Мејдани во Тетово
Поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Мејдани, при посетата на
Тетово, на албанските партии им порачал брза имплементација на охридскиот
Договор.Тој потенцирал дека побрзото имплементирање на Рамковниот договор ќе
помогне во европските интеграции, интеграција во НАТО за што работат трите
држави - Македонија, Албанија и Хрватска.
Македонски криминалец уапсен во Бугарија
Македонскиот државјанин Еран С. е уапсен од бугарската полиција при
неговиот обид да ја премине бугарско-македонската граница на преминот Ѓошево
- Деве Баир. Неодамна Еран С. бил ослободен од издржување четиригодишна
казна затвор во Централниот софиски затвор, но полициските власти од Софија
трагале по него поради извршена кражба.
Македонска средба
Во Охрид, претставници на Институтот за трајни вредности се сретнале со
претседателот на Организација за заштита на правата на Македонците во
Република Албанија "Друштво ПРЕСПА" - секција Подградец, господинот Јован
Шкемби. На средбата се разгледувале можностите за соработка меѓу Македонците
од двете страни на границата.
При оваа средба, на претседателот Шкемби му беше предаден подарок во
книги, како вовед кон една побогата соработка во ширењето и зацврстувањето
на македонскиот јазик меѓу Македонците во Република Албанија.
Враќање на Црешовото топче?
Советот за научно-културните средби "Десет дена Крушевска република"
доставил иницијатива оригиналното црешово топче и знамето на Крушевската
чета од 1903 година кои се наоѓаат во Истанбул, Турција, да се вратат во
Македонија. Советот покренал само иницијатива додека работите ќе одат преку
државните институции на билатерално ниво со Турција.
Грчката Влада не дава пари за Македонците
Владата на Грција планира да потроши 260 милиони евра во следните три
години за интеграција на новодојденци, како и за подобрување на образовните
и здравствените услуги кои треба да им се направат подостапни. Наспроти ова,
за Македонците (староседелците) во Егејска Македонија (северна Грција) не се
предвидени средства за ваква намена.
Синхронизација на "Вчерашниот ручек"
Филмот "Подгревање на вчерашниот ручек" кој е снимен во
бугарско-македонска копродукција ќе се синхронизира и на македонски јазик.
Десетина македонски уметници ги позајмија своите гласови чие синхронизирање
ќе заврши за дваесетина дена.
Алтернативен туризам
Охридскиот и преспанскиот регион што навлегува во Македонија, Албанија и
Грција ќе им се понуди на европските туристи на саемот за алтернативен
туризам во Хановер, Германија. Алтернативниот туризам подразбира пешачки и
велосипедски тури и е поинаков од масовниот туризам.
Албанија најголем извезувач на дрога
Приштинската радио-телевизија "Радио 21" објавила дека според
констатацијата на американски експерти, Албанија извезува дрога во вредност
од 2 милијарди долари годишно. Неколку европски земји тврдат дека 40 до 90
отсто од трговијата со дрога, бело робје и оружје во тие земји ја покриваат
албански банди.
Крај за Југославија
Според "Ројтерс", српскиот Парламент ја усвоил Уставната повелба на
идната држава Србија и Црна Гора, по што се очекува тоа да го стори и
црногорскиот Парламент. Ова усвојување на Уставната повелба ќе значи крај за
сегашна Југославија и формирање на нова заедничка држава на Србија и Црна
Гора.
Советски клириншки долг
На покана на руското Министерство за финансии деновиве во Москва се
одржани неколку средби со сите држави-наследнички на поранешна СФРЈ на кои
се преговарало за враќање на клириншкиот долг на поранешна СССР. Руската
страна најавила дека ќе почне билатерални договори со наследничките на
поранешна СФРЈ за времето и начинот на кој долгот ќе биде враќан дури откога
ќе биде утврден точниот износ на клириншкиот долг.
Полициски семинар без Македонија
Шефовите на полициите од Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина,
Хрватска, Албанија, Романија и Бугарија се сретнале во Софија на заеднички
тридневен семинар. Македонија на овој семинар не беше присутна.
|