ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Богојавление - Водици прославен помпезно и мошне свечено

УБАВИНАТА И ДУХОВНИОТ ВОЗНЕС НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Јануарските празнувања не сплотија како никогаш досега. И во овие ладни и бурни времиња божјата утеха е најсвет доказ за нашето верување и постоење.
  • Македонските верници оваа година својата љубов ја упатија кон Бога со надеж за мир и среќа во нивната земја.

Цели два дена бевме осветлени со светиот дух. Македонските верници насекаде во земјата и дијаспората беа оросени со Божјата светлина. Благодетниот дух и љубов го огреаја македонското срце и во овие празничи денови.

Богојавление - Водици не е само празник на љубовта, дружбата, радоста, туку и празник на човештвото, солидарноста, хуманоста и пред се на Божјата љубов. Водици е нашето духовно прочистување. Водици е ден кога нашите мисли преточени во бистрите македонски реки се надеваат на среќни моменти и во оваа година.

БЛАГОСЛОВЕНИ ДЕНОВИ

Централната манифестација се одржа на Камениот Мост во Скопје пред илјадници верници. Централната богослужба се одржа во храмот "Св. Димитрија" на која Поглаварот на МПЦ, Неговото Блаженство г.г. Стефан, ја служеше Светата Василева литургија со бројното свештенство и ѓаконство. Пееше централниот хор "Свети Климент" кој не вознесе во небесните височини и божјите сводови.

Точно во 12 часот напладне Поглаварот го фрли светиот богојавленски крст во студените води на Вардар, гордата македонска река. Храбрите бројни момчиња, христијани, се бореа јуначки кој ќе го фати светиот крст.

Литијата од храмот "Свети апостоли Петар и Павле" кон реката Вардар

Овој пат среќно тоа го стори 45-годишниот Војо Георгиевски кој се обидувал девет години по ред да го фати овој свет крст. Сето ова беше невиден спектакл кој остави незаборавни мигови. На овој верник му беа доделени наградите - телевизор и други вредни работи од досегашните кумови, а притоа се избраа и нови кумови. Овој свет чин ја разлеа песната на небесните ангели. На мостовите на реката Вардар во Влае и Карпош исто така беа фрлени крстови. Истото се случуваше во другите градови во земјава каде свештенствата ги осветуваа водите и ги благословуваа бројните верници.

БЛАГОСЛОВЕНИ МОЛИТИВИ

Бројните верници и оваа година докажаа дека нашата вера е непресушлив извор на љубов, среќа и мир. И оваа година беа упатени молитви кон Бога за мир и благосостојба во земјава и светот. Вербата и верноста на македонскиот народ никогаш не ја заборавила моќта на сопствената вера која како ореол бдеела над нас и во добро и во зло.

Оваа година ги крштававме водите со желби за бистри и среќни денови исполнети со благосостојба, мир и бериќет. Овогодишните Водици оставија незаборавен импулс во нашите срца. Нека светлината на благословениот крст зрачи над нас во деновите кои доаѓаат. Божјта љубов на овие простори никогаш да не зајде. Вечно да ја грее Македонија и нејзиниот напатен народ.

За многаја лета.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"