ИСТОРИЈА

Гоце Делчев, апостол, идеолог и организатор на македонското национално и револуционерно движење, учител, војвода - 131 година од раѓањето

ДОСТОИНСТВО НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Пишува: Анита ДИМОВА

"Јас го разбирам светот единствено како поле за културно натпреварување меѓу народите".

"Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?".

Гоце

Годинава, која штотуку започна, е јубилејна по многу значајни историски датуми за македонскиот народ. Одбележувањето 100 години од Илинденското востание, но и 100 години од смртта на апостолот, идеологот и организаторот на македонско национално и револуционерно движење од крајот на ХIХ и почетокот на ХХ век, учителот, војводата Гоце Делчев кој го даде својот живот за Македонија кога имаше само 31 година. Повод повеќе да се потсетиме на 131-годишнината од неговото раѓање.

РЕВОЛУЦИОНЕРНО СЕМЕЈСТВО

Гоце (Георги) Делчев произлегува од релативно добро ситуирано кукушко семејство Делчеви. Роден е на 4 февруари 1872 година како прво машко дете, трето по ред чедо на бројната фамилија Делчеви која имаше вкупно девет деца. Гоце беше опкружен од тројца браќа (Мицо, Милан и Христо) и пет сестри (Руша, Цоца, Тина, Лика и Елена).

Татко му Никола Делчев беше кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнуваше од блиското село Мурарци.

Во родниот Кукуш Гоце Делчев помина половина од својот краткотраен животен пат. Тоа е првата, речиси идилична фаза што го опфаќа неговото детство. Првата етапа од неговото школување е сврзана со родниот град Кукуш. Тука Гоце се здоби со основното образование, а потоа школувањето го продолжи во Солун. Во Солунската гимназија ќе се случи и првиот јавен револуционерен истап на Делчев, на свеченоста посветена на роденденот на султанот Абдул Хамид II. Додека масата присутни акламирала "Чок јаша!" (Да живее), 17 годишниот Гоце Делчев, божем сепнат осамено извикал: "Аша!" (Долу) со што силно го подигна неговиот углед во солунската средина.

Подоцна, како питомец во военото училиште во Софија тајно ги посетува социјалистичките кружоци и ја шири социјалистичката литература, за што беше исклучен од училиштето.

Во 1894 година Гоце беше назначен за учител во Штип, каде што се запозна со Даме Груев, еден од основачите на ТМОРО.

Од 1896 година се зачлени во редовите на Организацијата и се до неговата смрт беше во Централниот комитет на ТМОРО.

За време на честите обиколки низ Македонија работеше на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Сета своја љубов и загриженост кон Македонија ја изразува во неговото писмо до Даме Груев во 1894 година: "Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?".

На Солунскиот конгрес на ВМРО од 1896 година, заедно со Ѓорче Петров добија задача да ги изработат Нацрт-уставот и Нацрт-правилникот на Организацијата. Оттогаш, па се до 1901 година беше задграничен претставник на ВМРО во Софија, каде што водеше долга и тешка битка со врховистите.

Гоце Делчев се залагаше за самостоен развој на Движењето и за организирање на македонските маси, без оглед на верата и националната припадност. Ослободувањето на Македонија го гледаше како нејзина внатрешна работа. "Ние не мислиме да правиме политика, ниту на други да им дозволиме да прават политика со Македонија. Нашата борба за нас тоа е живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме. Кога ќе се прави востание ќе реши народот" велеше тој. "Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која било друга сила, туку треба да се подготвиме од внатре - во душата на секој селанец да се проникне таа идеја".

Затоа и беше сериозно вознемирен кога слушна за решението на Централниот комитет за кревање предвремено востание.

ЕПИЛОГ

Во обид да ја осуети таа одлука и да го разубеди Даме Груев да се одложи најавеното востание, во април 1903 година допатува во Солун. Откако не успеа во тоа, со својата чета тргна на пат за Ловчанската корија на Али - Ботуш, каде го закажа конгресот на Серскиот округ на МРО по Ѓурѓовден (шести мај). Запре во село Баница, Серско, каде се сретна со четите на Димитар Гуштанов и Бродилијата. Тука се затекна и Димо Хаџи Димов.

На трети мај вечерта Гоце мошне импресиониран од Солунските атентатори ја искажува следнава мисла: "Ги разигравме анамите со широките шалвари во Солун. Така ќе ја потресеме целата турска гнила империја од темелите". Меѓутоа, трагичната смрт ги прекина сите негови далекусежни планови сврзани за македонската иднина.

Димо Хаџи Димов, Делчевиот близок соборец и учесник во борбата кај с. Баница, ни го остави следново потресно сведоштво: "Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш врз гробот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата...".

Војводата Михаил Чаков, кој се наоѓал само еден чекор од Гоце, кога тој паднал смртно погоден, раскажува: "Токму во зори тукушто бев заспал, слушам по скаличката брзи и тревожни чекори. Тоа беше Георги, полјакот на селото, кој ја турна и ја отвори вратата. Јас веднаш погледнав кон вратата што се отвори со силно трескање - и пред неа се испречи Георги со зборовите: 'Господин Чаков, свршено!', запрашав: 'Што има бре Георги?'. Полно е вели аскер! Го запрашав дали знае Делчев за тоа. Одговори: 'Му кажав. Му реков: Трчај и кажи му на Делчев да излеземе колку се може поскоро и да ги фатиме последните куќи, зашто овде живи ќе не испечат!'. Тргна да му јави на Делчев. Меѓутоа, штом излезе од портата да ја претрча улицата и да влезе во куќата кај Гоце Делчев, аскерите кои веќе беа влегле во селото, го видоа и го повикаа кај нив, та така тој не можеше ништо да јави.

Со другарите слегов во дворот на куќата, оградена со ѕид и појдов до самата порта. Отспротива беше портата на куќата во која беше Делчев. Оттаму излегоа две девојчиња за да влезат во соседната куќа. Ги запрашав: 'Што прават другарите?'. Едното од нив одговори: 'Рекоа да дојдете ваму'. Меѓутоа, девојчето го рекло тоа без некој да & каже така да рече. Му реков на Таската дека јас ќе ја пресечам улицата и ќе влезам кај Гоцета. Со трчаница влегов во портата и Делчев, кој беше излегол до самата порта со пушката и ножот во неа, одеднаш се нафрли на мене и за малку ќе ме набодеше, а истовремено и ќе пукнеше. Кога ме виде, изненадено извика: 'Леле, Чаков, што ќе сторев! Добро што дојде. Фати го левото крило на портата и кажи им на другите да стојат во нивната куќа!'.

Штом забележавме дека турската војска навлегува во куќите и ги претресува, Гоце рече: 'Чаков, ајде да фатиме низ село, па што ќе даде Господ!'. Излеговме и тргнавме по уличката. Среќа што уличките беа тесни и кривулчеа меѓу куќите, па не можеа да не забележат. Излеговме сите четиринаесет души, со исклучок на Георги Радев, кој го напушти селото уште ноќта, не јавувајќи се никому.

Дојдовме до крајот на селото и последната куќа остана лево од нас. Врвевме по полјанката, а отспротива, на околу триесет-четириесет чекори пред нас, имаше ѕидчиња, седумдесет сантиметри високи, со какви што се заградуваат нивите.

Како што врвевме двајцата, од зад ѕидовите аскерите се покажаа со пушките насочени кон нас. Гоце веќе ги виде и, како што ја носеше пушката на лакотот од левата рака, извика: 'Верата ваша!'. Првата пушка ја пукна тој. Сите легнавме наземи, а Гоце остана простум - ја полнеше пушката. Како луд му свикав: 'Легнувај Гоце!' Легна, но на самото легнување еден куршум го пронижа во левата града и тој падна врз својата пушка. Во првиот миг јас помислив дека се затскрива, меѓутоа тој ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи во другарите што се беа растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните свои зборови: 'Ах момци, рани...' и ја испушти душата".

Смртта на Гоце Делчев, изгледа не е случајна. Сите патишта водат кон предавство. Неговото исчезнување го посакувале многу фактори. Но, кој е предавникот, или предавниците ќе одговорат понатамошните истражувања.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"