КУЛТУРА

Татјана Лазаревска со ново ЦД

"СЕ ЌЕ ПРЕВРТАМ"

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Со помош на песната и нејзиниот ведар лик им ја ублажува болката за родниот крај на многу Македонци ширум светот.
  • Иако досега има снимено три албума, пред неа се се уште години на успешна кариера кои ќе донесат уште многу песни испеани од нејзиното грло.

Татјана Лазаревска, талентирана млада фолк пејачка со својата амбициозност и весел темперамент успешно граби напред освојувајќи ја публиката не само во Македонија, туку и насекаде во светот. Нејзините препознатливи песни "А, бре чичо" и "Аце, Аце" успешно ја вивнаа во светот на музичкото небо, а во текот на нејзината неколкугодишна кариера успеа да го сними и нејзиното најново CD - "Се ќе превртам".

Неодамна во ресторанот "Финестра" таа го промовираше третиот албум кој е во издание на продуцентската куќа "Сенатор рекордс" од Битола, а на него се наоѓаат 11 композиции.

ТРЕТО CD

На новото CD како автор најмногу е застапен нејзиниот колега од македонската фолк естрада, Горан Тодоровски.

Имам неколку песни од него во кои се јавува како автор и на музика и на текст, вели Татјана. Исто така кога станува збор за текстови најмногу соработувам со Радмила Митровиќ, но застапени се и Драги Станков, Ѓорѓи Калајџиев, посебно Милан Зафков. Во основа песните се збир од неколку фестивали на кои сум настапувала - двапати на "Рос", од "Филиграни", од "Охридски трубадури", од "Тетовскиот фолк фест" каде што настапив заедно со мојот сопруг Новица кој е вокал во групата "Биоритам", од "Низа фестивалот", од "Серенада на широк сокак" и три композиции кои самата си ги одбрав. Насловот на CD -то е според една од песните "Се ќе превртам", песна која многу ми е драга затоа што е од мојот пријател и музичар Мартин Вучиќ. Ова е негова прва фолк песна која ја искомпонирал за мене, а се надевам дека нашата соработка и натаму ќе продолжи. Многу сум задоволна од изборот на песните, преовладуваат весели песни со побрз ритам, кои го опишуваат мојот стил и имиџ.

Татјана воопшто не размислува да го препее албумот на друг јазик, особено не на српски. Сега засега нема такви амбиции, меѓутоа албумот ќе се продава ширум светот каде што има Македонци благодарение на "Сенатор рекордс". Оваа продуцентска куќа соработува со сите музички продавници надвор од Македонија - Америка, Австралија, Европа така што "Се ќе превртам" ќе се најде и таму.

За мене Македонија е доволна, вели Татјана. Ова е мое трето CD коешто е во продукција на "Сенатор рекордс", куќа за која сметам дека е најдобра и можеби единствена освен Македонската телевизија којашто се уште не е средена во тој однос. Познати ни се промените во оваа телевизија, па условите коишто ги нудат не се многу поволни за нас пејачите.

"Сенатор рекордс" како единствен и најдобар мислам дека има најдобра дистрибуција, со години соработуваме и токму поради тие причини и понатаму ќе соработувам со неа. Тимот што победува не се менува, нели? Првиот албум беше "А, бре чичо", а вториот "Аце, Аце" кои се насловени според двете препознатливи песни за кои сметам дека ме вивнаа во небото на музичките фолк ѕвезди и затоа беа одбрани како работни наслови на двата албума.

ЗА ФЕСТИВАЛИТЕ

Татјана Лазаревска за првпат настапи на "Охридски трубадури" во 1996 година, со песната "Баже, Благоја" и веднаш потоа на крајот на годината излезе и нејзиното прво CD така што оттогаш наваму веќе неколку години успешно ја гради музичката кариера, полека, но сигурно, скала по скала.

Познатиот музичар Милан Зафков беше "виновникот" којшто ме откри и ме проби во македонската фолк сцена, објаснува Татјана. Првото CD беше комплетно компонирано од него. Оттогаш наваму се уште соработуваме, но не толку често затоа што сакав да сменам малку и да ги застапам и другите автори. Кога станува збор за фестивалите, тоа што ме има на нив значи дека донекаде ги одобрувам, но не сите. Затоа и правам селекција. Сум пробала да настапам на секој фестивал чисто да видам како тие се одвиваат. На тој начин дојдов до заклучок дека треба да правам селекција и да одберам на кој фестивал ќе пеам. Како еден од поквалитетните фестивали би го издвоила "Рос", а како добар се покажа и фестивалот "Низа" кој за првпат се одржа минатата година. Се согласувам со констатацијата дека имаме премногу фестивали во текот на една година и дека треба да се сведат максимум на два до три. Голема продукција се создава, многу песни, нема време каде да се извртат, бидејќи нашата презентација на медиумите е сведена на нула. Мислам дека токму таа е причината поради која македонската фолк музика, за жал, изумира. Се надевам дека со промените во политиката ќе се сменат работите во музиката и пак ќе кажам за жал, бидејќи музиката не треба да има никаква врска со политиката. Но, во нашава држава се зависи од политиката, па така и музиката.

Купувањето и местењето на награди, според Татјана, е јавна тајна. Поради тој факт и таа го поддржува "Рос" фестивалот како и другите нејзини колеги затоа што нема награди, нема натпреварување.

А за тоа колку квалитетни пејачи има во фолк музиката, за неа, повторно зависи на кои фестивали кои пејачи се појавуваат.

На пример на "Рос" фестивалот се поканети најдобрите имиња од фолк естрадата, додека на "Валандово", па и "Цветници", толку рејтингот им падна, што пејачите од првата гарнитура и не сакаат да настапуваат, вели Татјана, токму поради тие местења, поради нечесните работи што се случуваат на тие фестивали.

ВО ДИЈАСПОРАТА

Пред неколку месеци Татјана беше во Париз, Франција, а сега веќе има покана да гостува во Италија и во Швајцарија. Македонците од дијаспората имале можност да ја видат и слушнат и во Австралија, Канада, Германија, Швајцарија каде што била топло пречекувана.

За новогодишните празници бев во Америка и кога ќе ме прашаат како си поминав, зборот убаво е премал за да го објаснам чувството кога бев меѓу нашите Македонци, додава Татјана. Приемот на нашите во Америка беше прекрасен, имавме четири концерти со колегата Марјан Коцев. Бевеме во државата Њу Џерси и сите четири настапи ни беа во огромната сала која е во рамките на црквата "Свети Никола". Пеевме во живо заедно со "Александрија" која е од Њу Џерси, а чии членови се наши Македонци коишто живеат и работат таму. Луѓето таму се желни да видат што се случува овде во Македонија, а тоа најдобро можат да го видат преку телевизија, но тоа им е оневозможено. Исто во Австралија луѓето се жалат дека ништо друго не гледаат освен некои македонски документарни филмови, а воопшто нема забавни емисии. И тие сакаат да слушнат и да видат добра македонска народна музика, бидејќи тоа е онаа музика којашто ја познаваат и по која сме препознатливи насекаде во светот. Многу ми е мило што, по се изгледа, емисијата на Драган Вучиќ 1+2 ќе се емитува на Македонската телевизија и некои други забавни емисии од таков тип кои ќе одат и преку сателит.

Татјана е дипломиран професор за предучилишно воспитание, диплома која не ја користи за да бара работа. И понатаму се посветува на учењето продолжувајќи на постдипломски студии, но од ова што го заработува како пејачка многу е задоволна, дури и презадоволна.

И мојот сопруг се занимава со музика и двајцата живееме од неа и можам да кажам дека имаме добар стандард, вели Татјана. Секако дека оваа професија е напорна, бара многу патувања и вечерни настапи, но сепак има време и за приватен живот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"