овторно, по којзнае кој пат,
работите во државава се вртат околу истите и никогаш неразрешените области,
економскиот криминал и корупција и безбедносните случувања. Веројатно е дека
и во наредните неколку години приматот во нашето секојдневие ќе го имаат
криминалците и силеџиите. Без нивното постоење политиката и не би била
политика, без нивното дејство па и минимално високите позиции во власта не
би биле толку успешни. Тоа е јасен показател дека која било гарнитура
поставена на позициите на одлучување посакува и во одредени моменти од
своето владеење и иницира и поттикнува случаи на криминал и безбедносна
нестабилност како појави кои во некој актуелен миг ќе им помогнат во
зацврстувањето на котвите и подигнувањето на рејтингот во јавноста.
Веднаш ова би го поткрепиле со два многу јасни случаи. Поранешната власт
многупати играше на картата на стабилноста и соживотот, понекогаш дури и си
поигруваше со нив. Зошто? За таа пуста власт, за останување на тронот. Во
тој сегмент од општественото живеење со неуспех и дебакл на септемвриските
избори, но се истурка четиригодишниот мандат кој можеше да биде преполовен.
Што прави сега актуелната гарнитура на двете социјалдемократски опции? Таа
успехот во јавноста и оправдувањето за постапките го бара во борбата против
организираниот криминал, корупцијата кај претходниците и на моменти
навлегува во неутрализирањето на подземјето. Овие појави, иако негативни, на
новата власт & дојдоа како "кец на десетка" од проста причина што на таков
начин најдобро се собираат поени кај народните маси. Цели 12 години народот
мечтаеше да види барем еден политичар зад решетки. Иако цела деценија назад
беше посна во тој поглед, последниве месеци се тргна со турбо ритам. Цела
плејада наши водачи од луксузните апартмани ги преселија во тесни одаи на
непопуларните конаци во Шутка и Идризово. Тука Црвенковски е неприкосновен.
А што друго ќе му тргнеше на добро ако ги немаше криминалците од јатото на
поранешната власт. Ниту еден друг сегмент од државните проблеми не може да
се реши, па вака возбудата кај јавноста ќе се држи на ниво на обидите за
враќање на "правната држава".
"КРЕАТОРИ" НА МИР И СОЖИВОТ!?
Досега неколкукратно наидувавме на вакви и слични проекти од речиси сите
досегашни гарнитури. Граѓанските маси научија наизуст дека нивни спасители
се оние кои ги создаваат неволјите, дека оние кои свесно и плански ја
втурнале државата во криза утре или задутре како заокружување на проектот ќе
се појават во сосема поинаква улога, да ја спасуваат државата. До кога ќе се
толерираат ваквите феминистички и скапо платени потези на политичките
галерии? Отсуството на чесноста, искреноста и сериозниот пристап кон
проблемот е основниот недостаток во сите процеси кои моментално течат.
Жестоките реторики и рафалите од зборови неизбежно ќе бидат составен дел од
политичкото живеење во тековната година. Доколку се пречекори црвената
линија на вербалните размени, лесно може во целата кревкост на ситуацијата,
жестокоста и рафалите од зборови да преминат во рафали на оружјето. Некој
повторно свесно ја води ситуацијата во тој правец, ја навртува водата од
воденицата во таква насока. Последните настани со специјалната едниница "Лавови",
обидите да се дискредитира колку толку стабилната состојба преку изнесување
факти и показатели дека илјадници терористи и муџахедини чекаат само налог
за повторно активирање во кризните региони, па и пошироко, се само дел од
новите моменти на новите предизвици кои стојат пред македонските граѓани.
Повторно се се врти околу она за што нашите мегаломани се стручни и
компетентни. Се демонстрира сила онаму каде што не треба да се покажува, се
искажува машкост каде што е најлесно да се искаже. Класичната наивност и
аматеризам во постапките на крајно спротивставените македонски блокови само
& дава можност на најбројната етничка заедница во земјава да се однесува
поопуштено со преземање поаспиративни чекори од кои би имала само полза, а
никако штета. Разјаденоста и растуреноста на македонското национално ткиво
мошне рационално и умешно се искористува од невештите и дебитантските
политички функционери на популарната ДУИ која упорно се наметнува пред
европската јавност како уникатен двигател и мотор за движење на
демократските начела. Како таа ги користи последните турбуленции во држава
најдобро покажува случајот со бунтот на "Лавовите" и изјавите на некогаш
првиот Македонец, екс-претседателот Киро Глигоров и сега првиот Албанец, Али
Ахмети.
"Доколку јас сум на позиција да одлучувам, никогаш не би им попуштил" -
остро пресече Глигоров во врска со барањето на специјалната единица.
Наспроти него, на исто место во исто време Ахмети ќе изјави: "Треба да се
има разбирање за тие луѓе (Лавовите), да сториме се да ги решиме, а не да ги
создаваме проблемите".
Се е јасно. "Демократот" Ахмети покажа дека е многу позагрижен за
иднината и судбината на македонските бранители отколку поранешниот врховен
командант на македонските вооружени сили. Какви противречности и додворување.
Доколку продолжат ваквите терминологии и квалификации на политичките струи
од различна провиниенција, повторно би западнале во еден ќорсокак и лавиринт
од кој сите знаеме како и кога се излегува.
Создавањето паралелни стуктури во институциите и во областа на воената
практика беше опасен преседан кој се случуваше пред десетина години и од кој
последиците ги чувствуваме и ден денеска. Сега повторно на мала врата се
промовираат слични проекти, но со таа разлика што иницијалната каписла е кај
другата спротивставена страна, кај делот од незадоволната опозиција со
македонски предзнак.
КУКАВИЧКИ ПОТЕЗИ
Методите на растревожените "Лавови" со кои се демонстрира закана со
употреба на оган на сопствените соборци е вовед во паралелизам во
полициското владеење во земјава. Обидите да & се прикаже на јавноста дека
тие се борат за нивното право да добијат исплата на трудот за време на
кризата е само маска за чекорите кои се преземаа. Идејата беше јасна, не
смееше да се дозволи трансформација, а уште помалку распуштање на единицата,
бидејќи опозицијата би останала без средство кое ќе ја држи власта во
незавидна ситуација. Состојбата е сосема логична. Станува збор пред се за
луѓе доброволци патриоти кои застанаа на браникот за одбрана на татковината.
Пред да го сторат тоа, доброволно и по сопствена иницијатива голем дел од
нив ги напуштија работните места поради заостанатите лични доходи и слабите
примања кои се движеа од пет до седум илјади денари. Наспроти тоа, првите
хонорари кои ги добиваа во редовите на единицата, но не е мал бројот и на
оние од резервниот полициски состав, се движеа од 700 до 900 германски марки
месечно и очигледно е дека едномесечното држење на пушката в рака беше
далеку поисплатливо од неколкумесечното р'мбање во пропаднатото претпријатие.
Сега по завршувањето на кризата претпријатијата не се решаваат да ги вратат
назад, бидејќи изборот да заминат од нив бил по сопствена иницијатива.
Работите тука се чисти. Од друга страна, пак, и државата не може да остане
нема кон статусот на овие луѓе кои покрај апетитот за поголем доход, собраа
и храброст да застанат на линијата на фронтот. Секоја држава води сметка и
грижа за своите борци кои во одреден миг од својата историја ги бранеле
интересите на народот. Тоа е почит, но и морален и етички долг кон
малкутемина кои го ризикуваа животот. Сепак, доколку се гледа објективно и
непристрасно на целиот проблем, мора да се признае дека обете страни -
државата и припадниците на единицата - претеруваа во позиционирањето на
ставовите, па дури се надминуваа и себеси во моќта која си ја замислуваат.
Игнорантскиот однос на компетентните ресори во власта беше крајно
деструктивен и контрапродуктивен за целокупниот безбедносен систем на
државата. Изјавите од типот "Љубе нека ви ги даде парите" не само што се
крајно несериозни и неполитички, туку и создаваат слика пред јавноста дека "Лавовите"
не се регуларна државна безбедносна творба, туку своевидна паравојска на
екс-министерот за внатрешни работи со што несвесно опонентите создаваат мит
од него како своевиден маж над мажите, невиден одамна на овие простори.
Ваква улога од ривалите ниту еден министер досега не добил. Доколку потрае
сето ова Бошковски во зависност од неговата интелектуална психа може мошне
успешно да го искористи особено во овој период кога треба да почне
кристализацијата на профилите за претседателските кандидати на изборите до
година. Оттука, либералниот и еластичен пристап на актуелната власт кон
проблемот беше повеќе од потребен. Парите и статусот на лицата не се
нерешлива загатка, иако во овие тешки времиња и тоа ја отежнуваше состојбата,
но старите велат "реши го злото, да не навлечеш друго и поголемо". Постојано,
пак, во реториката на гласноговорниците на лавовската единица се споменуваа
хонорарите, парите и придонесите што тие мора да ги добијат затоа што храбро,
машки и патриотски ја бранеле својата татковина.
Колку што е познато низ историјата, вистинските патриоти никогаш не се
бореле за пари и хонорари, а никогаш и не ги добиле затоа што нивното мото
било "смрт или слобода". Да се запрашаме колкав хонорар добиле комитите од
илинденскиот период кои ги оставиле коските по македонските гори и планини?
Колкаво обесштетување добиле семејствата на Гоце Делчев, Питу Гули, Карев,
Сандански, Даме Груев кои славно паднаа во одбрана на македонштината?
Колкави суми пари како компензација добија блиските на Мирче Ацев и Страшо
Пинџур, македонските херои од Втората светска војна кои беа измачувани и
касапени во бугарските фашистички ќелии во Велес и Прилеп? Оттука,
вистинските патриоти не војуваат за пари и за индивидуален статус.
Вистинските патриоти војуваат затоа што ја сакаат својата земја, а љубовта
кон татковината не се мери со никакви пари. Затоа нашите бранители
доброволци треба да решат и да одлучат во која група патриоти спаѓаат. Сепак,
нашите "Лавови" требаше по малку и лавовски да се однесуваат. Вака, го
изгубија својот лавовски дел.