КОМЕНТАР

Сито и Решето

БЕСМРТНИ ИДЕАЛИ

Од Редакцијата

Македонскиот народ се соочува со една од најголемите национални кризи на опстојувањето. Како по традиција, во ова бурно и мошне егзистенцијално време продолжува борбата за самодокажување и негување на вековните идеали за кои впрочем паднаа стотина истакнати македонски херои. Македонската црна и славна епопеја памети големи борци, но се згрозува од домашните предавници и од странските агитатори. Тие со сите сили и средства со векови се обидувале да го уништат македонскиот народ, но и да ја присвојат нашата историја, јазик и култура.

Оваа тенденција не запира, туку со несмален интензитет продолжува да ја поткопува Република Македонија. Многумина се обидоа да го срамнат со земја делото на македонските гемиџии. Да ги поистоветат со албанските терористи. Демек ќе ни се налутат Турците, ако ги величиме гемиџиските акции од 1903 година во Солун. Но, тоа не им успеа. Тие го надживеаја своето време, а ќе продолжат да горат во срцата на Македонците.

Меѓутоа, домашните и странските непријатели не мируваат. Продолжуваат со својата стратегија. Сега се настрвија на делото и идеите на најголемиот визионер, идеолог и предводник на македонското национално-ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Гоце Делчев.

АНГЕЛ ЧУВАР

Зошто толку им пречи кукушкото момче? Затоа што тој беше вистински лидер. Не како денешниве "мрсулковци", македонски политичари кои со поднаведната глава даваат изим на секој предлог на Албанците и на странците, па макар тој и да бил мошне штетен за македонскиот народ и неговите национални интереси.

Кој денес ги застапува македонските национални интереси? Гледаме исти "сурати", гледаме исти фаци во Парламентот. Нели тие ја создадоа кризата. Нели истите се удираа в гради дека ја бранат татковината. Нели...рекоа... Но, се што изрекоа тоа и го прекршија. Што всушност сторија од Република Македонија? Папазјанија. Таа не наликува на онаа Македонија, на оној идеал за кој Гоце Делчев храбро загина.

Тој барем имаше своја цел, за разлика од денешниве македонски репрезенти, обединета слободна Македонија. Затоа Гоце Делчев е нераскинлив синџир на македонската национална историја. Ангел чувар на нашето богато минато од кое израсна во автентичен водач на автохтоното македонско национално ослободително движење.

Некои домашни неранимајковци се обидуваат да ја намалат неговата улога во македонската историја. Меѓутоа, не успеваат, бидејќи не умеат да ја скријат неговата големина. Тој е македонски национален револуционер од балкански размери кому му е туѓ секаков вид национализам и шовинизам. Тој вели: "Јас не ги мразам Османлиите како народ; јас војувам против османлиската тиранија како владејачки систем".

МОРАЛНА РЕВОЛУЦИЈА

Во предворјето на 100 годишнината од одбележувањето на Илинденското востание во Република Македонија се случуваат многу политички небулози. Од лупинзи до немерливи циркуси што укажуваат на простотилакот на македонските политичари и нивното непознавање, или намерно плакнење на умот и на револуционерниот дух да се бори и да се сака Македонија.

Џабе не вели Гоце Делчев дека "секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струни на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон пожртвувањето". Затоа истиот наш деец заклучува: "Моралната револуција - револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ е најголемата задача" за поединецот, за колективитетот, но и за целокупниот македонски народ. Очигледно е дека Гоце Делчев не бил само револуционер, туку и голем визионер кој успеал да ја оцени сложеноста на ситуацијата и на времето во кое се наоѓал македонскиот народ. Затоа неговите зборови имаат тежина, но и поука за денешниве македонски политичари. Тие имаат проблем со моралот и со умот кој е заслепен од амбицијата за власт и грабеж на националното богатство. Затоа се чувствува голема ерозија на македонското национално битие и распродажба на татковината. Делчев потенцира дека "организацијата на македонскиот народ е нужна да го собори ропството над себе, а не да тргува", со секој што ќе зграби оружје и со него да крчми или да ја раскрчмува Република Македонија.

ЛОКАЛНА АМНЕЗИЈА

Тој предвидува дека револуционерната борба за македонските национални интереси им припаѓа на сите Македонци. Таа борба мора да се негува единствено со сопствени сили. Но, притоа апелира: "Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата - тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави или ќе биде разделена меѓу нив".

Очигледно, нашиот најголем и ненадминат револуционер и деец бил далекувид. Имал јасна визија за она што подоцна ќе се случува, односно за она што сега ни се случува. Сведоци сме на распродажбата на македонската држава, но и на огромните тенденции и налети на заборавот. Локалната историска амнезија на одделни македонски политичари опасно се рефлектира врз опстојувањето на македонската држава. Таа се чувствува доволно моќна да влијае врз умот, врз свеста на Македонците и да ја извитоперува македонската национална револуционерна мисла. Меѓутоа, и за плевелот има спас. Се додека се продолжува традицијата и се додека живеат Делчевите идеали за историската свест на македонскиот народ, не постои опасност од бришење на меморијата. Таа го надживеа времето и како вонвременска категорија прераснува во позитивно културно и историско наследство на македонскиот народ.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"