|
ИСТОРИЈА
Јордан Николов - Орце, народен херој, 61 година од смртта
НА ПРАГОТ НА СВОЈАТА МАКЕДОНИЈА
Пишува: Анита ДИМОВА
- Кон средината на ноември 1940 година Орце беше изведен пред судот за
заштита на државата во Белград, каде што беше осуден на две години строг
затвор.
- Во ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година на пат за Македонија,
минувајќи ја планината Кукавица, изрешетан со куршуми од бугарските
фашистички окупатори, падна еден од организаторите и раководителите на
работничкото движење во Македонија, член на Покраинскиот комитет на КПЈ за
Македонија и кандидат за член на ЦК на КПЈ, народниот херој Јордан Николов
- Орце. За неколку години непрекинато и упорно револуционерно дејствување,
тој остави длабоки траги во македонската национална историја.
Ж ивотниот пат на Орце Николов го
обележуваат напорите да обезбеди одржување на голиот живот. Роден е на 7
јануари 1916 година во Скопје, во семејството на беговски аргати и
исполичари. Уште во раното детство ја запозна сета грубост на борбата за
корка леб, бидејќи учејќи ги првите букви од букварот, тој во исто време ја
учеше и вештината на копање со мотика и лопата. По прераната смрт на
неговиот брат сето внимание и љубов на семејството е пренесено на Орцета.
Неговите родители не сакаа да се помират со помислата и тој да аргатува по
туѓи ниви и сакаа да го продолжи образованието. Сепак, се одлучија да го
дадат на занает.
Меѓутоа, дури тука, на прагот на своето пробивање во самостоен живот, ќе
ја сознае сета грубост на "газдинството" и на односите во општеството. Тоа
сознание ќе го поттикне да се зачлени во УРС-овите синдикати, во потрага по
правата на работниците.
Газење по човековото достоинство ќе биде причина за конфликти и за време
на отслужувањето на воениот рок 1937/38 година. По враќање од војска
повторно се зафаќа за работа во синдикатот и заедно со Цветан Димов ја
предводи подружницата на шивачките работници.
ПРВИТЕ ПОЛИТИЧКИ СУДИРИ
...ги доживува во овој период, за време на полицискиот терор на
комунистите и провалите во партијата, пред парламентарните избори во 1938
година. Тогаш Орце пристапи во Скопје кон поврзување на акциите на
работниците и студентите кои одиграа видна улога во изборната кампања во
1938 година. Со негово залагање се обнови работничкото културно друштво "Абрашевиќ".
Во есента 1938 година, во деновите на минхенското предавство и
трагедијата на Чехословачката Република, по иницијатива на Орце беше
организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка.
Според некои сведоштва, на чехословачкиот конзул во Скопје тогаш му се
јавиле преку 300 доброволци, главно работници и студенти.
Се поострите струења во синдикатот, соработката на работниците и
студентите, поорганизираните настапи на напредните сили пред изборите ги
вознемирија политичките кругови, а Орце го ширеше кругот на своите
непријатели. Но, тоа не го застрашуваше, туку го стимулираше да работи
повеќе. На денот на изборите, 11 декември 1938 година, по улиците на Скопје
беа изведени демонстрации, а Орце беше еден од најактивните во нивните
подготовки. Се смета дека околку 2.000 работници, студенти и граѓани излегле
таа вечер да протестираат против безочните механизации на режимот на
изборите, барајќи демократски права и слободи. Дури интервенцијата на
коњаницата ја растера масата. Тоа, по низа години, беа првите поголеми
демонстрации во Македонија.
Пробивот на Орце во подружницата на шивачките работници, му даде елан да
ја продолжи работата со уште поголема упорност. Сега веќе беше создаден
малуброен, но лојален актив од помлади работници. Со нив почна борбата за
освојување на позициите и во другите подружници кои уште беа под силно
влијание на Социјал-демократите. Во тоа време почна и издавањето на
легалниот политички двонеделник "Наша реч", кој уште во првиот број ја
популаризира борбата на шивачките работници и бараше слободно организирање
на работниците во синдикатите.
РЕШЕНИЕТО НА ПАРТИЈАТА...
...за засилување на мобилизацијата во Македонија го доведе и Светозар
Вукмановиќ - Темпо, во есента 1939 година. Тој обиколи повеќе градови и
места за да го помогне развојот на партиските организации. Во Скопје го
затече Орцета како секретар на Месниот комитет на КПЈ и член на Покраинското
раководство на КПЈ за Македонија. Тој работеше напорно и конспиративно,
организирајќи повеќе штрајкови на работниците во Скопје, Тетово, Гостивар,
Прилеп, Куманово и други градови.
Најголемиот успех на партиската организација во Македонија во 1940 година
претставуваат политичките демонстрации за Илинден. Орце учествуваше во
Скопје во организирање на масовната екскурзија на работниците и други
граѓани на Илинден. Поради засиленото следење на полицијата, тој мораше да
го ограничува своето движење и да се крие кај некои другари во градот.
Сепак, наскоро падна во полициска заседа што ја демнеше неговата куќа.
Во управата на скопската полиција над него веднаш беа применети
испробаните методи на тепање и мачење. Повеќе од еден месец тие напразно се
обидуваа со сите средства да го скршат младиот револуционер. Но, освен она
што им го беше кажал еден работник, кој го поткажа Орцета, тие не разбраа
ништо повеќе.
Полициската истрага се заврши во септември, а Орце со уште тројца уапсени
беше доведен во Белград, во озлогласениот истражен затвор на Ада Циганлија,
а оттаму во Велика Кикинда. Таму со една поголема група политички
затвореници, кои исто така чекаа да бидат изведени пред судот за заштита на
државата, беа фрлени во влажни и мрачни простории каде што не се знаеше ниту
кога е ден ниту кога е ноќ. За да ја поправат барем донекаде својата положба,
затворениците стапија во штрајк со глад. Орце беше еден од затворениците на
тој штрајк. Решително се бореа против оние, што настојуваа да го најдат
решението за компромис со управата во затворот.
Кон средината на ноември 1940 година Орце беше изведен пред судот за
заштита на државата во Белград, каде што беше осуден на две години строг
затвор.
Во Сремска Митровица стигна наскоро по судењето. Знаејќи дека нема
доволни теоретски знаења, во затворот Орце веднаш се фати за учење во "затворската
школа". Се определи за политичка економија и руски јазик. Но, не поминаа
ниту пет месеци од доаѓањето во затворот, започна Втората светска војна.
Затворениците тогаш ги застрашуваше смртна опасност. Започнаа подготовките
за познатото бегство на затворениците од Сремска Митровица. Орце беше еден
од најактивните учесници во овој потфат.
Наоѓајќи се, по успшносто бегство на 22 август 1941 година, на слобода,
Орце многу брзо се приспособи кон новите услови. Во времето на
ослободувањето на Ужице беа повикани, по одлука од Врховниот штаб, сите
комунисти - бивши затвореници да му се јават на Врховниот штаб. Орце Николов
тогаш во Ужице доби задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа
живи подготовки за создавање на првите партизански одреди.
Дваесетина дена поминати во Ужице ги искористи за проучување на првите
искуства од Народно-ослободителната борба и на материјалите за состојбата во
Македонија. А потоа со една група Македонци се упати во Македонија. Движејќи
се преку Чачак, Кралево, Крушевац и Топлица, Орце стигна до Кукавичкиот
одред во околината на Лесковац, каде се задржа повеќе од еден месец. Чекаше
да му бидат испратени фалсификувани документи, за да може полесно да ја
помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарите.
По пристигнувањето на документие, Орце се упати кон родниот крај, не
претпоставувајќи за трагичното загинување.
Пробивањето низ демаркационата линија беше комплицирано. Одвај наговорија
еден селанец да ги доведе во близина на преминот и да им го опише
натамошниот пат. Тргнаа од селото вечерта на 3 јануари 1942 околу 22 часот.
Селанецот ги испрати до околу 500 метри од преминот на "границата" и се
врати. Одеа повеќе до два часа по вијулица и длабок снег. Мислеа дека веќе
ја преминале демаркационата линија, кога на неколку метри пред нив скокна и
силно залаа еден пес. Во исто време се чу "стој" и рафал од пушкомитралез.
Орце веднаш падна без ниеден збор.
На прагот на својата сакана Македонија, во часот кога & беше најмногу
потребен, згасна животот на Јордан Николов - Орце.
|