Изложби

Слики во маслена техника

Скопје, 24 јануари.

Во Музејот на Скопје беше отворена самостојна изложба на Марија Марковска. Таа се претстави со 35 слики работени во маслена техника во различни димензии.

Реинституцијализација

Рим, 27 јануари.

Во повеќе јавни објекти беше отворена изложбата "Реинституцијализација" во која покрај Betty Bee од Неапол, Assaf Etiel и Bernhard Garbert, Dodi Reifenberg, Frahonde Shahrudi, Micha Ullman, Birgit Marija Wolf, македонскиот претставник Јован Балов учествува со серијата фотографии "Весела долина". Неговата фотоинсталација е поставена во јавните простории на римската железничка станица "Tiburtina FS" на која на истиот ден (27.01.1942) биле депортирани римските евреи во логорот Auschwitz, а денес истата станица е собирно место на ромите од "Шуто Оризари" што живеат или престојуваат во Рим. Изложбата е Проект на италијанската фондација "Театар и уметност -Берлин". Куратор на изложбата е Патриција Бисци.

Конопишка ликовна колонија

Скопје, 27 јануари.

Изложбата со дела од меѓународната Конопишка ликовна колонија која се одржа минатата година во Михајлово, Кавадаречко, беше отворена во Музејот на град Скопје. На неа се претставени триесетина дела од 18 учесници на колонијата, работени во комбинирана техника. Организатори на колонијата која се одржа по петти пат се Младинскиот совет на Кавадарци и галеријата "Реноар" од Скопје.

Помош за уметници

Њујорк, 28 јануари.

Младата дизајнерка на накит Билјана Клекачкоска неделава ќе го изложи својот накит на меѓународниот саем за подароци во Њујорк. Поканата за учество на саемот е од американската организација "Помош за уметници". Освен на саемот Клекачкоска ќе учествува и на обука за запознавање на американскиот пазар и тренд, секако со цел за идни продажни изложби на тие простори.


Книги

Озрачување на стварноста

Скопје, 23 јануари.

Најновата книга на Трајан Петровски "Озрачување на стварноста" беше промовирана во Друштвото на писателите на Македонија. Делото поднасловено со "Анадолски бденија и провиденија" се всушност записи на авторот од времето на неговиот дипломатски престој во Турција.

Раздробување на зборот

Скопје, 24 јануари.

Во издание на "Студентски збор" излезе од печат стихозбирката на Борис Апостолов насловена како "Раздробување на зборот". Книгата содржи 43 песни.

Театарот во Македонија

Скопје, 27 јануари.

Во театарот "Центар" беше промовирана најновата книга на Ристо Стефановски "Театарот во Македонија - современи тенденции", во издание на Македонскиот народен театар. Книгата ја промовираа Бранко Ставрев, Венко Андоновски и Георги Сталев. Оваа книга е трето продолжение од циклус "Театарот во Македонија" и го опфаќа периодот од 1958 до 1962 година.


Театар

Бела смрт

Скопје, 23 јануари.

Во Салонот 19,19 се одржа претставата "Бела смрт- White death" во изведба на Младинскиот културен форум од Свети Николе. Автор на текстот е Методи Манев.

Доктор Џекил и Мистер Хајд

Скопје, 27 јануари.

Балетот на Народното позориште од Белград, гостуваше во Македонскиот народен театар со претставата "Доктор Џекил и Мистер Хајд" во кореографија и режија на Владимир Логунов.

Настапија првенците на белградскиот балет: Константин Костјуков, Константин Тешеа, Душка Градичевиќ и други.

Драмска соработка

Штип, 27 јануари.

По соработката со бугарски и украински автори, претставувајќи & ја на домашната публика богатата драматургија на овие земји, Народниот театар од Штип ја започнува соработката и со авторите од соседна Грција. Најновиот Проект ќе се реализира со ансамблот на оваа театарска куќа, а со чии проби се почнува и претставата "Тромбонот" од Мариос Пондикос, во режија на Петрос Панамос, двајцата гости од Грција.

Порги и Бес

Скопје, 28 јануари.

Уметници на МНТ идниот месец ќе настапат на нивната сцена со "Порги и Бес". Гостувањето е голем настан за Балетот, зашто соработката беше прекината од повеќе причини и состојбите добија погрешен тек.


Музика

Софистицирани хоусе бисери

Англија, 27 јануари.

"Visual Reality" е вториот сингл на нашиот продуцент Мартин Апостолов кој деновиве се појави на миксан албум во издание на реномираната tech-house издавачка куќа "Plastic City" за која издаваат имиња како
Terry, Lee Brown Junior, G-Pal, Get Fucked (Nathan Coles & Nils Hess), The Timewriter и др. Албумот е насловен "Deep Train 2, Destination Soul". На него се наоѓаат 15 траки на познати продуценти и dj меѓу кои се Swayzak, Asad Rizvi, Blu Mar Ten, Fred Everything, Neon Heights и секако Max Hyber. CD-то е издадено за издавачката куќа Sonambulist Recordings од Англија. Инаку целиот тираж на синглот е распродаден за само еден месец и тоа најголемиот дел во САД и во УК, а плочата доби поддршка од dj-и од сите старни на светот, почнувајќи од Лас Вегас, преку Лондон и Ротердам, па се до новото жариште на електронската музика, Москва.

Царот неготински во Австралија

Скопје, 27 јануари.

Фолк пејачот Орце Стефковски, познат како "Царот неготински" заминува на едномесечна турнеја низ Австралија. Ќе одржи 10-тина концерти во повеќе градови каде што живеат нашите иселеници, како Мелбурн, Перт, Сиднеј, Волонгог. Покрај старите познати песни ќе пее и од новите од последното CD "Сакам, сакам струмичка мастика", во издание на "Сенатор рекордс".

Тоше го освојува светот

Скопје, 28 јануари.

Поп-ѕвездата Тоше Проески на први февруари ќе настапи во Цирих, Швајцарија, а на 14 и 15 ќе се претстави и пред публиката во Берн. Еден ден подоцна ќе гостува на концертот на познатата југословенска ѕвезда Жељко Јоксимовиќ во Лондон, каде што ќе се сретне со тамошните композитори, кои ќе бидат вклучени во снимањето на неговиот нов албум на англиски јазик. Тоше ќе патува и во Мадрид каде што со композиторот Пампкин Долс ќе го финализира договорот за снимање дует со некоја од шпанските ѕвезди.


Филм

Вљубениот Леви

Скопје, 23 јануари.

Премиерната проекција на првиот македонски 3Д-анимиран филм "Вљубениот Леви", снимен по сценарио и во режија на Орде Стеваноски, беше одржана во Музејот на современата уметност. Филмот не е подготвен за киноприкажување, но ќе биде емитуван на Националната телевизија.

Светска премиера "Вљубениот Леви" доживеа на филмскиот фестивал "ФИПА" во Биариц, Франција, каде што е во официјална конкуренција за кратки филмови меѓу 50 остварувања, од кои 13 се анимирани.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"