Стоп за отказните решенија во Телеком

Новите сопственици на "Македонски телекомуникации" немаат право до 2007 година да отпуштаат вработени, бидејќи такво нешто е спротивно на Акционерскиот договор склучен при продажбата на компанијата, тврди поранешниот директор на "Телеком, Даниел Дончев, во врска со информациите дека во усвоениот тригодишен бизнис-план на компанијата е предвидено намалување на вкупниот број вработени за 1.000 луѓе. Тој објаснува дека иако во договорот не е таксативно наведено оти нема отпуштања, ова било обезбедено со еден член од договорот во кој стои дека бизнис-планот донесен од "Македонски телекомуникации" мора да биде конзистентен со техничката понуда доставена при доставувањето на финалната понуда за купување на 51 отсто од акциите, што инаку значи дека пред да се усвои тригодишниот план требало да се прочита и техничката понуда во која "Матав" има наведено оти до 2007 година нема да отпушта вработени.

Предилницата чека виза од Владата

И покрај тоа што изминаа шест месеци од продажбата на "Предилница", делот од загубарот "Македонка" кој успеа да го спаси штипска "Баргала", производството во оваа фабрика никако да стартува. Причината за тоа е немањето валидна верификација на купопродажниот договор од страна на Министерството за економија, иако фабриката е добиена на регуларен тендер меѓу три конкуренти. Имено, за "Предилница" конкурираа, покрај "Баргала" (доминантен сопственик на оваа фабрика за чевли е транснациналната компанија "Интершус"), и фирмите "Еуротекс Трајан" и контроверзната "Индиго компани", зад која стоеше Смиленски. Сепак, "Предилница" ја доби "Баргала" откако претходните две не успеаја да обезбедат првокласни банкарски гаранции за средствата за купување на овој дел од "Македонка".

Трајковски во Давос

Претстојниот самит на Европската унија во Солун и идејата за слободна трговска зона во Југоисточна Европа беа главните теми на кои говореше претседателот Борис Трајковски на Светскиот економски форум во Давос.

На овој начин лидерите и министрите од ЈИЕ се обидуваат да ги лоцираат предизвиците за кои треба да размислуваат политичките и бизнис заедниците, а во исто време да ги утврдат и националните добра што треба да се здружат во тековниот процес на градење доверба, рече Трајковски.

Шефот на државата упати барање до Организацијата за економска соработка и развој да & помогне на Македонија во транзициониот период, преку форуми и во промоција на Македонија пред странските инвеститори.

Преиспитување на приватизацијата на "Макпромет"

Група акционери на штипски "Макпромет", деновиве до седум надлежни институции во државава упатија барање за преиспитување на приватизацијата на ова атрактивно штипско друштво. Точно 32 потписници на предлогот за преиспитување на приватизацијата тврдат дека таа е направена на апсолутно незаконски начин. Според овие акционери, на 3 септември минатата година во "Службен весник на Република Македонија" бил објавен оглас за продажба на државните акции во износ од 23,25 проценти. Истиот ден во дневниот печат била објавена информација дека тој ден се тргувало на Берзата со 13.946 акции на "Макпромет", за подоцна да се дојде до информацијата дека нив ги купил извесен Васко Талевски, адвокат од Битола. Според оваа група акционери, незаконитоста е содржана во фактот дека овие акции се продадени спротивно на Законот за спречување на корупцијата кој е категоричен дека триесет дена пред изборите е забрането тргување со државен капитал.

"Макстил" прослави петгодишен јубилеј

Скопската компанија "Макстил" е најголемиот извозник на челик во Македонија. Државата би добила повеќе од 250 милиони долари бруто-домашен производ годишно ако концептот на работење на "Макстил" се примени и во другите стопански гранки, изјави главниот менаџер Минчо Јорданов на прославата по повод петгодишнината од постоењето на компанијата. Швајцарскиот железарски гигант "Дуферко" пред пет години ја купи "Топла валалница", дел од скопската железарница.

Поскап мазут - поскапи оранжерии

За еден месец во гевгелиските и богданечките оранжерии се најавува првата берба на пролетни краставици и домати, чиј род годинава само во овој регион ќе тежи 8.000 тони. Но, тоа никако не значи дека наскоро ќе јадеме поевтини домати и краставици, во споредба со сегашната пазарна понуда. Напротив, производителите најавуваат, барем за почетната берба, повисоки цени поради високите производни трошоци, посебно мазутот кој најмногу ја крева цената на раниот зеленчук, бидејќи неговото користење е неопходно за да се обезбеди навремено оранжериско производство.

Буџетските трошоци ги кројат даноците

Преговарачкиот тим на македонската Влада и Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Скопје ги почнаа клучните преговори за склучување стенд-бај аранжман во кои, според најавите, копјата најмногу ќе се кршат околу кастрењето на буџетските трошоци и големината на буџетскиот дефицит. Владата бара начин да ги намали расходите за 6-7 милијарди денари, а ММФ е подготвен да прифати буџетски дефицит од околу 4,5 милијарди денари. Од можноста државата да го стегне ременот ќе зависи и дали даноците ќе останат на сегашното ниво или, пак, за да се обезбедат неопходните приходи во државната каса за покривање на расходите, некои од нив ќе мора да добијат нова, повисока стапка. Преговорите на техничко ниво почнаа во минатата среда и, како што се очекува, ќе финишираат за две недели.

Закани за оние кои нема да го пријават имотот

Ќе летаат од работа сите функционери што до петок, 31 јануари, нема да ја пријават имотната состојба, реши Владата, по препорака на Комисијата за антикорупција. Таа констатирала дека малкумина од избраните и именувани функционери доставиле отчет за имотот.
Законот за спречување на корупцијата ги обврзува државните функционери да достават анкетни листови за имотот со кој располагаат во рок од еден месец од стапувањето на должност. Досега анкетните листови ги пополниле сите министри во кабинетот на премиерот Бранко Црвенковски, како и пратениците, но во Владата се загрижени од слабиот одѕив на другите функционери.

Поништена трансакцијата на "Транс Велес"

Спорната приватизација на автотранспортното претпријатие " Транс Велес", што беше извршена пред повеќе од една ипол година, деновиве го доби својот епилог. Врз оснава на пресудата на Врховниот суд од 12.06. 2002 година, второстепената комисија на Владата на Република Македонија, на 20 овој месец донесе решение со кое се поништува решението на Комисијата од вредност и трансакција што беше извршена преку Македонската берза, кога беа продадени 99,799 акции или 33,27 отсто од вредноста на претпријатието. Овие акции според Одлуката на Комисијата се враќаат во сопственост на Агенцијата за приватизација која сега во "Транс Велес" има вкупно 40 отсто и е доминантен сопственик на капиталот.

"Гарни" вратен на локалната самоуправа

Пред десет години штипската локална самоуправа на Модната конфекција "Астибо" & го отстапи на трајно користење хотелот "Гарни" во центарот на градот, спроти судската зграда. На барање на локалната самоуправа, откако "Астибо" беше ликвидиран, Одборот на доверители деновиве го врати хотелот "Гарни" на поранешниот сопственик на локалната самоуправа. Одборот на доверителите донесе одлука и за свикување Собрание на доверители на кое треба да биде распишан меѓународен тендер за продажба на оваа конфекциска куќа, според критериумите што ги одреди Светската банка.

Словенците го признаа гревот

Дел од парите што претходната Влада ги префрлила на депозитната сметка на "Нова Македонија прес" биле искористени за да се купат државните акции во НИП "Нова Македонија", потврди адвокатот Владимир Ракочевиќ, правниот застапник на словенечката фирма "Југ сторитве".

Тој не можеше да прецизира колкав износ од владините пари биле "позајмени" за да се купат акциите, но вети дека тоа ќе го објави деновиве. Со тоа се потврдија и сознанијата на Штрајкувачкиот одбор на НИП "Нова Македонија" дека Куќата била купена со нивни пари.

Тоа не беа пари за плати, туку со нив требаше да се реализира санационата програма. Дел од парите беше уплатен во Агенцијата за приватизација кога се купуваа акциите во НИП "Нова Македонија", бидејќи изворите од кои "Југ сторитве" требаше да добие средства се повлекоа, изјави Ракочевиќ.

ОКТА - фиксни цени на нафтените деривати

За да се избегне пораст на цената на нафтата, поради евентуалната војна во Ирак, ОКТА & предлага на Владата утврдување на фиксни цени за сите нафтени деривати на ниво од 28 долари за барел за период од три месеци. За овој предлог од ОКТА велат дека не бараат никакви предуслови.

Од Рафинеријата соопштуваат дека не постои потреба од интервентен увоз или какви било посебни дозволи за увоз на нафта, бидејќи ОКТА располага со високи резерви на сите нафтени деривати, со што гарантира непречено снабдување на македонскиот пазар со нафтени деривати во целост.

Ова соопштение уследи по информациите дека на Македонија & се заканува нафтен ценовен шок и недостаток на нафта во случај на воена криза во Ирак.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"