о организација на Секторот за
европска интеграција при Владата на Република Македонија и Министерството за
економија на Република Македонија, а во соработка со германската Влада преку
Германското друштво за техничка соработка на 24.01. 2003 година во "Холидеј
ин" во Скопје се одржа работилница за запознавање со "Слободно движење на
стоките".
На оваа работилница беше разгледано европското законодавство од областите
на машинството, електротехниката, електрониката, градежништвото,
медицинските помагала итн., како и потребата за приспособување на
македонското законодавство кон европското.
Ова во иднина би требало да го олесни работењето и извозот на македонски
производи на пазарите во Европската унија.
Една од стратешките цели на Министерството за економија е креирање и
спроведување на конкретни мерки кои треба да овозможат слободно движење на
стоките со крајна цел - поттикнување на извозот. Оваа наша цел е
неостварлива доколку не изградиме соодветна инфраструктура за обезбедување
на квалитет на што не упатува и членот 73 од Спогодбата за стабилизација и
асоцијација со Европската унија. Едно од најголемите преземени обврски на
Владата е приближувањето кон законодавството и регулативата на Европската
унија, потенцираше министерот за економија, Илија Филиповски, при
отворањето на сесијата.
ПРЕЗЕНТАЦИИ
Работилницата беше поздравена и од д-р Ирене Хинричен, германски
амбасадор во Република Македонија, а воведно излагање имаше и Драган Тилев,
државен советник и раководител на Секторот за европска интеграција и Ѓорѓи
Петрушев, државен секретар во Министерството за економија. Во рамките на
работилницата беше одржана и презентација на досега постигнатите резултати,
односно реализирани активности како што е Физибилити студија за осумте
одбрани директиви од новиот приод. За имплементирањето на Европското
Pre-packaging законодавство: правни, технички и инфраструктурни аспекти и
потреби презентираше Сигурд Рејнхард, експерт од Германското друштво за
техничка соработка(ГТЗ). ГТЗ експертот, Норберт Барц ја презентираше
легислативата во новиот приод, Имплементирање на новиот европски приод кон
законодавството, перспектива и влијание врз националното законодавство,
политиките на стандардизација и акредитација. Презентацијата за соодветна
имплементација на ЕУ-директивите ја изврши Манфред Киндлер исто така
ГТЗ-експерт кој го појасни имплементирањето на европските директиви од
новиот приод, нивните правни, технички и инфраструктурни аспекти и потреби
прикажано преку примерот на директивата за медицински помагала. Во рамките
на завршницата на работилницата беше остварена и дискусија во работни групи
за правната основа за имплементација на директивите од новиот приод и за
практичната имплементација и создавање на инфраструктурата за оценување на
квалитетот.
ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА
Според Нацрт-верзијата од резимето на физибилити-студијата за состојбата
во производните претпријатија и лабораториите за тестирање, која беше
презентирана на работилницата, од вкупно 64 производители опфатени со
досегашните истражувања, само 18 отсто имаат воведено систем за квалитет, а
само 23 отсто се во фаза на имплементација. Ваквите податоци, според
министерот за економија, укажуваат дека во домашната економија воведувањето
на системот за квалитет е недоволно.
Активностите поврзани со изработката на Физибилити-студија произлегуваат
од обврските на Република Македонија, содржани во член 73 од Договорот за
стабилизација и асоцијација со Европската унија, а се однесуваат на
областите на стандардизација, метрологија, акредитација и оценка на
сообразност. Во рамките на билатералната техничка соработка помеѓу владите
на Република Македонија и Сојузна Република Германија, од страна на Секторот
за европска интеграција при Владата на Република Македонија беше побарано
Германското друштво за техничка соработка - ГТЗ, кое работи на
имплементација на програмите на техничката соработка, да помогне во
реализација на активностите поврзани со транспозицијата на 8-те директиви од
Новиот приод на Европската унија.
ОПИС
Како резултат на првичната проценка за состојбата и активностите
превземени при изготвувањето на Предлог-проектот, беше утврдена неопходноста
од прецизна слика за состојбата во производните и тестирачките капацитети од
областите тесно поврзани со избраните 8 директиви од Новиот приод на ЕУ, врз
чија основа ќе може да се определи приоритетот и обемот на активностите што
ќе следат понатаму. Од тие причини изработката на Физибилити-студија, како
исклучително значајна активност, го има првото место во Предлог-проектот. Во
неа покрај податоците и информациите за моменталната состојба во посетените
производни и тестирачки капацитети по одделни директиви, ќе бидат содржани
заклучоци и препораки за приоритетните активности и обемот на тие активности,
чија реализација во согласност со Предлог-проектот, би се пристапило во
следната фаза на Проектот.
Директивата за пред-пакувањето не беше предмет на разгледување на
Физибилити-студијата, бидејќи е одлучено во оваа фаза да се опфатат само
8-те избрани директиви од Новиот приод на ЕУ. Изработката на
Физибилити-студијата стартуваше во ноември 2002 година, преку избор на тим
од 7 локални експерти задолжени по одделни директиви како и утврдување на
основните начела при изготвувањето на студијата.
ПРИБИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ
Прибирањето и обработката на податоците од страна на експертите е
реализирано во три фази: прибирање на податоци за производителите, прибирање
на податоци за тестирачките капацитети и обработка и претставување на
податоците во однапред дефинирана форма. Самото прибирање на податоците се
одвиваше по пат на директна посета на производителите (тестирачките
капацитети) и тоа по не повеќе од три субјекти дневно. Самото оценување на
состојбата по одредени прашања од прашалниците е реализирано врз основа на
субјективна проценка на експертот и тоа со степени недоволно, задоволително
и добро. Одреден тестирачки капацитет ќе биде оценет со оценка недоволно
доколку не се утврди постоење на одреден инструмент (дел), документ или лице,
што е суштествено за таков тип на субјект. Ако пак се утврди дека постоењето
на одреден инструмент (дел), документ или лице е во недоволна мерка,
тестирачкиот капацитет добива оценка задоволително. Како добро ќе биде
оценет оној испитувачки капацитет кај кој ќе се утврди постоење и оперативна
состојба на сите потребни и специфицирани инструменти, документи или лица.
Доколку испитниот капацитет поседува верификуван и документиран систем за
управување на квалитет (на пример од серијата ИСО 9.000), тогаш оценката
секако е добро.
ЗАКЛУЧОЦИ
Во врска со утврдените заклучоци од податоците претставени во
Физибилити-студијата, а кои се однесуваат за производителите е потенцирано
дека најголем дел од нив располагаат со доволен број на стручен инженерски
персонал, оспособен за техничка документација, примена на стандарди и за
пополнување на структурите за обезбедување на квалитет. Тоа претставува
основа за изградба на соодветен систем за обезбедување квалитет.
Во врска со заклучоците кои се однесуваат на тестирачките капацитети е
потенцирано дека бројот на тестирачките капацитети, персоналот со кој
располагаат (според бројност и ниво на образование), како и почетната
инфраструктура, претставува солидна база за надградба.
Сепак, ваквите податоци според министерот Филиповски укажуваат дека во
домашната економија воведувањето на системите за квалитет е недоволно.