ПОЛИТИКА

Традиционалниот синдром на самоуништувањего разјадува националното ткиво

МАКЕДОНЦИТЕ ЛУТААТ ВО НЕПОЗНАТ ПРАВЕЦ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • За разлика од Албанците кои секогаш кога станува збор за нивните права заеднички работат на остварување на албанската кауза, македонскиот народ како да нема стратегија за својата држава. Токму поради неединството ни се случи и крвавото воено сценарио. Македонците ќе станат малцинство во својата држава, а доколку работите и натаму се одвиваат како досега, еден ден и ќе ги снема!
  • Нашите политичари кои досега беа на власт отсекогаш ги слушале советите на надворешните фактори, а за клучни одлуки од национален и државен интерес никогаш не го слушале гласот на својот народ. Иако под притисок од надворешните фактори го потпишаа предавничкиот Договор, тие и тогаш и сега го држат во заблуда македонскиот народ дека работат за доброто на државата и за својот народ.
  • Крајно време е Македонците да се обединат, да си го вратат загубеното достоинство, да речат стоп на досегашните властодршци и да си ја земат судбината во свои раце.

Синдромот на самоуништување кај Македонците е одамна присутен. Со години тие живеат исполнети со злоба и завист и се подготвени да ги (зло)употребат сите методи, да го сторат и невозможното, за да седнат на владејачкиот пиедестал. Ако до пред некоја година важеше народната "да му умре козата на комшијата", сега таа вели "да умре и комшијата". Делбите меѓу Македонците можат да се почувствуваат на секое место, во секоја институција. Токму таа себичност - зошто тој, а не јас - го натера кутрото Македонче да лута во непознат правец, без патоказ за иднина. Македонците се поделија во различни партии, а партиската книшка стана пресуден фактор за удобен живот. Наместо квалитетот на луѓето, партијата е таа која може да помогне за снаоѓање во животот.

За разлика од Албанците кои секогаш кога станува збор за нивните права заеднички работат на остварување на албанската кауза, македонскиот народ како да нема стратегија за својата држава. Токму поради неединството ни се случи и крвавото воено сценарио, Македонците како да станаа малцинство во својата држава, а доколку работите и натаму се одвиваат како досега, еден ден и ќе ги снема! Тие дозволија да ги крстат и прекрстуваат и пред надворешните фактори да станат "безлична именка". Желбата за власт и за привилегии ги натера Македонците да се здружат со оние кои ги протераа нивните браќа и сестри од родните огништа, со оние кои ја распарчија Македонија.

Македонските политичари заборавија на седумдесетината жртви од крвавото сценарио, а човекот под чијашто команда загинаа македонските бранители, наместо да биде "персона нон грата" во оваа држава, за нив стана Господ. Наместо да им подадат рака на родителите на загинатите бранители, тие му подаваат рака токму на главниот виновник за седумдесетината македонски жртви и со него глумат случајна средба. И не само што го предадоа македонскиот народ и јазик, туку тие се трудат да го научат и албанскиот јазик, а како што тргнале работите можеби и сите ќе го учиме - задолжително.

ПРЕДАВСТВО

Нашите политичари кои досега беа на власт отсекогаш ги слушале советите на надворешните фактори, а за клучни одлуки од национален и државен интерес никогаш не го слушале гласот на својот народ. Потврда за тоа е предавничкиот охридски Договор со кој му ја запечатија неговата судбина. Иако под притисок од надворешните фактори го потпишаа предавничкиот Договор, тие и тогаш и сега го држат во заблуда македонскиот народ дека работат за доброто на државата и за својот народ. Македонците докажаа дека немаат моќ, дека немаат стратегија и дека не се ценат самите себеси. Тогаш, како да очекуваме некој друг да не цени?

Попусти се тврдењата на политичарите дека животот во кризните региони се враќа во нормала. Кај Македонците секогаш ќе биде присутен стравот кога ќе треба да се патува во тие делови. Се разбира, ако тие делови останат во рамките на македонската држава, бидејќи како што тргнале работите, не е чудно ако за некоја година тие станат дел од некоја друга "голема" држава. Македонските политичари, во интерес на Албанците, а на штета на Македонците, го сменија Уставот, дозволија македонскиот народ да се чувствува како туѓинец во својата земја. Со тоа што дозволија да се воведе албанскиот јазик во службена употреба во Собранието, во администрацијата, заборавија дека им направија услуга на Албанците во остварувањето на желбите и целите за федерализација на македонската држава. Македонските политичари отсекогаш им излегувале во пресрет на албанските барања, а барањата на Македонците ги оставале за некое друго време. Македонците секојдневно мака мачат со немаштијата, со протести се борат против актуелните властодршци, а Албанците доволно е да кренат прст и да го добијат она што го бараат.

(НЕ) ЕДИНСТВО

Македонските политичари попусто се трудат да докажат кој е поголем патриот. Нивниот патриотизам се виде во Охрид. Кај нас од поодамна се практикува оној што е во опозиција да го критикува оној што е на власт. Се навикнавме на секојдневните обвинувања за тоа кој повеќе украл, кој повеќе ја упропастил државата. Но, едно е сигурно - сите се подеднакво виновни за состојбата во која живеат Македонците. И едните и другите доволно ја украдоа државата и го доведоа македонскиот народ до питачки стап. Тие сега попусто се обидуваат да докажат дека сакаат да се обединат, дека е време заеднички да работат за доброто на оваа држава и за нејзиното интегрирање во евроатлантските структури. Поучени од искуството можеме да бидеме сигурно дека секоја идеја за помирување на македонските партии може да & донесе само пропаст на оваа држава. Всушност, идејата за национално единство беше промовирана кога почна крвавото сценарио. Во владата на широката коалиција, односно Владата за спас на државата, влегоа двете "најголеми" македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и нивните коалициони партнери. Тогаш само за момент Македонците помислија дека конечно овој народ се обедини и дека работите ќе тргнат на добро. Но, се излажаа. Владата на широкото единство се покажа како Влада на националното неединство. Таа постоеше помалку од месец дена. И тогаш како и многупати досега се докажа дека за овие политичари власта е поважна од татковината. Всушност, таа широка коалиција уште повеќе ни ја стесни државата. И сега се појавија информации за некакво национално помирување меѓу СДСМ и ДПМНЕ и заедничка стратегија за доброто на државата. Но, повеќе од сигурно е дека и да се случи такво единство, тоа ќе пропадне.

НАРОД

Македонскиот народ, и покрај состојбата во која се наоѓа, и натаму молчи. На сметка на тоа политичарите продолжуваат да ја практикуваат идејата на меѓусебно самоуништување. Но, и да го водат народот во погрешен правец. Секако дека дел од вината за хаосот во државава треба да ја бараме и во народот. Тој дозволи политичарите да манипулираат со него како што сакаат. Дозволи да чувствува срам што воопшто е Македонец. Политичарите го измамија и понижија. Македонците дозволија во својата држава да не се чувствуваат како Македонци. Жално е што дозволија поради хаосот во државава, спасот да го бараат надвор од татковината!

Но, кутриот Македонец се уште им верува и на сегашните и на претходните властодршци. Не му беше ли доволно тоа што додека Македонците гинеа, политичарите наместо на бојното поле во канцеларија се обвинуваа за тоа кој со кого ја договорил војната.

Затоа крајно време е, ако барем малку останало доблест и чесност кај македонскиот народ, тој да се здружи и да им рече стоп на досегашните владејачи. Крајно време е Македонецот да си го врати изгубеното достоинство. Македонскиот народ многу пати во текот на историјата бил поробуван, но успеал да создаде своја држава. Затоа треба да се освести, да докаже дека е подготвен сам да ја води државата, а не некој од надвор и од внатре да му "соли памет" што да прави. Оваа држава треба, конечно, да ја водат вистински луѓе. Ако ги нема, тогаш не треба ниту држава да имаме! 


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"