Сопственичкото право,
акционерството, и правата што произлегуваат од акциите фактички се предмет
на интерес од првиот момент од кога започнаа да се приватизираат друштвата.
За овие дванаесет или тринаесет години колку што го имаме акционерството,
тие од секогаш биле предмет на интерес, но биле и проблем. Колку во сето ова
има хаотичност или не, не можеме со точност да кажеме, меѓутоа сведоци сме
дека имаме разни примери на неточно толкување на правата, неточно
спроведување на правата на акционерите, па ако сакате и злоупотреба. Таа
злоупотреба некаде е директно осмислена и диригирана од страна на
менаџерските тимови во одредени акционерства, а некаде има злоупотреби
коишто се правени од некој си неправилен хаотичен редослед на моменталните
состојби во кои се наоѓаат акционерските друштва.
Во Македонија со Законот за приватизација, со Законот за трговски друштва,
отсекогаш се регулира правото на трансверибилност, слободен пренос на
сопственоста и правата на акционерите. Нормално, овие права коишто
произлегуваат од акциите, од сопственоста на акциите, го регулираме и во
Законот за трговски друштва. И тие се неспорни, меѓутоа спорен е начинот на
нивното користење и начинот на нивната употреба. Притоа, неспорно е дека
акционерите го користат и правото да учествуваат во работењето на
Собранијата, но прашање е како тоа го прават, на кој начин и колку тоа им се
овозможува. Значи, правото на ограничување на трансверибилност, го имаме
предвидено и во законските решенија, пред се во Законот за трговски друштва,
но тоа се злоупотребува во практика.
МС: На кој начин?
ЌУПЕВ: Уште со Законот за приватизација, Законот за трговски друштва
кажавме дека акционерите го имаат ограничено правото на пренос на
располагање со акциите. Тоа е утврдено и во статутите на сите оние
акционерски друштва што произлегоа од приватизацијата, во кои тие можат да
ги пренесуваат акциите помеѓу себе, или во случај на смрт на акционерот таа
да биде во наследна постапка на член на фамилијата. Меѓутоа, натамошната
продажба на акциите е условена со тоа што тие мораат да бидат продадени во
самото акционерско друштво. Тоа со закон е регулирано и тоа е непобитен факт
кој на коректен начин се дава. Но, кај нас правото на пренос беше ограничено
со член 290, став 2 од Законот за трговски друштва во кој беше кажано дека
ако сакаат акционерите да продаваат, треба прво да ги понудат на менаџерите
во акционерското друштво, или менаџерите од одборот ќе кажат кому, по која
цена и на кој начин ќе се продадат акциите на акционерот. Затоа имавме многу
злоупотреби, а вакво решение беше содржано во статутите на одредени
акционерски друштва.
Со ова востановено решение не се знаеше дали акциите им се понудуваат на
менаџерите, или на овластен орган кој во одреден рок треба да даде одговор
дали ќе ги откупи. Често пати се наметнуваше и дискутабилното прашање зошто
токму одредена личност ќе ги откупи и она што е најважно по која цена. Никој
не можеше да ја утврди цената по која ќе се продава акцијата. Значи, во
дадената ситуација тоа се правеше по сопствено видување, односно проценка.
Не се правеше проценка по која треба да се продава акцијата и тие акции
немаа пазарна вредност. Ова решение доведе до злоупотреби, но за среќа тоа
беше тргнато од Законот за трговски друштва дури по интервенција на
Меѓународниот монетарен фонд. Со ова се спречи можноста акционерските
друштва и менаџерите да се повикуваат на овие законски решенија. Во тој
период започна да функционира и берзата, а законското решение за
засолжително продавање на акции преку Берзата создаде поволни услови за
влегување на пазарот преку кој ќе се утврдува пазарната вредност на акциите.
АНОМАЛИИ
МС: Меѓутоа, одредени менаџери пронајдоа друга слабост, односно
негативност во правната регулатива за манипулации со акционерите!?
ЌУПЕВ: Во периодот 1997 и 1998 година, па и во 2002/2003 година
масовно се користи една друга можност која произлегува од членот 292 од
Законот за трговски друшта во кој се вели дека се дава можност на
акционерите меѓу себе да се договараат и да го пренесуваат правото на
управување. Оваа законска регулатива даде основа за правење такви договори
кои, пред се, се меѓу менаџерите во акционерските друштва и акционерите. Тие
им го пренесуваат правото на управување на рок од пет години со тоа што
менаџерите ги застапуваат и акционерите на собранието, а пак ги носат
одлуките и ги усвојуваат извештаите за работа. Оттука се изроди една друга
аномалија во која не само што се пренесуваше правото на управување, туку и
правото на располагање, односно му се пренесуваше правото на сопственост врз
акциијата - дали сака да ја користи или не, дали ја продава и по која цена
ја дава. Со ова се изродија многубројни аномалии и деформации во кои
настрадаа голем број мали акционери, бидејќи пред се тие договори на
многупати беа потпишувани под притисок, под уцена за работно место, под
договор дека ќе им вработат некого од фамилијата, само да се пренесе тоа
право на управување со акциите. Значи, аномалијата во користењето на
законската основа е во тоа што Законот не дава право на пренос на правото на
управување и на располагање, туку тој само кажува дека акционерите можат да
го пренесат правото на вршењето на нивните права. Значи, тие со договорот
можат да се договорат за начинот и модалитетот како ќе го користат своето
право за управување. Дали ќе се договараат за одредени точки на дневен ред
на собранието и дали ќе имаат идентичен став при гласањето, а не да го
пренесат и правото на управување.
МС: Што всушност затскрива оваа правна аномалија?
ЌУПЕВ: Оваа грешка или аномалија масовно беше забележана и тоа право
се пренесуваше на менаџерите. Во Законот се вели дека тие можат да го
пренесуваат правото меѓу себе, но не го ограничуваат, односно не укажуваат
дека мораат преку себе и не мора правото да биде пренесено на надворешен
претставник. Тие исклучиво го пренесуваат на менаџерите при што едноставно
се откажуваат од правото на учество во работата на седницата на собранието,
од дискусијата и од правото да гласаат. И што е најважно да ги усвојуваат
извештаите за работа, да донесуваат одлуки и дали ќе се дели дивиденда или
не. Во целиов случај најважно е што се откажуваат од правото на контрола врз
менаџерите затоа што на собранието се бираат органите на акционерското
друштво.
Затоа сега имаме една двојна ситуација - менаџерот којшто е овластен, кој
е поставен со Закон и е овластен да управува, да го претставува друштвото,
со овие договори акционерите го овластуваат да ги претставува на
акционерското собрание. Значи, тој во себе ги собира сите функции и
едноставно донесува одлуки какви што нему лично му одговараат. На тој начин
се доаѓа до ситуација друштвата да се затворени, акциите да не можат да се
продаваат надвор од нив, бидејќи се врзани во рацете на менаџерите. Немаме
влез на надворешни акционери, отсуствува контролата врз работењето на
менаџерите во акционерските друштва. Некаде и свесно ги носат во неповолни
финансиски состојби, во загуби така што ги обезвреднуваат. Овие решенија во
практиката многу се злоупотребуваат и затоа донесоа многу негативни
последици. Посебно е дискутабилно тоа што во Законот за трговски друштва го
имаме ова решение, а постои можност преку полномоштва акционерот да овласти
друго лице кое може да го претставува на седница на собранието и во негово
име да гласа. Зошто таква работа? Ова решение е лошо затоа што Законот вели
дека тој договор се склучува најмногу на пет години, но со измените на
Законот во 2001 година оваа временска дистанца се избриша и овој период со
полномоштво може да трае неограничено со тоа што може да се раскине пред суд.
Отказниот рок е шест месеци и ако се повредат материјалните услови од
договорот коишто се утврдени со него, а еден од тие материјални услови е
акционерот да биде правилно информиран за користењето на неговите права,
можете да замислите како менаџерот правилно го информира акционерот, кој кај
него е вработен, потчинет и зависен од него. Како ќе го информира и како ќе
ги искористува тие негови права и дали го застапил на вистински начин
акционерот пред собранието - тоа се многу дискутабилни прашања.
ДЕПОЗИТАР
МС: Господине Ќупев, со какви се практични проблеми се соочуваат
акционерите доколку сакаат да го повратат правото на сопственот на акциите
што ги пренеле, односно ги насочиле на управување на менаџерскиот тим. Дали
судските органи имаат одврзани раце правилно да донесат одлука за враќање на
акциите на вистинскиот акционер, или токму оваа одредба што ја потенциравте
од членот 290 од Законот за трговски друштва пречи за враќањето на акциите
на акционерите?
ЌУПЕВ: Практично многу тешко акционерите можат да ги раскинат
договорите. Едноставно тие се во рацете на менаџерите, како од аспект на
менаџерите така и од аспект на вработените. Тоа е едната страна. Второ, кога
самиот договор се склучува, се остава можноста тој да може да се раскине во
рок од шест месеци, со најава за тужба на суд, под услов да се повредени
некои материјални услови од договорот. Тоа е малку тешко да се докаже, а
мошне тешко е тоа дека самиот акционер ќе покрене тужба против својот
менаџер. За судот ова не би требало да претставува проблем, се разбира ако
ова се води во една нормална судска постапка и ако сето тоа се докаже.
Меѓутоа, токму поради тоа што е ваква ситуацијата, ние во последниве две
години имаме случаи на масовни штрајкови во кои не штрајкуваат работнициите,
ако може да се издвојат во нашава состојба вработени - акционери, туку
штрајкуваат акционери на кои им се узурпирани правата со тие договори.
Бидејќи не можат да ги решат по еден нормален пат, судски, и затоа што
процедурата е многу долга и тешка, тие се решаваат на вакви методи. Инаку,
тоа тешко може да се оствари затоа што во самиот договор се потенцира дека
отказниот договор е шест месеци, а за тој период таа фирма може да се уништи.
Затоа акционерите ја земаат правдата во свои раце и штрајкуваат. Имавме
многу случаи каде масовно тоа се изразуваше. Еве, типичен пример беше " Киро
Чучук", но и други работници штрајкуваат за да си ги остварат правата. За
ова насекаде се пишува, а такви примери има безброј.
МС: Дали Централниот регистер на хартиите од вредност - акции може да
помогне за да се надмине оваа статус-кво ситуација? Колку со ова се расчисти
сопственичката структура?
ЌУПЕВ: Со формирањето и почетокот на работата на Централниот регистер
можам да кажам дека многу се придонесе да се расчистат одредени состојби во
акционерството. Прво, се реши проблемот со водењето на акционерските книги и
нивното чување. Значи, по сила на Закон преминаа во Централниот депозитар.
По ова, веднаш уште во истиот момент на одредениот критичен датум со
акционерите се расчисти состојбата во акционерските друштва. Можноста да се
има една, две, три или повеќе акционерски книги и да се манипулира како што
тоа порано се правеше се до 2001 година, автоматски исчезна. Значи, прво се
утврди точната состојба со акционерите. Потоа тие добија потврди со кои
знаат колку акции имаат и дека се акционери во таа фирма. Со ова можноста од
крадење, условно да кажам, на акциите на акционерите, се намали, а се одреди
и нивниот број во акционерските книги. На тој начин се спречи
фалсификувањето на ационерските книги. Тоа е видливата придобивка од
формирањето и работењето на Депозитарот. Во однос на пренесувањето на
правото на управување, ползата од Депозитарот е во тоа што тие го
пријавуваат ова оптоварување на акциите каде го пренеле правото, и во случај
на продажба за брокерите и за другите што сакаат да купуваат е видливо и
знаат дека купуваат акции што се оптоварени и имаат некаква дополнителна
ризичност. Неповолната страна за акционерот кој го пренел правото за
управување со неговите хартии од вредност е тоа што вредноста на акцијата се
намалува. Јас и секој друг кој се решил да ги купува ваквите акции тешко би
се согласил да ги купам, бидејќи правото на управување е пренесено на
менаџерот. Затоа акционерите треба многу да внимаваат со кого и како
потпишуваат договор. Меѓутоа, со новиот Закон за трговски друштва кој треба
да стапи годинава во јули не се предвидува таква одредба. Тоа е спротивно и
неприродно за акционерството и може да се злоупотреби. Затоа сега тежината
паѓа на акционерите и тие треба да се свесни дали ќе потпишуваат такви
договори и дали ќе ги пренесуваат правата за управување на менаџерите или
нивните тимови.
МС: Типични примери за нерасчистени акционерски книги се случаите "Газела",
"Електрометал" и така натаму. Во него акционерите се судруваат со
менаџерските тимови. Дали субјектите можат да се повикуваат на старата
законска регулатива и дали нивната ситуација е појасна со појавата на
Депозитарот?
ЌУПЕВ: Во овие примери што се потенцирани, па и во низа други фирми,
проблемот со акционерските книги произлегува од она што претходно го укажав
- внатрешните манипулации што се правеа со овие книги. Меѓутоа, сега тие се
должни на Централниот депозитар да му дадат точни податоци во кои ке се
втемелат информации за еден критичен датум за кој одговараат. На тој начин
од овој аспект тешко дека ќе се манипулира со нив, бидејќи веќе ги имаме
податоците во Депозитарот. Во таквите фирми имаше и други проблеми и во
начинот на спроведувањето на приватизацијата, во обезвреднувањето, во
направените договори во четири очи итн... Од тој аспект имаше проблеми.
Мислам дека овие проблеми полека се надминуваат со обезбедување на оваа цела
институционална инфраструктура во државата и нормално со законската
регулатива којашто ја имаме. Се разбира дека овие институции мораат да бидат
оспособени и во вистинска смисла на зборот да ги спроведуваат законските
обврски.