Јалова "жетва" на МВР

Во масовна четиридневна акција што деновиве била спроведена во Кичево, Македонски брод, Прилеп, Скопје и Куманово, полицијата запленила дури пет пиштоли, една автоматска пушка и над 60 парчиња муниција. "Најголем" дел од оружјето било пронајдено во селото Пласница меѓу Македонски брод и Кичево.

Неофицијално, во Македонија моментно има од 600 до 800.000 парчиња илегално оружје.

Матејчани бараат безбедност

Деновиве во Куманово се одржа собир што го организираше ЕКО-канцеларијата во Македонија со протераните жители од Матејче со презентација на процесот на реконструкција на оштетените куќи во воениот конфликт. Наспроти понудата за реконструкција според проектот на ИМГ, протераните Македонци бараат непречено и слободно движење на целата територија на Општина Липково.

Хари Костов реагира за ослободените Албанци

Првиот полицаец, Хари Костов, побара од Републичкиот судски совет да ја испита одговорноста на судијата Мемет Алиу од Основниот суд во Гостивар, кој наместо да ги притвори, ги пуштил на слобода тројцата осомничени за убиството на три странски државјанки и еден македонски државјанин во гостиварското село Добри Дол.

Иако постапката беше завршена, а имавме и сведоци и докази, судијата не ги притвори осомничените, туку ги пушти на слобода. Им ги одзеде само патните исправи, рече министерот Костов.

Гошев имал лесна сообраќајка

Министерот за финансии, Петар Гошев, имал лесна сообраќајна несреќа со својот автомобил "субару" изминатиов викенд на улицата "Теодосиј Гологанов" во населбата Тафталиџе во Скопје. Во несреќата немало повредени лица, а причинета е материјална штета од 20.000 денари.

Пари за учеството во изборната кампања

Коалицијата "Главата горе", односно опозиционите партии ВМРО-ДПМНЕ и ЛП бараат од Буџетот да им се исплати нешто повеќе од 75 илјади евра, за направените трошоци во кампањата за септемвриските парламентарни избори. За учеството во изборната кампања Коалицијата "За" треба да добие 119 илјади евра, партијата ДУИ - 35 илјади евра, ДПА - 15 илјади евра, додека на ПДП и СПМ им следуваат по шест илјади евра.

Притворен екс-директорот на Фондот за вино

Зоранчо Митровски, поранешен прв човек на Фондот за вино на Македонија и директор на штипската фирма "Езимит", против кого веќе седум години се води судски процес поради недозволена трговија со алкохолни пијалаци, од неодамна е во притвор во штипскиот меѓуопштински затвор. Во затворот Митровски е во друштво на Амбди Бајрам и Илко Георгиев од ВМРО-ДПМНЕ.

Нападната ДУИ во Скопје

Непознати напаѓачи со автоматско оружје и ракетен фрлач пукале во седиштето на ДУИ во скопската населба Чаир. Од истрелите нема повредени, причинета е само материјална штета. Неколку дена пред овој настан беше пукано во седиштето на ДУИ во Гостивар.

Нов ред во рекламирањето

За да воведат ред во користењето на јавните површини за рекламирање, градските власти најавуваат дека ќе ги отстранат билбордите во строгиот центар на градот. Двете фирми што сега имаат право да рекламираат, "Еуролинија" и "Акцент медија", ќе може да поставуваат само сити-лајт или мали рекламни паноа.

Децата бездомници - жртви на злоупотреба

Центарот за детски права веќе две години им дава можност на децата бездомници да добијат бесплатна социјална и правна помош. Истовремено, Центарот работи на подигање на свеста на децата и на возрасните, за правата на детето и малолетничката правда. Децата бездомници се чест декор во сите делови на Скопје и изложени се на најразлични злоупотреби.

Ни се заканува млечна криза

Млекопреработувачите предупредија дека ќе го запрат откупот на млеко од домашните производители ако не се преземат мерки за спречување на прекумерниот увоз. Поради ваквите состојби тие најавуваат нова млечна криза.

Волк во центарот на Прилеп

Во дворот на семејството Михајловски, на улица "Борка Талески" број 40 во центарот на Прилеп, убиен е волк. Волкот го забележал Васко Михајловски, кој на помош го повикал својот пријател - ловџија. Пред неколку дена во една приградска населба на Прилеп биле убиени уште два волци.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"