Полицијата молчи за Железнец
Министерството за внатрешни работи и по 12 дена по информацијата од
анонимни извори дека во малиот дол, веднаш по свртувањето од селото Железнец
кон селото Големо Илино, се закопани делови од човечко тело, нема конкретни
информации и деноноќно ја обезбедува мистериозната локација.
Се шират гласини дека можеби тука биле закопани и оние несреќни Македонци
што беа киднапирани во текот на воената криза во државава.
Јазичната "дарежливост" на Дорис Пак
Јазичен компромис во Собранието, како тој во Белгија, предложи
европарламентарката задолжена за соработка со земјите од Југоисточна Европа,
Дорис Пак. На завршување на дводневната посета на земјава, таа потенцира
дека во охридскиот Договор треба да постои простор за одредена дарежливост
за користење на јазикот на состаноците на Парламентот и во комисиите во
слушањето и во зборувањето.
Убиен инспектор на МВР
Инспекторот на МВР, Кире Димитровски (46) со прекар Брада, на 26 јануари
беше убиен во скопската населба Чаир во близина на стадионот на ФК "Слога
Југомагнат". Полицијата тврди дека напаѓачите прво со пиштол истрелале еден
куршум во автомобилот "пасат" во кој бил Димитровски со својата сопруга.
Потоа Димитровски излегол од возилото и тргнал кон напаѓачот кој се дал во
бегство, но откако минал десетина метри во темницата, друго непознато лице
со пиштол му испукало неколку куршуми во грбот и го убило.
Преуредување на Спомен-куќата на Делчев во Битола
По повод стогодишнината од Илинденското востание Заводот, музеј и
галерија од Битола, ќе ја преуреди Спомен- куќата на Гоце Делчев, која се
наоѓа во центарот на градот. Куќата во која често престојувал идеологот на
Илинденското востание, Гоце Делчев, ќе биде збогатена со нови паноа,
фотографии и нови документи од илинденскиот период, а Заводот ќе издаде и
зборник што го подготвуваат историчарите од таа институција и научни
работници од Битола.
Војо Михајловски обвинет за кражба на икони
Мистериозното исчезнување на петнаесет икони кои датираат од 14 век од
црквата "Свети Илија" во тетовското село Стенче, селаните го поврзуваат со
Војо Михајловски, поранешен директор на Фондот за здравство. Тој заедно со
извесен Борче, жител на Стенче и претставник од Заводот за заштита на
споменици, пред една година дошол во селото и на жителите им објаснил дека
ќе ги земе иконите за да ги однесе на изложба во странство. По еден месец
вратил 15 икони во црквата, меѓутоа според селаните иконите биле со променет
изглед, а и бојата не одговарала со претходните, односно како што велат
селаните, станувало збор за зделка од која профитирале членови на
поранешната владејачка гарнитура.
Георгиевски почесен претседател на ДПМНЕ?
Под мотото "Спас на партијата од распаѓање" одредена групација во
ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на мајскиот конгрес на партијата, предвидува Доста
Димовска да стане претседател на партијата, Душко Кадиевски, потпретседател,
а Георгиевски да биде почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Потврда дека и Трајковски сака да го ослабне Георгиевски е понудата што
Претседателот на државата му ја даде на Никола Груевски, бившиот министер за
финансии, да стане амбасадор во Лондон.
Во врска со шпекулациите дека и Борис Змејковски е во таа групација,
Доста Димовска ја демантираше неговата изјава дека, иако помеѓу нив не се
случило политичко помирување, наводно тие сепак неколку пати се сретнале.
Прчевски - нов јавен обвинител
Парламентот на 28 јануари го именува Александар Прчевски, досегашниот
претседател на Основниот суд во Битола, за нов државен јавен обвинител.
Најголемата опозициона партија не го поддржа именувањето и до медиумите го
испрати Решението 736/68 на Општинскиот суд Битола од 29.01.1969 година, со
кое Цане Прчевски (за кој тие сметаат дека е истиот што е именуван за
државен јавен обвинител), е прогласен за виновен за прекршоци против јавниот
ред и мир - кршење чаши, непристојно држење на јавно место и создавање неред.
Прчевски, како што објаснуваат во ДПМНЕ, пред да стане судија го сменил
името во Александар.
Два професорски потписи чинат 5.000 денари
Студентите на Правниот факултет во Скопје, како што пишува "Вест",
реагираат што на почетокот на зимскиот распуст биле непријатно изненадени од
новите огласни ценовници за плаќање на надоместоци и други видови услуги.
Според нивните кажувања, за да се запише година без еден потпис од професор,
според новиот ценовник, се плаќаат 500 денари, а ако недостасуваат два или
повеќе потписи казната е 5.000 денари. За потврда за редовен студент која на
другите факултети е бесплатна, Правниот факултет почнал да наплаќа по 1.000
денари.
Димитар Бајалџиев, декан на Правниот факултет, ја потврдил таа
информација и изјавил дека тие пари ќе ги искористеле за создавање подобри
услови за следење на наставата.
"Сите на Шапка"
Над 2.000 љубители на зимските спортови од Скопје, Тетово, Гостивар,
Битола и Велес, минатата сабота беа дел од вториот карван што под мотото "Сите
на Шапка" го организираше Агенцијата за спорт и млади во соработка со
невладините организации, Младинскиот информативен центар од Тетово и
Асоцијацијата за демократска иницијатива од Гостивар. Карванот го поддржа и
Владата.
|