о согласност со Договорот кој
произлезе од средбата одржана на 23 јануари, 2003 година кај претседателот
на РМ, Борис Трајковски, а на која присуствуваа премиерот Бранко Црвенковски,
министерот за внатрешни работи, Хари Костов и претставниците на Независниот
синдикат на "Лавовите", Владата на РМ на седницата одржана на 27 јануари
донесе одлука за трансформација на Единицата за брзи интервенции "Лавови".
Првиот човек на полицијата, Хари Костов, пред да ја соопшти одлуката на
Владата, потенцира дека и одлуката на поранешната влада и одлуката на
претседателот на РМ, Трајковски, од јуни 2001 година зборувале за формирање
на привремена единица. На некој начин, како што соопшти тој, тие одлуки биле
злоупотребени при формирањето на "Лавовите" и незаконските вработувања кои
се вршеле во таа Единица. Со одлуката на Владата се трансформира, односно се
укинува натамошното постоење на Единицата за брзи интервенции "Лавови" и во
рамките на Министерството за внатрешни работи, Одделот за полиција, се
формира Единица за антитероризам. Досегашните вработени во "Лавови" кои
имаат правно валидни договори за работа ќе бидат распоредени во
организационите единици на МВР во согласност со потребите на Владата. За
лицата кои биле вклучени во Единицата за брзи интервенции "Лавови", а немале
законски правно валиден договор за работа ќе се започне постапка за
засновање на работен однос кој ќе биде во согласност со потребите на
Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, за што веќе
во МВР е формирана посебна Комисија за спроведување на постапката за
вработување на овие лица кои ги исполнуваат условите предвидени со закон и
со колективниот договор.
Тоа значи, вели Костов, дека овие припадници на "Лавови" треба што
поскоро да ги достават своите документи до Комисијата и да ги извршат
потребните здравствени прегледи и другите услови заради прием според
потребите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана,
при што треба да се спроведат и договорените принципи од средбата одржана на
23 јануари 2003 година. При тоа приоритет во вработувањето да имаат
припадниците кои пристапиле во единицата до 31 декември 2001 година.
Списоците да се исчистат од сите фиктивни припадници на Единицата и во
согласност со ставот на Независниот синдикат на Единицата за брзи
интервенции "Лавови" кој исто така се залага списоците да се исчистат и од
нејзините припадници кои имаат криминални досиеја за сторени кривични дела
поврзани со недозволено производство и пуштање во промет на наркотични и
опојни средства, трговија со луѓе, убиства, силување.
АМНЕСТИЈА
Во врска со прашањето на амнестијата за која се појавија определени, како
што ги нарече Костов, дезинформаци и погрешни толкувања во јавноста, тој
укажа на следните ставови на Владата: Прво, на состанокот на 23 јануари
2003 година од страна на претседателот Трајковски и премиерот Црвенковски
беше ветено и тоа ќе се спроведе - нема да се поднесуваат кривични пријави
за учесниците во извршената блокада кај Стенковец на 22 јануари 2003 година.
Второ, и самите "Лавови" во своето соопштение наведуваат дека нема
амнестија за сторените кривични дела - производство и неовластено пуштање во
промет на дрога и наркотични средства, трговија со луѓе, убивства и силувања,
а ниту пак некој ветил, ниту пак законски може да вети амнестија за други
кривични прекршочни дела. Притоа, треба да се има предвид дека според
принципот на невиност за веќе порано поднесени кривични и прекршочни пријави
се додека не се донесе правосилна судска одлука, тие пријави не се пречка за
засновање и остварување на правото на работен однос. Трето, во РМ во сила е
Законот за амнестија. Со него се опфатени лицата без оглед на националната
припадност, значи без оглед дали се Македонци, Албанци или нешто друго, за
кои постои основано сомневање дека подготвиле и сториле кривични дела
поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година. Владата нема намера да
предлага каков било друг закон за амнестија кој ќе амнестира други
прекршочни и кривични дела.
Инаку, по преговорите со државното раководство, портпаролот на "Лавовите",
Тони Михајловски, соопшти дека освен трансформацијата на Единицата, им била
ветена и амнестија "за сите кривични дела, освен за тешките дела поврзани со
оружје, дрога, силување". Амнестијата за "Лавовите", како што рече
Михајловски, требало да важи од денот на нивното стапување во Единицата.
МВР демантираше дека дало вакви ветувања или гаранции, затоа што "ниту
Премиерот, ниту Претседателот на РМ, ниту МВР имаат законска и уставна
надлежност да даваат согласност за амнестирање на кого било од кривична
одговорност за сторените дела надвор од постојните законски прописи", по што
синдикатот на Единицата за брзи интервенции се закани дека доколку МВР не го
почитува ветеното, ќе има нови масовни блокади низ целата земја. Сепак,
медиумите ги пренесоа информациите од владини извори дека на состанокот кај
претседателот Борис Трајковски било разговарано за амнестија, но во рамките
на веќе постојниот Закон со кој беа опфатени и поранешните припадници на ОНА.
Претставниците на "Лавовите" барале амнестијата да се однесува на целиот
период на нивниот ангажман во Единицата, но им било предочено оти тоа е
неприфатливо.
ФЕР ПОНУДА
Понудата на Владата за трансформација на "Лавовите" за Хари Костов е фер
понуда и тие, според него, треба да ја искористат. Тоа значи, како што вели
тој, дека треба што поитно да продолжат и да се комплетираат договорените
активности со веќе формираната Комисија во МВР за реализација на постапката
на нивното вработување.
Какви било дополнителни барања, вели Костов, мислам дека нема да
наидат на симпатии и разбирања ниту кај домашната, ниту пак кај
меѓународната јавност со кои би се надминале договорените принципи на
состанокот кај Тајковски, одржан на 23 јануари 2003 година.
Првиот човек на полицијата ги повика припадниците на оваа Единица да ја
искористат понудата која им ја достави Владата и во реализацијата на овие
постапки да не дозволуват да бидат злоупотребувани од кого било, или пак од
определени поединци кои се наоѓаат во таа Единица, а кои сакаат целокупната
состојба да ја искористат за свои лични или пак за некои други цели.
Ова решение произлезе откако "Лавовите" го блокираа граничниот премин
Блаце кај кампот Стенковец и откако се заканија дека блокадата ќе трае се до
исполнување на нивните барања, односно решавање на нивниот статус. По
средбата кај Трајковски, блокадата беше отстранета, а премиерот Црвенковски
изјави: Единицата "Лавови" на начинот на кој денес функционира и како што
беше формирана не одговара, не соодветствува ниту на потребите, ниту на
можностите на РМ и од тие причини мора да биде трансформирана.
Припадниците со регулиран работен однос, како што нагласи Премиерот, ќе
бидат прераспределени во други сектори или единици на МВР. Огромниот број
припадници на Единицата, пак, кои воопшто немаат регулирано работен однос,
кои притоа извршувале некакви функции и на незаконски начин примале плата,
иако не фигурираат на ниту еден регулиран список, а кои ги исполнуваат
законските услови за работа во АРМ или во МВР ќе бидат вработени во некое од
овие министерства.
Премиерот Црвенковски потенцира и дека уште од самиот почеток се
манипулирало и со името и со финансиите на оваа Единица.
Сега, всушност, се обидуваме да санираме проблем кој ни е оставен во
наследство. Единицата од самиот ден на постоењето е со проблематичен правен
статус, а поголем дел од нејзините припадници се со нерегулиран работен
однос, рече Црвенковски додавајќи дека во согласност со Уставот и
законите правото на мирен протест е загарантирано, меѓутоа блокадите и
земањето оружје в рака излегува од рамките на уставните и законските права.
Затоа тој побара оружјето веднаш да се стави во магацините и магистралниот
правец да биде ослободен за да не дојде до ситуација да се поведуваат
кривични пријави против одделни лица од Единицата.
По средбата кај Трајковски со своја изјава излезе и портпаролот на "Лавовите",
Тони Михајловски. Тој објасни дека приоритет во вработувањето ќе имаат оние
кои кон Единицата пристапиле до 31.12. 2001 година.
Името "Лавови", најверојатно, нема да постои и, по се изгледа, тоа ќе
биде одбележано на свечен чин, затоа што беше тоа единица која на горд и
достоинствен начин застана на браникот на државата, изјави Михајловски.
ВМРО - ДПМНЕ им даде целосна поддршка на барањата на полициската единица
"Лавови", а портпаролот на оваа партија, Влатко Ѓорчев изјави: Ако во
Армијата на министерот за капитулација, Владо Бучковски, има место за три
илјади припадници на паравоената УЧК, а исто толку и во структурите на МВР,
тогаш треба да има место и за 1.000 "Лавови" кои ја бранеа земјава.
За разлика од оваа партија, ДУИ упати жешка политичка порака до СДСМ дека
не се согласува со трансформацијата на "Лавовите" и бара нивно распуштање.
Портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети, изјави дека министрите од таа партија
ќе се спротивстават на намерите договорот да се официјализира.
Значи, според партијата на Ахмети, во МВР мора да има место за
терористите, а не може и не смее да има место за "Лавовите"!? Со ваквата
изјава политичката терористичко-милитаристичка партија ДУИ покажува дека има
различни аршини за учесниците во крвавото сценарио.