|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДЕЛАТА НА ДРЕВНИОТ ГРЧКИ ИСТОРИЧАР ПЛУТАРХ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Плутарх оставил повеќе значајни историски дела во кои пишува за
Македонија и за Македонците, кои за жал се уште не се преведени кај нас.
- Едно од своите историски дела Плутарх го посветил и на македонскиот
крал Димитрија Први.
Ч естопати од страна на разни
субјекти од соседна Грција слушаме дека древните Македонци наводно биле "Грци",
што ние, денешниве Македонци, сме сакале да ги "присвоиме". Не е јасно како
може да се присвои нешто што отсекогаш е твое. Древните Македонци припаѓале
на Македонија - земјата во која живеат и денешните Македонци како нивни
наследници. Древните Македонци речиси во сите културни сегменти, во поголема
или помала мера, биле различни од Грците. Ова го потврдуваат речиси сите
древни историчари, а пред се тоа го прават токму древните грчки историчари.
Значи, проблемот не е во фактографијата, која е во наша полза, туку
проблемот е во тоа што добар дел од таа фактографија, сепак, е далеку од
очите на нашата јавност. Конкретно, кај нас многу малку е преведено од
оригиналните дела на древните историчари за да може нашата јавност сама да
се увери во она што го пишувале овие историчари во однос на засебноста на
Македонците. Дури и ќе кажам дека Македонија е можеби единствената држава во
светот која се уште нема извршено преводи на македонски јазик на најголемиот
дел автентични историски дела и сведоштва поврзани со сопствената историја,
земја и народ. Не знам дали ваква ступидност и мазохизам постојат во некоја
друга држава. Стотици древни и средновековни сведоштва за Македонија и
Македонците и натаму стојат непознати и недостапни за нашата јавност, иако
се однесуваат, не за Кинезите или за Ескимите, туку токму за Македонците! По
една страница дневно да се преведуваше изминативе десетина години, досега ќе
беа преведени сите најзначајни автентични историски дела за Македонија.
Како скромен придонес во оваа насока, во овој напис ќе направиме краток
преглед врз мал дел од пишувањето на познатиот древен грчки историчар
Плутарх, што кај нас се уште не е преведено. Познато е дека неговата
биографија за Александар Македонски е преведена на македонски и е достапна
до секој што е заинтересиран. Но, таа биографија претставува само дел од
неговиот целокупен историски опус посветен на Македонија и на Македонците.
Пред да презентираме мал дел од овој опус, најнапред да кажеме неколку збора
за неговиот идентитет (преземен од општата ЦД енциклопедија "Микрософт
Енкарта" САД, 1998).
КОЈ БИЛ ПЛУТАРХ?
Плутарх се родил околу 46 година по Христа, а починал во 120 година. Се
родил во Херонеја во Беотија, а се школувал во Атина. Се смета дека патувал
во Египет и во Рим. Честопати престојувал во Атина, каде бил свештеник во
познатиот храм во Делфи. Последните години од својот живот ги поминал во
Херонеја. Тој бил близок со римската власт. Неговите дела генерално можат да
се поделат во две групи. Првата група опфаќа есеи и дијалози. Овие дела се
опфатени под заедничкиот назив "Моралија". Втората група негови дела се
однесува на историјата и истиот опфаќа биографии на познати личности од
древнината. Овие дела денес претставуваат незаменлив историски извор за
современите истражувачи, иако рековме дека, за жал, кај нас се уште не се
преведени (со исклучок на биографијата за Александар Македонски).
Едно од овие дела го носи насловот "Споредба помеѓу Димитрија и
Антоние". Во него Плутарх дава компаративен преглед на дејноста на
познатиот римски војсководец Марко Антоние и на македонскиот крал Димитрија
Први, кој кој живеел во 4 и 3 век пред Христа. Воопшто ваквите дела, во кои
е правена споредба помеѓу две историски личности, биле карактеристика за
историските пишувања на Плутарх.
КОЈ БИЛ МАКЕДОНСКИОТ КРАЛ ДИМИТРИЈА ПРВИ?
Пред да поминеме на пишувањето на Плутарх, да направиме краток осврт кон
главните личности опишани во ова дело. Македонскиот војсководител и владетел
Димитрија бил син на Антигон Први, кој бил еден од генералите на Александар
Македонски. Се родил околу 336 година. Неговата мајка се викала Стратоника.
Во 321 година пред Христа се оженил со својата прва жена Фила. Во 313 година
бил назначен за стратег на Сирија и Феникија, а во 312 година пред Христа
доживеал пораз против македонскиот владетел на Египет Птолемеј Први. Во 311
година, Димитрија заедно со својата војска го ограбил Вавилон и се вратил
кон Сирија. Во 310 година ја добил азиската област Киликија од страна на
Птолемеј. Во 305 и 304 година пред Христа спровел безуспешна опсада на Родос,
иако во неа употребил и опсадни машини. Родос тогаш се наоѓал под власта на
македонската династија Птолемеи. Во знак на благодарност кон боговите кои (според
жителите на Родос) го спасиле овој остров, жителите на овој Родос ја
подигнале познатата статуа Колосот од Родос, која подоцна е прогласена за
едно од седумте светски чуда на древнината (за што повеќе детали има во
мојата книга "Уделот на Македонците во светската цивилизација").
Потоа Димитрија војувал против Касандар на територијата на денешна Грција,
при што освоил некои грчки територии. Во 303 година пред Христа се оженил за
сестрана на кралот Пир, по име Деидамеја. Во 301 година пред Христа бил
поразен од страна на војската на Селевк Први во меѓу-македонските судири,
кои изобилувале во тоа време помеѓу наследниците на Александар Македонски.
Во 298 година пред Христа склучил сојузништво со Селевк, а следните години
повторно учествувал во меѓумакедонските судири за превласт над градовите и
островите на територијата на денешна Грција и Мала Азија. Во 288 година пред
Христа, македонските владетели Лизимах, Селевк и Птолемеј склучиле сојуз
против Димитрија. Македонците од неговата војска почнале масовно да
дезертираат преморени од неговите бескрајни војни, поради што тој побегнал
во Касандреја. Сепак, подоцна успеал да собере војска од околу 11.000
платеници. Во 287 година се оженил за Птолемеја, ќерка на Птолемеј Први (генералот
на Александар Македонски). Во 286 година пред Христа епидемија ја напаѓа
неговата војска и му нанесува големи загуби, но и натаму Димитрија сака да
војува. Во 285 година напаѓа на Сирија (која е под власта на Селевкидите).
Во пресудната битка, неговата војска почнала да дезертира на страната на
Селевк, а тој бил заробен. Селевк го оставил во живот и му доделил место за
живеење во Сирија, каде Димитрија го завршил својот живот. За него се знае
дека имал уште една сопруга, која била Илирка. (Податоци за животот на
Димитрија се земени од книгата: "Кралевите на античка Македонија и
нивните монети во Република Македонија од авторите Никола Шелдаров и
Виктор Лилчиќ, Скопје, 1994).
МАРКО АНТОНИЕ
Втората главна личност во споменатово дело на Плутарх е Марко Антоние ( Marcus
Antonius). Овој познат римски генерал се
родил некаде околу 83 година пред Христа. Во служба на римската војска
војувал во Палестина, Египет и Галија. За време на граѓанската војна помеѓу
Помпеј и Јулие Цезар, Марко Антоние војувал на страната на Цезар. По
убиството на Јулие Цезар, Марко Антоние, преку своите говори, успеал да го
сврти расположението на народот против атентаторите и нивните идеи. Заедно
со Октавијан Август и Лепид го формирал Вториот триумвират според кој
тројцата владееле заедно во Римската империја. Во 42 година пред Христа
војската на Марко Антоние и Октавијан Август кај македонскиот град Филипи ја
поразила војската на Брут и Касиј, т.е. на убијците на Гај Јулие Цезар.
Истата година тој ја повикал египетската кралица од македонско потекло
Клеопатра да се сретнат во Тарс за да му објасни зошто одбегнала да помогне
на војската на триумвиратот. Но, наместо да ја казни, тој се вљубил во неа и
заедно заминале за Египет. Во 40 година пред Христа нему му биле доделени на
владеење источните области од царството, а за да ја зацврсти врската во
триумвиратот тој се оженил за сестрата на Октавијан Август, по име Октавија.
Но, веднаш по бракот тој повторно заминал во Египет и продолжил да живее со
Клеопатра. Во 36 година пред Христа неговата војска доживеала пораз од
Патријаните, по што односите помеѓу него и Октавијан Август се заостриле. На
повидок била нова граѓанска војна. Во 31 година пред Христа војската на
Марко Антоние и Клеопатра била поразена од војската на Октавијан Август. По
поразот тие заминале во Египет, а остатоците од нивната војска почнале да
дезертираат. Тогаш војската на Октавијан Август стигнала до Александрија, а
Марко Антоние добил лажна вест дека Клеопатра се самоубила, поради што и
самиот извршил самоубиство. Тоа било во 30 година пред Христа. Истата година
се самоубила и Клеопатра.
СПОРЕДБАТА МЕЃУ ДВАЈЦАТА ВОЈСКОВОДИТЕЛИ
А, сега да се вратиме на пишувањето на Плутарх. Конкретно, во своето дело
"Споредба помеѓу Димитрија и Антоние", Плутарх прави споредба не само
на нивното политичко дејствување и однесување како владетели, туку и на
делови од нивниот приватен живот. Најнапред тој прави паралелен преглед на
потеклото на овие двајца владетели и војсководители и пишува кој од какво
семејство потекнувал. Во продолжение Плутарх пишува и за нивниот брачен
живот. Пишувајќи за нивните жени, Плутарх вели дека Димитрија имал неколку
жени, затоа што тоа му го дозволувале македонските закони уште од времето на
Филип и Александар и дека кон сите нив се однесувал со почит. Овде читаме:
"Не постоеше закон против женидбата на Димитрија со неколку жени. Уште
од времето на Филип и Александар тоа беше вообичаена практика кај
македонските кралеви и тој не направи ништо повеќе од она што го направија
Лизимах и Птолемеј (исто така македонски кралеви, з. м.). Кон своите
сопруги тој се однесуваше со почит."
Потоа Плутарх пишува дека таков не бил случајот со Антоние, кој се оженил
со две жени наеднаш и ги прекршил римските закони.
Во продолжение на ова свое кратко дело, Плутарх прави споредба помеѓу
Димитрија и Марко Антоние од аспект на војсководители, при што повторно
упатува забелешки и критики кон Антоние. Овде читаме:
"Успесите што ги направи Димитрија се негова лична заслуга, додека
најсјајните и најголеми победи на Антоние беа добиени во негово отсуство од
страна на неговите команданти. За нивниот конечен слом виновни се обајцата,
но сепак не во иста степен. Димитрија остана напуштен затоа што Македонците
избегаа од него, додека Антоние беше тој што ги напушти другите. Тој избега
додека луѓето се бореа за него, ризикувајќи ги своите животи".
Конечно, Плутарх пишува за нивната смрт и повторно го критикува Антоние
дека кукавички си го одзел животот, додека Димитрија дозволил да биде
заробен и затворен.
Забележителна е пристрасноста кај Плутарх во однос на овие двајца
владетели, а посебно против Марко Антоние, што можеби претставува одраз на
дневната политика на Рим во тоа време (прв век по Христа), кога Римјаните
настојувале да ги потценат и омаловажат оние војсководители кои владееле
пред нив со државите со кои Рим војувал, но и сопствените опоненти, внатре
во Рим каков што е случајот со нападите врз Марко Антоние.
Кога сме кај спомнувањето на Македонците во ова дело, освен Димитрија,
Плутарх ја споменува и македонската кралица на Египет Клеопатра Седма која,
како што е познато, живеела со Марко Антоние.
На крајот да заклучиме дека не е сосема јасно зошто Плутарх одбрал да ги
споредува токму овие двајца војсководители и владетели. Тие не живееле во
исто време, а освен тоа припаѓале на различни народи.
(Продолжува)
|