КУЛТУРА

Зимска панорама обвиена во празнични чествувања

ВО ПОДГОРЦИ НА ТОПЛА РАКИЈА

Пишува: Стојан КУКУНЕШОСКИ

  • Визитата почнува од најдолната куќа на селото, одејќи од маало до маало и од куќа во куќа, честитајќи ја Новата Година, со бакнување рака на домаќинот.
  • Сите подгорчани во попладневните часови одат на селскиот извор "Марул" кој го завируваат за утредента да се фрли и освети црковниот селски крст.

Подгорци, на 15 километри северозападно од Струга, во подножјето на планината Јабланица, на 900 метри надморска височина живее во зимска идила. Со започнувањето на зимските православни празници, поточно од Митровден па се до Ѓурѓовден, во Подгорци се пие само топла ракија. Нема куќа која во текот на летниот период не сварила 10 казани ракија. Зошто? Затоа што во зима празниците во Подгорци се слават со топла ракија.

Најмногу топла ракија се пие на 14 јануари за време на празнувањето на Стара Нова година - што подгорчани ја нарекувааат Сурова Нова Година. На 13 јануари секоја година во организација на Василичарското друштво од Подгорци, Стара Нова година традиционално се чека во црковната трпезарија во кругот на црквата "Свети Никола".

ВЕКОВНА ТРАДИЦИЈА

На 14 јануари во раните утрински часови маскирани подгоречки василичари, предводени од зетот и невестата, заедно со василичарската музика се упатуваат на селската чешма "Клајнец" за да се наполни вода за здравје, а потоа секоја домаќинка носи василичарки и ги става на чешмата, полни вода од селската чешма за домаќинките да месат кашаник со паричка. Потоа дефилето почнува од најдолната куќа на селото, одејќи од маало до маало и од куќа во куќа, честитајќи ја Новата Година, со бакнување рака на домаќинот. А, пак домаќинот ја дарува невестата и зетот со пари, а сите други василичари и присутни гости кои ја следат поворката ги почестува со топла ракија.

Со завршување на посетата на последната куќа од Горното Маало, започнува главната прослава во 14 часот во центарот на селото, односно на местото наречено "Ориште" каде што се игра "Василичарското оро". Исто така, според обичајот, учесниците на карневалот одат на визита кај двата Василевци, што го носат името на Василиј. Кај домаќините се игра, се пее и се пие топла ракија и на василичарите заедно со василичарската музика им се дава ручек - "кашаник". Се смета дека подгоречките василичари имаат традиција колку што е и старо селото. Подгоречката порака на сите василичари е: За многу години, в година повесели и порадосни!

СВЕТИ ПРАЗНУВАЊА

Но, по кратка пауза, подгорчани ја продолжуваат традиција на топла ракија и тоа за празнување на Богојавление - Водици. Започнува на 19 јануари со канење на кумовите од шесте крстови во Подгорци и тоа: Марински, Стрезовски, Мартиновски, Торбичковски, Србаковски и Шкуртовски крст, и со колење на шесте овни - курбан. Потоа двајцата кумови, стариот што го слави оваа година Свети Јован и младиот кум што го прима крстот и кумството, одат од куќа до куќа со својот крст на посен грав, туршија, пиперки и топла ракија, а домаќините младиот кум го прскаат со вода за здравје. Потоа сите подгорчани во попладневните часови одат на селскиот извор "Марул" кој го завируваат за утредента да се фрли и освети црковниот селски крст. Додека се прави вирот, другите пијат топла ракија донесена од кумовите.

Наредниот ден сите православни жители и иселеници од Подгорци се собираат во црковниот двор на "Свети Никола" од каде што поворката тргнува до селскиот извор "Марул" за осветување на водата, фрлање и фаќање на крстот. А, оние што го слават и оние што примаат крстот - кумството во црквата и на изворот носат 12 бардаци топла ракија за да ги почестат гостите.

Пред големиот број верници, од Подгорци и други гости, каде што светиот крст во изворот "Марул" го спушти свештеникот Ило од Струга, од вкупно 4 учесници во "трката" по крстот, најсреќен беше осмоодделенецот Драгиша Мукоски кому, според верувањато, фаќањето на крстот би требало да му донесе среќа, здравје и благосостојба. Како награда за фаќањето на крстот, сите присутни го бакнуваа крстот и го даруваа со пари. Потоа церемонијата продолжи на честитање кај оние што го примија крстот - кумството и кај оние што го носат името Војо, а наредниот ден, односно последниот ден од ова славење, пак се започнува од црковниот двор од каде се оди на топла ракија кај сите оние што тој ден даваат визита и што го носат името Јован.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"