о досегашните 38
продолженија (со последното вкупно 39) беше презентиран материјалот на д-р
Ристо Кири-јазовски под наслов "Петте страшни години". Станува збор за еден
обемен досега необјавен ракопис на д-р Кирјазовски за кој Редакцијата на "Македонско
сонце" се одлучи да го презентира во форма на фељтон.
Мора до потенцираме дека фељтонот предизвика огромен интерес кај
македонската јавност во државата и во светот, а особено кај Македонците кои
беа и се уште се засегнати од проблематиката којашто се обработува во трудот.
Покрај ова, имаше бројни сугестии за подготвување и објавување на
материјалот во една засебна книга. Се надеваме дека во догледно време ќе
созрее желбата, а и ќе се обезбедат средства за реализација на таквата идеја.
Во последното продолжение од фељтонот Ви го презентираме поговорот,
односно "Епилогот" на д-р Ристо Кирјазовски кон ракописот, но и рецензијата
на д-р Глигор Тодоровски.
Со овој труд е направен обид да се даде почит на величенствената борба на
Македонците од егејскиот дел на Македонија, која имаше длабок национален и
прогресивен карактер. Во таа борба дојдоа до полн израз стремежите и желбите
на Македонците за национални и човекови права, за чии остварувања покажаа
масовен хероизам. Но, формите на борбата за остварување на тие аспирации кои
им беа наметнати, не одговараа на меѓународните и внатрешните услови.
КРВАВА СУДБИНА
Во трудот направени се напори да се даде една поцелосна анализа и
утврдување на вистинските причини за Граѓанската војна и улогата на
внатрешниот и надворешниот фактор што доведе до вооружениот судир меѓу
левицата и десницата.
Трудот презентира помалку познати документи и настани кои можат да
претставуваат драгоцен придонес за натамошното истражување на тој многу
тежок и судбоносен период за Македонците од егејскиот дел на Македонија.
Истовремено побива клевети и инсинуации изнесени во разни трудови од лева и
десна провиненција и докажува дека станува збор за свесно изопачување на
историски факти во функција на политиката за дефинитивна пресметка со
македонското малцинство во Грција.
Од страниците на трудот "Петте страшни години" се потенцира дека
Македонците во многу тешки услови, со ненадмината пожртвуваност, се
спротивставија на геноцидната политика на грчките власти и извојуваа
придобивки од трајна вредност.
Вооружената борба на Македонците од егејскиот дел на Македонија во
периодот 1945 - 1949 година претставува продолжение, односно континуитет на
поранешните борби за опстанок и за политичка и национална рамноправност и
слободи.
Борбата што ја водеа Македонците во тој период беше херојска и покрај тоа
што беше нерамноправна. Македонците борци и старешини на НОФ и на ДАГ се
бореа со ненадминлив хероизам и самопожртвување, верувајќи дека
победоносниот исход на таа борба ќе им донесе достоинствен живот, национални
и социјални слободи.
Масовноста на Македонците во борбата ја потврдува фактот што повеќе од
една третина од вкупниот број на ефективите на ДАГ беа Македонци.
Учеството на македонската жена во вооружената борба беше масовно. За прв
пат 25 - 30 отсто од жените зедоа учество во вооружените партизански
формации. Македонската жена се истакна како храбар борец, успешен старешина
и комесар.
ЧЕМЕР, БОЛКА, ЈАД, СОЛЗИ...
И македонската младина, исто така, масовно учествуваше во борбата,
односно во својата организација НОМС и во борбените единици. Околу 70 % од
составот на единиците на НОФ и ДАГ беа младинци и младинки.
Поразот на ДАГ беше резултат на повеќе субјективни и објективни фактори.
Погрешната политика, стратегија и тактика на грчките комунисти во текот на
Втората светска војна и во продолжение во текот на Граѓанската војна и
соодносот на силите, негативни за ДАГ.
Демократската армија на Грција како резултат на недостиг на елементарни
услови се омасови. Во нејзините редови беа регрутирани одвај 35.000 борци,
од кои повеќе од 14.000 Македонци, а на лице место само околу 25.000. Еден
борец на ДАГ се бореше против 10 владини војници, а вооружувањето беше за
100-150 пати поголемо во корист на владината Армија. Владината Армија
непрекинато беше снабдувана од САД и Велика Британија со најсовремени
средства. Според еден податок, од стапувањето во сила на Трумановата
доктрина во 1947 до 1950 година Владата во Атина добила 528 илјади тони
помош, пред се воен материјал.
Последиците од Граѓанската војна за Македонците се повеќе од
катастрофални. Покрај големиот број загинати и осакатени Македонци, се и
десетици илјади побегнати преку граница. Граѓанската војна беше искористена
и се уште се користи од грчките власти за пресметка со македонското
национално малцинство во Грција. За постигнување на таа цел, покрај физички
терор, протерување на Македонците од своите домови, се преземени и се уште
се преземаат разни правни и други мерки, како што се оневозможување на
репатријација на Македонците политички бегалци, деконфискација и враќање на
имотите и друго.
(Крај)
Рецензија од д-р Глигор Тодоровски
Со овој труд под горниот наслов авторот си постави задача да ги проучи и
јавно да ги презентира настаните што одиграа решавачка улога за трагичната
судбина на Македонците од егејскиот дел на Македонија по Втората светска
војна во текот на Граѓанската војна во Грција. Цениме дека авторот успешно
ја оствари задачата.
Приведуваме некои од решавачките настани што се обработени во трудот:
1. Авторот го поставува и дава одговор на прашањето кои се причините и
мотивите поради коишто Комунистичката партија на Грција (КПГ), која стоеше
на чело на Движењето на отпорот и водеше политика со се и со секого во
борбата за национално ослободување на Грција и ги склучи познатите
капитулантски договори на Плака, Либан, Казерта и др., со кои ЕЛАС се стави
под непосредна команда на владата во бегство на Англичаните, на 17 ноември
1944 одлучи да не ја изврши наредбата на владата и на командантот на
англиските воени сили во Грција, генерал Скоби, за реформирање на ЕЛАС, за
што беше обврзана со договорот во Казерта, и прашањето на власта го реши со
примена на силата на оружјето и тешките последици од таквата ориентација.
Горната одлука на КПГ ја предизвика воената интервенција, односно
декемвриските настани кои претставуваат почеток на Граѓанската војна во
Грција.
2. Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во текот на Втората
светска војна главно го заземаше и го применуваше ставот дека Македонците од
егејскиот дел на Македонија своите права ќе ги остварат во заедничката борба
со грчкиот народ против окупаторите под раководство на КПГ, секој обид на
егејските Македонци да ја обединат борбата со вардарските Македонци ја
осуетуваше, сметаше дека недостигаат објективни услови за обединување на
егејскиот со вардарскиот дел на Македонија и слично. Меѓутоа, КПЈ овој став
непосредно пред крајот на војната, односно во април 1945 година, го заменува
со ставот дека Македонците од егејскиот дел на Македонија имаат право да се
обединат, создавајќи во тој дел од Македонија свои политички и воени
организации и формации со задача да го реализираат тој став. Авторот врши
анализа и дава оценки за причините што придонесоа за таквиот став на КПЈ и
последиците од истиот.
3. Во февруари 1946 година КПЈ ја напушта тогашната политика, стратегија
и тактика за мирољубиво решение на грчкото внатрешно прашање и се определува
за вооружена форма на борба, не да ја заземе власта, туку да ја принуди
десницата на отстапки. Авторот презентира податоци за причините поради што
КПГ ја донесе одлуката за промена на формата на борбата и последиците на
истата.
4. На пазарувањата меѓу Тито и Захаријадис околу Македонците од егејскиот
дел на Македонија, нивниот статус во борбата и слично, авторот им обрнува
посебно внимание.
5. Авторот ги презентира основните причини за покажаниот голем интерес на
големите западни сили за Грција во текот и по Втората светска војна, за
воената интервенција на Велика Британија во декември 1944 година и на САД во
1947 годона, за ставот и политиката на Советскиот сојуз кон Грција и слично.
6. Во февруари 1947 година, во крајно неповолни внатрешни и надворешни
услови, раководството на КПГ донесе одлука за промена на главната задача на
ДАГ: од борба за мирољубиво решение со примена на револуционерни методи и
средства, односно со силата на оружјето. Авторот дава издржани оценки и
донесува правилни заклучоци поради што КПГ ја донесе горната одлука и
последиците од истата.
7. Авторот ги презентира основните причини и мотиви за масовното учество
и за покажаниот масовен хероизам на Македонците во борбата за извојуваните
национални придобивки на Македонците од трајна вредност во текот на борбата.
8. На крајот авторот се задржува на поразот на ДАГ и последиците од тоа.
При обработката на трудот авторот има користено богата архивска
документација и литература од земјата и од странство. Еден добар дел од
документацијата за прв пат се објавува.
Поради наведените и други факти трудот под наслов "Петте страшни години
(1945 - 1949)" го препорачувам за печатење.