енералната ситуација во Грција
кога се во прашање сите видови малцинства, за жал, не може да се
карактеризира како задоволувачка, иако значаен напредок е постигнат минатите
10 - 15 години. Како член на Европската унија, Грција беше (и се уште е)
често присилена да го промени својот став во односот на малцинствата и
официјалната грчка политика покажува поголема толеранција кон нив.
Главниот проблем дека Грција одбива да признае постоење на какво било
малцинство на својата територија, се уште останува. Единственото малцинство
што официјално е карактеризирано како малцинство е турското во Западна
Тракија. Сепак, грчката држава му дава на ова малцинство чисто религиозен
карактер и не го означува како "Турци" или како "Грчки граѓани од турско
потекло", туку како "Муслимани".
ГРЧКИ ИСТОМИСЛЕНИЦИ
Сфаќањата на повеќето граѓани во Грција се слични. Учејќи во училиштата
дека тие живеат во хомогено општество, модерните Грци не толерираат никаков
друг вид пристап. Повеќето медиуми придонесоа во тоа, бидејќи одбија да го
пренесат се она што мнозинството не го сака. Новинарите и истражувачите кои
имаат поинаков став беа карактеризирани како "лажговци", "опасни", "отпадоци",
"шпиони" , а нивното дејствување како "национално предавство". Некои од нив
беа заплашувани со професионално или лично уништување. Дури и денеска кога
работите се сменија, мал број од грчките медиуми одделуваат простор или
време за луѓе со поинакви ставови или поинаков идентитет.
Без разлика, генерално гледано, грчките медиуми не ги пренесуваат
културните или политичките активности на малцинствата и одбиваат да ги
коментираат бројните судења во кои членовите на малцинствата беа вовлечени (во
основа обвинети). Истото се повторува и кога Грција ќе биде обвинета за
кршење на меѓународните договори за правата на малцинствата од страна на
Европскиот Суд.
НОВИНАРИ - ШПИОНИ
Има многу примери за таа политика, но три од нив се најактуелни и
најкарактеристични. Првиот се однесува на Сотирис Блецас, припадник на
влашкото лингвистичко малцинство, кој во 1995 година ја раздели брошурата на
ЕБЛУЛ (полуофицијална организација на ЕУ за помалку употребувани јазици). Во
оваа брошура се спомнуваат шест лингвистички малцинства кои постојат во
Грција (турски, помачки, македонски, влашки, арвански и ромски). Господинот
Блацас беше обвинет од пратеникот на Нова демократија (конзервативна партија),
Евгениос Хаитидис и беше прогласен за виновен од прв степен за "ширење на
лажни информации против грчката држава", беше осуден на 15 месечна затворска
казна и висока парична казна. Тој поднесе жалба до повисоките судови и до
Европскиот Суд и конечно беше ослободен од обвинението минатиот декември,
шест ипол години по првото обвинение претрпувајќи големи непријатности во
тој период. За жал, целиот овој случај не доби никакво значење во грчките
медиуми.
Вториот пример е случајот со турското малцинство во Тракија. Новинарот и
издавачот на независниот неделник "Тракојан Сеси", Абдулхаим Деде беше
изведен пред лицето на правдата четири пати во минатите шест години, обвинет
за неколку написи кои тој ги објави во неделникот. Тој беше прогласен за
виновен во сите четири случаи и беше осуден на 20-месечна затворска казна.
Тој поднесе жалба и беше ослободен од Врховниот суд за првите два случаи и
сега чека пресуда за преостанатите обвиненија. Последниот случај (второто
сослушување е закажано за 22 мај) предизвика реакции на интернационални
организации како Хјуман Рајтс Вотч и Федералната Унија на Европските
Националности (ФУЕН). ФУЕН испрати писмо до грчкиот премиер Симитис
изразувајќи длабока загриженост за состојбата на малцинствата во една држава
- членка на Европската унија како Грција. Уште еднаш, грчките медиуми
останаа тотално неми.
МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА
Последниот пример, но не и најмалку значајниот, е прашањето на
македонското малцинство во Грција. Како што спомнав претходно, грчката
држава негира постоење на какво било етничко и лингвистичко малцинство на
својата територија. Не само тоа, постоечкиот спор за името со Поранешната
Југословенска Република Македонија направи скоро невозможно за етничките
Македонци кои живеат во грчкиот дел од Македонија да се изразат на кој било
начин. На секој таков обид беше бурно реагирано. Ова се случи, на пример, во
1995 година кога седиштето на "Виножито", политичката партија на етничките
Македонци во Грција, беше уништено од група граѓани. Повеќето од грчкиот
печат објави дека тоа е акт на "лутина" и "правда" против малкумина луѓе
потплатени од ПЈРМ да креираат (не)постоечки проблем за да & наштетат на
Грција. Луѓето кои го уништија седиштето им се добро познати на локалните
власти, но до сега никој не е обвинет. Од друга страна, членовите на "Виножито"
беа постојано судени под обвиненија дека "шират лажни информации кои можат
да предизвикаат јавен неред" и дури по три години со правни напори тие можеа
да докажат дека се невини. Уште еднаш, грчките медиуми кои не штедеа зборови
за осуда, не објавија апсолутно ниту еден извештај дека тие се покажаа
неточни.
Припадниците на македонското етничко малцинство во Грција имаа и се уште
имаат проблеми со националистите кои се обидуваат да ги донесат пред суд без
никакви причини. Само поради причината дека тие сакаат да го користат својот
јазик. Грчките медиуми беа присутни на овие судења само кога тие сакаа да го
поддржат обвинителот. Инаку, тие всушност не посветија ниту еден ред за овие
настани. Истото се случи кога неколку етнички Македонци го основаа Домот на
македонската култура (ДМК) во Флорина (Лерин). За 12 години, грчките судови
и адвокати сторија се што можеа за да им го скратат правото на овие луѓе да
основаат една чисто културна организација. За среќа, правната заштита и
притисокот од ЕУ ставија крај на тоа и ДМК е сега скоро реалност. Овие
институции придонесоа да биде полесно за етничките Македонци да играат и да
пеат на својот мајчин јазик.
ГОЛЕМ ЧЕКОР
Неодамна, ЕБЛУЛ успеа да формира свој огранок во Грција и ова се смета
како голем чекор за признавање и опстанување на македонскиот и другите
помалку употребувани јазици меѓу грчките граници. За жал, само два дневни
весници во Атина ('Елефтеротипиа" и "Експрес") ја објавија оваа интересна
вест, покажувајќи дека уште многу треба да се направи за да бидат грчките
граѓани објективно информирани за овие работи. Ова, се разбира, не дојде
како изненадување, бидејќи на неодамнешните избори сите грчки ТВ-станици (со
исклучок на ТВ Седум) одбија да & го овозможат на "Виножито" нејзиното
уставно право да ги изложи своите принципи и својата програма. Грчкиот закон
за малите политички партии е јасен и тој налага сите ТВ-канали со национална
лиценца да им дадат барем 5 минути од нивното време на ваквите партии, месец
дена пред или поблиску до изборите. За жал, законот се прекрши, но немаше
реагирање ниту казни за тоа.
Овој антималцински став на печатот комбиниран со потребата на
малцинствата за нивен израз доведе до основање на весници, списанија и
радио-станици. Турското малцинство од Тракија ја има привилегијата да биде
признато од државата и тоа придонесе тие да ги формираат полесно своите
медиуми. Првиот неделник на турски јазик беше основан во 1975 година (ИЛЕРИ),
после него следеа уште 4 весници, 5 списанија и 5 радио станици во областите
Родопи, Ксанти и Еврос. Главниот проблем на сите овие медиуми беше (и се
уште е) дека малку од нив можат да потврдат дека се независни. За разлика од
денешните многу подобри релации, константната напнатост од минатата деценија
меѓу Грција и Турција често предизвикуваше медиумите на малцинствата да
бидат подложени на политички и етнички влијанија од двете страни. Некои од
нив ја поддржуваа официјалната турска политика за малцинствата, како што
изјави турскиот Конзулат во Комотини. Други медиуми се фокусираа на
религиозните аспекти на малцинствата и се држеа до грчката државна политика.
НЕПОСТОЕЧКИ
Сликата за етничките Македонци кои се уште живеат во грчкиот дел од
Македонија е сосема поинаква од онаа за турското малцинство. Бидејќи тие се
сметаат како "непостоечки" од грчката држава, немаат право да учат на својот
мајчин јазик. Младите Македонци го учат јазикот усно од нивните родители и
некои од нив се изразуваат на грчки или на македонски јазик со грчка азбука.
Скоро нелегално првиот обид беше направен во доцните 80-ти во Аридеа (Соботско)
со неделникот "Моглена".
По основањето на "Виножито", "Моглена" беше преструктуирана, стана
официјален глас на партијата, го смени името во "Зора" и почна да објавува
текстови напишани со кирилица. Поради финансиски потешкотии, присуството на
списанието не беше константно. Потоа беше уште еднаш преименувано во "Нова
зора", а по четири броја беше стопирано. Денеска тоа е информативен весник
кој излегува еднаш месечно под името "Инфо зора".
Друг трагичен пример во напорите за одржувањето на македонската култура е
списанието "Лоза" кое почна да излегува во 2000 година и досега се
отпечатија само четири броја (на грчки и на македонски со грчка азбука)
поради финансиски причини. Новоформираната ДМК планира да издаде списание и
да започне со емитување на радио-програма во блиска иднина.
("Експрес", дневно-финансиски весник, Атина)