СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

КРАЈОТ НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА НИЗ ДЕЛАТА НА ДРЕВНИОТ ГРЧКИ ИСТОРИЧАР ПЛУТАРХ

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Во биографијата за римскиот генерал Емилиј Паул, Плутарх оставил значајни податоци за историјата на Македонија!
  • Плутарх јасно запишал дека Римјаните ги ослободиле Грците од македонскиот јарем!

Во минатиот број направивме краток осврт кон делото на античкиот грчки истори-чар Плутарх, насловено како "Споредба помеѓу Димитрија и Антоние" во кое Плутарх, помеѓу другото, прави осврт кон дел од животот на македонскот владетел и војсководител Димитрија Први.

Меѓутоа, многу повеќе податоци што се однесуваат за историјата на античка Македонија, Плутарх дава во биографијата на римскиот војсководител Емилиј Паул (Aemilius Paulus). Ова дело Плутарх го напишал околу 75 година по Христа.

Емилиј Паул бил римски генерал кој им го нанесол пресудниот пораз на Македонците, по кој античка Македонија била окупирана од Римјаните и престанала да постои како држава. Пред да поминеме на делови од пишувањата на Плутарх, да ги објасниме накратко настаните што тогаш се случувале во и околу Македонија.

По смртта на Александар Македонски, познато е дека огромната Македонска империја се распаднала на неколку административно-политички организирани делови, со кои Македонците останале и натаму да владеат. Меѓу македонските наследници на Александар тогаш постојано се воделе судири заради меѓусебно освојување на што поголем дел територии од некогашната империја на Александар Македонски.

Државата Македонија останала како самостојна држава и истата била освоена од Римската империја, откако претходно биле водени три големи македонско-римски војни.

МАКЕДОНСКО-РИМСКИТЕ ВОЈНИ

Првата Македонско-римска војна се водела од 215 до 205 година пред Христа, а Втората од 200 до 197 година пред Христа. Пресудна била Третата Македонско-римска војна, која се водела од 171 до 168 година, по која Македонија престанала да постои како држава. На детален опис на овие војни овде нема да се задржуваме, туку ќе направиме краток осврт на дел од Третата македонско-римска војна. Конкретно, оваа војна завршила со пресудната битка помеѓу Македонците и Римјаните што се одиграла кај Пидна на 22 јуни 168 година пред Христа. Главен војсководител на Римјаните бил токму Емилиј Паул. Битката почнала уште од раните утрински часови. Отпрвин Македонците имале успех, но поради нерамниот терен Македонската фаланга се проширила и Римјаните почнале да навлегуваат во нејзините "празнини", каде со своите кратки мечеви (погодни за блиска борба) им нанеле големи загуби на Македонците. По овој пораз, остатокот на Македонија бил заземен за само два дена, а последниот македонски владетел Персеј бил заробен и одведен во Рим, каде и умрел.

А, сега да се вратиме на делото на Плутарх, т.е. на неговата биографија за Емилиј Паул. Во ова прилично обемно дело, Плутарх прави осврт кон животот и војничката кариера на овој римски генерал, при што се задржува и на настаните што се случувале во Македонија за време на последниот период од нејзиното постоење како самостојна држава.

Најнапред Плутарх пишува за потеклото на Емилиј Паул и вели дека тој потекнувал од старо аристократско римско семејство. Имал сестра Емилија, која била мажена за славниот римски генерал Скипион Велики (Африканецот). Во продолжение Плутарх со пофални зборови пишува за војничките способности на Емилиј Паул и прави хронолошки преглед на неговите покрупни војнички успеси во името на Римската империја. Како резултат на неговите победи на територијата на денешна Шпанија, бил назначен за конзул. Првата жена му се викала Папирија, но од неа се развел. Потоа се оженил по втор пат. Во врска со настаните од животот на Емилиј Паул, Плутарх во продолжение пишува:

"Тоа беше во времето кога Римјаните водеа војна против Персеј, кралот на Македонците и кога беа упатувани големи забелешки кон римските команданти кои, иако поседуваа храброст, толку срамно командуваа што повеќе нанесуваа штета на сопствената војска, отколку на непријателот. Тие што недолго пред тоа го принудија Антиох Велики да отстапи од остатокот од Азија и да се повлече зад планината Таур, радосен што успеал да го купи својот мир со петнаесет илјади таланти; тие што не недолго пред тоа, откако го поразија кралот Филип во Тесалија, ги ослободија Грците од македонскиот јарем... не веруваа дека Филип по доживеаниот пораз значително ги подобри силата и дисциплината во Македонската војска".

Пред да продолжиме со презентирање на преостанатите делови од ова историско дело на Плутарх, предлагам да дадеме дополнително објаснување на овој пасус. Овде Плутарх го опишува времето од Третата македонско-римска војна. Познато е дека Емилиј Паул бил поставен за генерал на Римската војска откако неговите претходници не успеале да постигнат успех против Македонската војска. Плутарх, притоа потсетува на претходните успеси на Римската војска, конкретно на нивната победа над македонскиот крал Антиох Трети Велики, кој припаѓал на династијата на Селевкидите, која тогаш владеела со дел од Азија, како и на победата над македонскиот крал Филип Петти за време на претходните македонско-римски судири. Но, сега не бил таков случајот со римските генерали кои војувале против Персеј и затоа бил доведен генералот Емилиј Паул.

Во овој пасус се забележуваат и неколку интересни и значајни моменти. Најпрво, гледаме дека Плутарх (иако бил Грк), Македонците ги нарекол како "непријатели". Оттаму се поставуува прашањето, ако Македонците биле "Грци", зарем овој Грк ќе ги нарекол "непријатели"?

Уште подрастична е неговата реченица според која Римјаните (цитат): "... ги ослободија Грците од македонскиот јарем". Не знам како грчката пропаганда денес реагира на овој дециден доказ од страна на својот познат древен историчар за разликите меѓу Македонците и Грците, како и за фактот што Грците со векови се наоѓале под ропство на Македонците, но жално е што кај нас ова дело на Плутарх се уште не е преведено на македонски. Плутарх овде јасно ги споменува Грците (а не посебно Атињаните, Тебанците, Спартанците и други), што значи дека терминот "Грци" овде предаден исклучиво во етничка смисла на зборот, а истиот е одделно спомнат од Македонците, т.е. од "македонскиот јарем".

ОПИСОТ НА ПЛУТАРХ

 Во продолжение Плутарх раскажува како се случила Македонско-римската војна, па ги опишува настаните во Македонија уште од времето по смртта на Александар Македонски. Овде читаме:

"Антигон, кој беше најмоќниот генерал и наследник на Александар и кој себеси си ја додели титулата крал, имаше син што се викаше Димитрија, кој беше татко на Антигон, наречен Гонат, кој исто така имаше син Димитрија, кој владееше кратко време и откога умре, го остави својот млад син Филип. Тогаш македонските првенци, плашејќи се дека може да настане конфузија, го повикаа Антигон (братучед на последниот крал) и го оженија за вдовицата и мајка на Филип."

Плутарх пишува дека Антигон бил наречен Досон и дека отпрвин бил сметан за регент и генерал, но откако се докажал како вешт војсководител, бил поставен за нов крал на Македонија. Во продолжение Плутарх пишува:

"Антигон... бил наследен од Филип (Петти, з.м.) кој додека бил млад давал надеж дека ќе биде најдобар од кралевите и дека еден ден ќе и го врати на Македонија некогашното достоинство и кој ќе се покаже како човек што може да се сопротивстави на силата на Римјаните, кои тогаш беа во подем, ширејќи се низ целиот свет".

Но, наместо да се случи тоа, Плутарх пишува дека Филип бил поразен од римскиот генерал Тит Фламиниј, поради што бил принуден на барање милост, проследена со низа отстапки кон Римјаните. Инаку, отстапките што Филип Петти ги направил кон Римјаните се состоеле од: отстапување на македонските малоазиски поседи, плаќање на огромна сума пари на Рим, забрана на држење војска поголема од 5.000 луѓе, отстапување на Македонската флота (освен пет бродови) и друго. Но, подоцна, вели Плутарх, Филип успеал да ја обнови Македонската војска и да се подготви за нова војна против Рим. Тој собрал триесет илјадна војска, а обезбедил и големи количества жито. Плутарх пишува дека Филип Петти обезбедил пари со кои Македонија можела да плаќа десет илјади платеници во текот на десет години. Но, пред да ги стави во функција сите овие подготовки, Филип Петти умрел. Бил наследен од својот син Персеј, кој негувал голема омраза кон Рим, за разлика од својот брат Димитрија (исто така син на Филип Петти), кој бил проримски настроен, но кој загинал.

Потпирајќи се на воениот потенцијал на Македонија, Персеј влегол во војна со Рим. Плутарх пишува дека отпрвин Персеј им нанел неколку тешки порази на Римјаните. Овде читаме:

"Тој (Персеј, з.м.) му нанесе тежок пораз на Публиј Ликиние (Publius Licinius), кој прв навлезе во Македонија. Во битка, во која учествуваше и коњаницата, беа убиени две илјади и петстотини добро обучени римски војници, а беа заробени шестстотини."

Во ова време Персеј успеал да зароби дваесет римски кораби со целиот нивни товар. Во продолжение Плутарх пишува:

"Тој (Персеј, з.м.) втората битка ја водеше против Хостилие (Hostilius), офицер на конзулот. Во мигот кога тој навлегуваше во Елимеја, Персеј го принуди на повлекување."

Во продолжение Плутарх пишува дека Персеј извршил поход и против Дарданците, во кој загинале илјадници од нив. Подоцна успеал да ги убеди Илирите да станат негови сојузници. Интересно е тоа што Плутарх пишува дека во тоа време Персеј дури планирал да изврши напад врз самата Италија. Сето ова ги натерало Римјаните сериозно да се загрижат за натамошниот тек на војната со Македонија. Во такви услови, на местото на неспособните римски генерали, бил доведен во тоа време најспособниот римски генерал Емилиј Паул со цел да ја реши војната со Македонија.

Плутарх пишува:

"Емилиј Паул... веднаш беше поставен да командува во Македонската војна. Се зборува дека, откако бил прогласен за генерал што ќе војува против Персеј, бил испратен до својот дом во слава од голема група луѓе. Таму ја нашол својата ќерка Терита, која тогаш била мало дете, како плаче. Тој ја зел во рацете и ја прашал зошто плаче, а таа прегрнувајќи го околу вратот и бакнувајќи го, му рекла: 'Тато, знаеш ли дека Персеј е мртов?'. Притоа таа мислела на своето куче што го носело името Персеј и кое живеело во нивниот дом. На ова Емилиј одговорил: 'Ова е добар знак, дете мое. Ќе го прифатам ова претскажување'."

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"