о текот на пет години колку што
всушност траеше Граѓанската војна во Грција се одиграа страшни настани.
Некои од настаните одиграа решавачка улога врз развојот и исходот на
Граѓанската војна, но и врз судбината на македонското малцинство во Грција.
Накратко се задржуваме на нив.
На 17 ноември 1944 година раководството на КПГ, откако на 15 истиот месец
и година, од Тито доби целосна политичка поддршка и ветување за помош во
оружје и муниција, одлучи да не ја изврши наредбата на владата на Георги
Папандреу, во која партиципираше, и од англискиот генерал Скоби, за
разоружување и демобилизација на ЕЛАС. Одлуката беше погрешна и фатална.
Раководството на КПГ со овој потег се откажа од политиката што упорно ја
водеше низ целиот период на војната за постигнување на национално единство
за ослободување на земјата, а прашањето на власта да се реши по војната
преку парламентарна процедура. Резултат на таквата политика на стратегија
беа недозволените отстапки во корист на граѓанските партии што особено
дојдоа до израз во договорите на Плака во февруари. Либанскиот договор во
мај и договорот во Казерта во септември 1944 година, врз основа на кои
КПГ-ЕАМ партиципираа во Владата на таканареченото национално единство и ЕЛАС
се стави под команда на Владата и на Сојузничкиот штаб за Среден Исток.
Одлуката за неизвршување на наредбата за демобилизација на ЕЛАС значеше
дека КПГ се определи прашањето на власта го реши со силата на оружјето. При
донесувањето на одлуката раководството на КПГ ги натцени своите и ги потцени
силите на противникот, не беше свесно со решеност на Англичаните до каде ќе
одат во обезбедувањето на своите интереси во Грција. За таквата определба на
КПГ виновни се и Русите, бидејќи не го информираа за зделките меѓу Сталин и
Черчил, односно за московскиот договор од октомври 1944 година врз чија
основа Грција падна под англиска сфера на влијание.
Резултат од наведената одлука беше судирот во Атина, односно англиската
воена интервенција, поразот на ЕЛАС, договорот во Варкиз и реставрација на
предвениот режим во Грција.
ГРЕШКИ СО КАТАСТРОФАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ
Од развојот на настаните во текот на војната, раководството на КПГ
требаше да се помири со фактот дека недостигаа услови да ја завзема власта.
Единствена правилна политика што требаше да ја води беше политиката за
парламентарен развој на грчкото општество, како што впрочем постапија некои
западни комунистички партии кои стоеја на чело на движењето на спорот во
своите земји.
Освен горенаведената погрешна одлука, раководството на КПГ непосредно
пред и во текот на судирот направи и други крупни грешки. Имено, во ноември
1944 година по негова наредба ЕЛАС изврши масовен масакр на припадници на
ПАО и на други соработници на окупаторот. Во текот на судирот фати поголем
број заложници од редовите на десницата, ЕЛАС не го предаде целото оружје, и
по договорот во Варкиза, во договор со југословенското раководство, префрли
во Југославија околу 6.000 свои активисти и старешини на ЕЛАС кои требало да
претставуваат јадро за новото партизанство. Горните потези на грчкото
партиско раководство десницата ги искористи како мотив и аргумент да презема
еден без преседан терористички поход против припадниците на отпорот. Така
Грција, наместо да го проследи мирољубивиот пат, отстранување на последиците
од војната, влезе во еден нов уште посуров и крвав судир со трагични
последици.
Во војната во егејскиот дел на Македонија се појави уште еден фактор кој
одигра значајна улога врз развојот на настаните во тој дел на Македнонија и
воопшто во Грција. Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) ја менува
својата политика по македонското национално прашање која упорно ја
застапуваше и ја применуваше низ целиот период на војната. Југословенските
комунисти упорно го бранеа принципот за непроменливоста на предвоените
граници и ги советуваа Македонците од егејскиот дел на Македонија своите
права да ги остварат во заедничката борба со грчкиот народ под раководство
на грчките комунисти. Спротивно на тоа, во април 1945 годна КПЈ во егејскиот
дел на Македонија формира свои партиски и масовни организации со задача да
се борат, со примена на сите форми на борба, за правото на самоопределување
и обединување. Горната акција на југословенските комунисти, која не
одговараше на настанатата ситуација во Грција, беше искористена од грчките
власти да преземат еден уништувачки поход врз Македонците, обвинувајќи ги за
автономисти, сепаратисти и сл. По околу две години КПЈ македонските
организации во македонските партизански единици безусловно им ги предаде на
грчките комунисти.
Раководството на КПГ, наместо да истрае на притисокот и да се избори за
смирување на ситуацијата и да создаде услови за мирољубив развиток,
наседнувајќи на провокацијата на својот противник, направи уште една
поголема фатална грешка со катастрофални последици. Имено, на 12 февруари
1946 година, една година од договорот во Варкиза, денесе одлука за
апстиненција од парламентарните избори закажани за 31 март, и за поведување
на вооружена борба во пресметката со десницата. Одлуката доби целосна
поддршка и ветување на сестрана помош од страна на Сталин и Тито на средбите
што ги одржа со нив во март и април 1946 година лидерот на КПГ Никос
Захаријадис.
Врз основа на одлуката беа активирани прогонетите борци на ЕЛАС што беа
скриени во планините и беа исфрлени во партизани до оние кои се наоѓаа во
грчката заедница во Булкес, Војводина и од внатрешноста на земјата. На 28
октомври обединетите грчки и македонски партизански единици се именуваа во
демократска армија на Грција (ДАГ) на чело со Главен штаб.
Во август 1946 година, во согласност со договорот меѓу Тито и Захаријадис
во април 1946 година, огранок на ПБ на ЦК на КПГ, илегално се префрли во
Белград со задача да раководи со ДАГ, да ја претставува ДАГ во странство, да
се грижи за нејзиното снабдување и слично.
Една година од донесувањето на одлуката за поведување на вооружена борба,
односно во февруари 1947 година, раководството на КПГ донесе нова одлука со
која се менува стратешката цел на ДАГ: од борба за притисок врз противникот
за мирољубиво решение на грчкото внатрешно прашање, во борба за уривање на
режимот и заземање на власта. За остварување на таа цел беше предвидено ДАГ
до крајот на 1947 година да го зголеми бројот на своите ефективи од 20.000
на 60-65.000 борци, до пролетта 1948 година да го ослободи егејскиот дел на
Македонија како прва етапа за ослободувањето на цела Грција, да се формира
привремена демократска влада и друго.
Во функција на горните цели и задачи во септември 1947 година во Белград
е одржан 3-от пленум на ЦК на КПГ и беше изработен оперативен план на ДАГ
наречен "Езеро".
Меѓутоа, ниедна од поставените задачи и цели, освен формирање на ПДВ, не
беше остварена. На повикот на КПГ до своите членови и симпатизери да стапат
во ДАГ, никој не се одѕва. Наредбата за присилна мобилизација на ГШ на ДАГ,
освен во егејскиот дел на Македонија, немаше успех. Комунистите, борците на
ЕЛАС, претпочитаа да одат во затвор, отколку во планина. Привремената
демократска влада не беше призната од ниедна земја.
Решеноста на двете западни земји - Соединетите Американски Држави и
Велика Британија по секоја цена да спречат грчките комунисти да ја заземат
власта, резултираше со интервенција на САД во Грција изведена преку
познатата Труманова доктрина на 12 март 1947 година. Трумановата доктрина
јасно го предупреди Сталин да не се надева на успех во Грција.
Неограничената помош ја доби Грција преку Трумановата доктрина и во
продолжение преку Маршаловиот план & овозможи да создаде бројна и модерно
вооружена армија, оспособена и подготвена да ја порази ДАГ. Владата во Атина
во акцијата за пресметка со ДАГ, покрај воените операции, физичкиот терор,
презеде и други мерки како што е правниот терор, односно донесе низа закони,
меѓу кои Законот за вонредни мерки, Закон за лишување на своите противници
од грчкото државјанство, закони за национализација и конфискација на имотите
и др.
СУРОВИОТ АТИНСКИ РЕЖИМ
Атинскиот режим со цел да ја лиши ДАГ од изворите за регрутирање на нови
борци, за снабдување со храна, информации и друго, во текот на пролетната
офанзива во 1947 година присилно исели од внатрешноста во градските центри,
според владини информации, околу 700 илјади, а според КПГ околу еден милион
лица.
Горната акција на Владата во Атина не само што имаше негативни последици
за ДАГ, и предизвика огромно материјални штети, уништувајќи голем број
домаќинства, придонесе за измена на националниот состав на егејскиот дел на
Македонија, бидејќи на еден борј на иселени Македонци не им било дозволено
да се вратат во своите огништа.
Во залудните напори на раководството на КПГ да го реши проблемот на
резервите на ДАГ во борци, во март 1948 година во Југославија и во
источноевропските земји евакуира околу 25.000 деца. Мерката е преземена
главно со цел непречено да биде вклучено целокупното население од егејскиот
дел на Македонија во претстојните решавачки битки.
И оваа акција придонесе за етничко чистење на егејскиот дел на
Македонија, бидејќи на евакуираните македонски деца грчките власти не им
дозволуваа да се вратат во своите домови.
Во летото 1948 година во западна Егејска Македонија, односно во Грамос, е
водена една од најдолготрајните, најкрвавите и најрешавачките битки меѓу
владините сили и силите на ДАГ. Во битката, која траела цели 70 дена, зедоа
учество 60 илјади војници на владината регуларна армија, бројни полициски
сили и припадници на паравоените организации и само 8.600 борци на ДАГ. Во
одбраната на Грамос на страната на ДАГ беше вклучено целокупното население
до Костурско и Леринско. Битката на Грамос заврши со пораз на ДАГ и таа ја
запечати судбината на ДАГ, бидејќи најелитните единици на ДАГ беа
десетковани и го загубија најзначајното стратешко место.
Во времето кога се водеше битката на Грамос, се случи настан кој имаше
значаен одраз врз развојот на настаните во Грција и врз судбината на
Македонците од егејскиот дел на Македонија. Имено, во јануари 1948 година се
објави Резолуцијата на Информбирото против КПЈ. Македонците се соочија со
уште еден испит и искушение. Лидерот на КПГ, Никос Захаријадис, свесен за
поразот на ДАГ, вината за таквиот исход на борбата се обиде од себе да ја
префрли врз надворешниот фактор и врз Македонците. Во широката акција за
фабрикување на доказен материјал, многу Македонци настрадаа обвинети за
агентурска дејност во корист на југословенските известителни служби.
Во рамките на пресметката меѓу Тито и Сталин и со цел уште помасовно да
ги вклучи Македонците во последните решавачки битки, лидерот на КПГ во
јануари 1949 година на Македонците им го призна правото на самоопределување
и ја издигна паролата "формирање на македонска држава во рамките на
балканската федерација". Овој став на КПГ по македонското прашање во времето
кога беше прифатен, беше нереален и штетен и го искористи атинскиот режим
уште пожестоко да се пресмета со Македонците. Повеќе од 2.000 затвореници
беа осудени на смрт и повеќе од 35.000 Македонци беа интернирани поради овој
став.
Неограничената помош на САД & овозможи на Владата на Атина да организира
и модерно вооружи армија од 300.000 војници. Во август 1949 година не & беше
тешко на таа армија да ја нападне и да ја совлада ДАГ. На 30 август 1949
година последниот борец на ДАГ ја премина грчко-албанската граница што
значеше пораз на ДАГ.
Борците на ДАГ и цивилното население по морски коридор од Албанија во
ноември - декември 1949 година беа префлени во Советскиот сојуз и другите
источноевропски земји.
Граѓанската војна & овозможи на Грција во голема мера да се пресмета со
македонското национално малцинство. Еден дел од Македонците беа физички
ликвидирани, друг дел протерани преку граница, трет дел биле принудени да
емигрираат, четврт дел со примена на неверојатен притисок, средства и методи
асимилирани и денационализирани.
Граѓанската војна и поразот на ДАГ придонесе во Грција да дојдат на власт
најреакционерните сили кои за еден подолг период продолжија и по
завршувањето на Граѓанската војна да се пресметуваат со демократските сили
во земјата.
(Продолжува)