лучајот Шемшево, труењата во
Куманово, бомби, протести, тепачки, митинзи и слични ујдурми се повеќе ги
доведуваат децата во политичка збрка од која некој профитира на политички
план. До кога децата ќе се искористуваат за нископартиски цели од краток
дострел никој не знае да одговори, а најмалку надлежниот министер за
образование, Азис Положани?!
Проблемот со спорната биста во Шемшево никако да дојде до компромисна
завршница, а родителите на учениците - Македонци се подготвени и на
порадикални мерки во случај Владата да не ги реализира нивните барања.
Бистата никако да биде дислоцирана, а особено е иритирачка новата табла на
училиштето каде името на селото навистина е напишано на кирилица, но со
албански изговор - "Шемшева". Политиката, според се, на голема врата има
влезено во училиштето во Шемшево!
Македонците ќе продолжат да ја бојкотираат наставата во тетовското село
Шемшево, бидејќи Владата не го спроведе компромисното решение и не ја
отстрани бистата на Јумни Јонузи од училишниот двор, потенцира Зорица
Јовановска, членка на Иницијативниот одбор на родителите.
Во случај Владата да не обезбеди ново училиште за нивните деца,
родителите се подготвени да ги повикаат сите ученици во државава преку
бојкот на наставата да им дадат поддршка на учениците - Македонци.
ИЗИГРАНИ ОТСТАПКИ
Само за потсетување, првобитното име на училиштето беше "Даме Груев",
Македонецот кој беше еден од двигателите на Илинденското востание. Пред само
неколку години тоа име не му пречеше никому. Иако училиштето не е изградено
благодарение на ПДП, ДПА, ДУИ или која и да е друга албанска политичка
партија, сепак некој најде за сходно да го промени името и згора на тоа да
постави контроверзна биста во дворот. Иронијата стана уште поголема кога
дадениот збор на Премиерот е грубо погазен при што се дојде до трета
солуција - училиштето да се вика како и селото, но и тоа не е испочитувано.
Знаете дека тоа е еден проблем што, исто така, беше наследен. Во овие два
ипол месеци ни одзеде многу енергија, многу време и тоа е проблем што сакаме
да го решиме на поинаков начин од досегашната практика. Тоа значи низ едно
политичко убедување, без некакви примени на репресивни методи и друго,
бидејќи само таквото решение дава гаранција дека ќе биде трајно решение. Се
друго може да предизвика поголема дестабилизација. Се надевам дека многу
скоро тој проблем ќе го решиме, истакна Бранко Црвенковски по пораката
од ВМРО-ДПМНЕ правната држава да ја практикуваат во Шемшево.
Родителите на Македончињата од Шемшево бараат средба со премиерот Бранко
Црвенковски и со претседателот Борис Трајковски.
И покрај тоа што направивме отстапки и се согласивме на компромис,
Владата не изигра. Бистата на Јумни Јонузи останува во училишниот двор.
Претходната власт ни ги создаде сегашниве проблеми, а новата не сака да ни
помогне. "Шемшево", новото име на училиштето, прво е испишано на албански, а
потоа на македонски. На македонскиот дел од двојазичната табла името е
напишано на кирилица, но изговорот е на албански - Шемшева. Владата ризикува
да бидеме етнички исчистени од овие простори, категорична е Зорица
Јовановска.
ТРУЕЊЕ ИЛИ МАНИПУЛИРАЊЕ
Чин втор, прв дел - случајот "труење" во Куманово. Болницата во Куманово
беше премала да ги прифати сите "затруени" ученици (претежно ученички) од
албанска националност кои се жалеа на "чудни" знаци на труење. Виновникот се
бараше во затруена храна, во хемиски гасови и што ли уште не. Се повикаа и
експерти за утврдување на причинителот на ваквите труења, но нивното
присуство беше попусто, бидејќи немаше реални причинители на таканареченото
"масовно труење" .
А пред гимназијата во Куманово се случи експлозија на бомба и
благодарение на муабетот на служителките не дојде до катастрофа во која
можеа да настрадаат околу 500 ученици. На прашањето кој и со каков мотив
атакуваше врз недолжните ученици останува вообиченото полициско соопштение
дека сторителот е непознат и по истиот се трага?!
ЗЛОУПОТРЕБА
Албанските деца најмногу се злоупотребувани за политички цели, велат од
Центарот за детски права од Скопје.
Како најдрастичен пример за злоупотреба на децата за политички цели се
посочува поставувањето на споменикот на војник на ОВК во дворот на Основното
училиште "Кирил Пејчиновиќ" во Теарце.
Децата - Албанци минатата година за време на изборната кампања биле
најмногу злоупотребувани за политички цели, се вели во истражувањето на
Центарот за детски права од Скопје. Албанските деца, во однос на децата
од други националности, биле најмногу присутни на митинзите, најмногу биле
вклучени во политичко агитирање и најчесто албанските политички партии
своите митинзи ги одржувале во училишни дворови, се истакнува во
истражувањето. За да се придобијат повеќе гласови, состојбата на децата и
особено на младите била користена во политичките говори на лидерите, во
спотовите и на плакатите на партиите.
Истражувањето било спроведувано од август до ноември минатата година, за
време на изборната кампања за парламентарните избори во Скопје и со него
биле опфатени деца на возраст од 10 до 18 години. Користени се методите на
набљудување на предизборната кампања, анализа на текстовите и фотографиите
во дневните весници, политичките говори и била спроведена анкета меѓу 574
ученици од различна национална припадност.
Како најдрастични примери за злоупотреба на децата за политички цели во
Центарот ги посочуваат: поставувавањето на споменикот на војник на ОВК во
дворот на Основното училиште "Кирил Пејчиновиќ" во Теарце, претепувањето на
неколку 11-годишни деца во Прилеп, кои носеле маици на СДСМ, како и делењето
на училишни тетратки и блокови со ликови на припадниците на единицата "Лавови"
сликани со дете.
РЕЗУЛТАТИ
На митинзите најчесто беа присутни деца на возраст од 15 до 18 години кои
најчесто беа во група со свои врсници и од иста политичка партија.
Политичките партии ги користеле децата за лепење плакати, делење пропаганден
материјал и како иконографија на митинзите. На митинзите можеше да се
забележат и помали деца кои беа носени од родителите и носеа партиски маици,
знамиња и капчиња, констатира Ана Панчева, социјален работник во
Центарот.
Весна Стојковска, правничка во Центарот, вели дека постојната регулатива
не дава прецизна дефиниција како треба да се одвива една кампања, поради што
се лепат плакати и во дворови или во близина на училишта или се одржуваат
митинзи во училиштата.
За време на кампањата постоеше силна политизација и манипулација на
децата. На овие избори особено влијание имаа и ефектите од војната во 2001.
За разлика од минатите избори, на овие избори децата беа многу поприсутни на
митинзите, вели Стојковска.
Резултатите од истражувањето ќе им бидат претставени на политичките
партии и на други институции во земјата. Во Центарот најавуваат дека ќе ја
следат и предизборната кампања за претседателските и за локалните избори во
2004 година. Центарот за детски права две години работи во рамките на
Здружението за заштита на правата на детето кое, пак, работи како секција на
меѓународната организација за заштита на децата "ДЦИ" од Женева.