окажете трошка доблест и кажете
ја вистината! Навистина се надевавме дека по нашето протестно писмо кое не
беше ништо друго освен крик за огромната болка и неправда што ни е нанесена,
кај Вас ќе проработи честа и правичноста. Но, очигледно сме погрешиле. Вие
во Вашиот таканаречен демант објавен во медиумите не најдовте доблест ниту
да одговорите на нашите неколку јавно поставени прашања до Вас. Наместо тоа
што покрај нас веруваме го очекуваше и целата македонска јавност, Вие сте
напишале празен извештај од неколку стотини редови, кој личи на се друго,
само не на демант. Всушност, Вие со Вашето писание најмногу се демантирате
самиот себе и функцијата која ја извршувате. Вие како да не сте го прочитале
нашето прво писмо или не сте ја разбрале суштината.
Велите дека во потполност го разбирате нашиот гнев. Многу Ви благодариме
за ваквото разбирање, господине Наумовски. Но, ние не баравме разбирање и
милостина, туку правдина и вистина. Вие не ги повредивте нашите човекови
права, Вие грубо и безочно ни ги одземате нашите законски стекнати права.
Велите дека во нашето писмо има голем емоционален набој. А што очекувавте од
бездомниците кои ни криви ни должни "правно ги масакриравте". Зарем со тоа
што не фрлате на улица треба да Ве славиме за вашите "врвни достигнувања".
Каков парадокс.
Во вашето писаниа споменувате некакви ментори кои најверојатно се плод на
вашите стручни стравувања и имагинација. Не плашете се господине Омбдусман.
Зад овие редови не стојат никакви ментори. Напротив, зад ова стојат неколку
стотици оштетени и обесправени граѓани од цела Македонија. Во името на
нашите недолжни деца кои станаа заложници на нечија погрешна проценка, нема
да замолчиме по никоја цена. Зошто по 23 декември 2002 година нашите деца
наместо "Том и Џери" почнаа да гледаат ТВ-дневник за да разберат зошто некој
им го одзема она на што најмногу се израдувале? Вие господине Наумовски како
да сте застанале со времето, таму некаде во септември. Постојано зборувате
за една категорија граѓани, оние кои се одбиени, а ние како да не постоиме.
Со ваквиот приод Вие ги злоупотребувате правата на сите граѓани, па и на
оние кои мислите дека ги штитите. Од друга страна и во оваа прилика сакаме
да потенцираме дека нашиот крик за правда е во името на сите оние кои
заслужено добиле право на закуп на стан и ги исполнуваат сите критериуми.
Вие господине Наумовски изгледа упорно сакате да се убедите себеси и другите
дека никој од нас не заслужува покрив над главата. Зошто мислите така кога
самиот признавте дека воопшто не сте ги виделе нашите документи? Зошто
прејудицирано ни пресудивте со најстрога казна? Дали заради некои лични
интереси?
Во врска со бројот на претставките кои дошле до Вас досега изнесовте
неколку различни податоци, па не знаеме каде е вистината. Еднаш рековте 60
претставки, на средбата со нас пред повеќе од еден месец споменавте бројка
од над 300 претставки, за сега во весниците да излезете со податок од 149
претставки. Значи од 300, колку што биле пред еден месец, сега ги
преполовивте на 149 претставки. Вие изгледа заборавивте дека на таа средба
беа присутни и медиумите и лесно може да се докаже што рековте тогаш.
Впрочем, и оние десетици граѓани кои беа кај Вас се се уште живи и можат
да посведочат. Крајно време е еднаш да се определите и да не ја игнорирате
јавноста. А и тие 149 "наводни претставки" се дискутабилни, бидејќи се
говори дека има претставки и од лица кои воопшто не се јавиле на огласите.
Имало случаи и на некои претставки за едно исто лице и слично. На крајот на
краиштата Вашата успешност не треба да ја мерите според бројот на
претставките, туку според веродостојноста, аргументите и законските факти.
Наместо тоа, Вие во името на некоја наводна правичност мислите дека е
подобро прво "да не погребате" нас добитниците на становите, па потоа "ќе не
оплакувате", односно ќе ги браните нашите права. Во Вашето писание
споменувате некакви 600-700 граѓани кои божем очекуваат од Вас да ги
застапувате, иако не упатиле претставки. Каков апсурд. Чудно и несфатливо е
тоа што се умислувате за "велик спасител", а од друга страна газите врз
нашето достоинство и врз нашата мака. Ги броите, ги делите луѓето и
човековите права, само не ги штитите.
Изгледа повеќе Ве интересира статистиката од правото. Во еден дел од
Вашето писание споменувате некакви наводни закани, уцени и сл. од поединци,
групи, органи и институции. Веднаш да Ви одговориме дека ние како бездомници
не располагаме со овие механизми. Напротив, Вие како државен орган ја имате
моќта, а кој манипулира со честа, достоинството и чувствата на сиромашните,
најдобро ќе оцени јавноста. Ние не сме пречка да не профункционира правната
држава како што сметате Вие, ние сме само последица од тоа. Од друга страна
ние цело време бараме да проработи правдата и сите кои заслужено добиле
станови да ги задржат истите, наместо да бидат обесправени и дискриминирани.
И на крајот повторно се надеваме дека конечно ќе проработи совеста кај
Вас господине Омбудсман и ќе одговорите на нашите јавно поставени прашања на
кои уште еднаш Ве потсетуваме:
1. Како можевте да побарате поништување на огласите без претходно да ги
погледнете нашите документи? Или можеби читате од дланка или гатате!?
2. Зошто претходно не предочивте дека нема "поблиски критериуми" во
јавниот оглас кој десет дена излегуваше во сите јавни гласила. Зошто тогаш
молчевте прво како Правобранител, а потоа и како човек. Дали чувствувавте
дека предизвикавте тотална правна несигурност во државата?
3. Дали на тој ист конкурс, на кој "немало поблиски" критериуми, не
конкурирале и ваши блиски роднини и познаници?
4. Зошто на невидено не испративте на гилотина, чии државјани сме ние па
не сме достојни за "Вашата селективна правда"?