од 365 - 366 година.
Прогонуван е во разни земји на светот. Повеќе пати е и враќан на престолот.
Св. Атанасиј Велики, храбриот, неуморлив, трпелив и стар Христов војник
на Исуса Христа, по многуте прогонства, остана засекогаш Велики заради
неговата Велика душа, која трпеливо и богомудро ги победи тие долготрајни и
страшни борби, заради многубројните дела, маки и страдања за Светото име на
Пресвета Троица, чија цел е спасението на човечкиот род. Многу малку од
земниот живот поживеал мирно, дури пред смртта, на својот престол и се
упокоил во Господа на 2 мај 373 година.
|