Ослободете се од демагогијата!
(Повод: "Ослободете се од омразата" од Душан Андовски, "Македонско сонце"
број 446 од 17 јануари 2003, рубрика писма)
Како коментар во врска со интервјуто на Игор Аврамовски, авторот се
обидува да брани нешто што не е можно да биде одбрането и ни нуди излез кој
не води никаде. Пораката за Аврамовски е: инаетот на МПЦ е бескраен, затоа
во спорот попуштете вие, ослободете се од омразата кон црковните лица, да си
подадеме рака, да се почитуваме, да одиме во црква и да веруваме.
Многу убави се зборовите "да си подадеме рака, да се почитуваме, да
веруваме во Црквата". Но, за жал, празни. Што ќе се случи ако денес
навистина си подадеме рака и се смириме? Утре сме повторно на суд. Уште
еднаш, којзнае по кој пат, ќе треба да одделиме десетина илјади со пот
спечалени долари за адвокатски и судски трошоци. Проповедникот на идејата за
помирување заборава да каже дека на суд сме по волја и по милост на
црковното лице Петар, и дека никој друг освен него нема власт да го прекине
судски процес.
Авторот на писмото ни открива и една друга несвета тајна. Вели дека
Македонската православна црква е во спор со македонските православни верници
и со тоа ги побива сите досегашни тврдења дека спорот е приватна работа на
Петар. Во Црквата треба да веруваме, па дури и тогаш кога таа како
криминалци не носи на суд. Зарем навистина е така? Во овие зборови се крие
најголемата демагогија со која се замачкуваат работите околу австралиските
настани. Што значи тоа да веруваме во Црквата? Да го следиме Христовото
Слово за Љубовта, или Петровите хулигани, насилници, судови, закани и клетви?
Греши оној што си мисли оти и најмало дете ќе излаже со приказни дека ова
или она црковно лице е самата Црква и дека црковните лица треба слепо да ги
слушаме без да гледаме што прават. Точно е дека Црквата постоела со илјада
години, и дека не треба да се раководиме по интересите на поединци. Да
додадеме само уште нешто: не треба да се раководиме по интересите на
поединци и тогаш кога тие поединци се облечени во мантија. Постоеле и ќе
постојат свештени лица кои се замислувале дека се поголеми од Бога и дека
имаат право да му судат секому.
Никој не ги мрази црковните лица, но Стефан и Петар ќе бидат почитувани
меѓу верниците толку колку што самите се потрудиле. Кога ќе се откажат од
партиските книшки и од имотославието и кога ќе решат да му се вратат на
православието, тогаш и само тогаш ќе може да има вистинско помирување.
Коста Николовски, Сиднеј, Австралија
Заговор против моралот или...?
Се обраќам јавно до македонските власти и педагошки авторитети, до
училиштата и медиумите, до родителите и децата со укажување дека е потребно
младината да учи Етика. Етичкото образование е нова наставна материја и
предмет. Со него во вкупниот воспитно-образовен процес се внесуваат содржини
и методи на автономното етичко мислење, со кои се проширува и зацврстува
неопходното морално воспитување на младината. Луѓето денес се сретнуваат со
големи проблеми на опстанокот. Природата е загрозена, социјалните конфликти
не се смируваат, се чини дека светот и општеството не се водат во вистинска
насока кон развиток, туку кон деградација. Не демнат војни, нетолеранцијата
избива како ендемска болест, инфекциите и зависностите се закануваат на
секого, страдањата се општи. Излезот од ваквите тешки состојби може да
потекне само од личности подготвени за слободно размислување и способни да
најдат квалитетни решенија, кои знаат да направат морален избор и имаат сила
да ја насочат волјата кон позитивно делување. Се очекува младите да ги
отфрлат грдите навики и да ги решат горливите прашања. Има надеж дека
оспособената младина ќе знае да се справи со нив. Затоа се бара во сите
земји да се воведе Етичко образование, како начин на создавање и градба на
Универзалната етика на едно обединето, разбрано и добро човештво.
Ние ги направивме подготовките за ова образование. На некои факултети
веќе се студира Етика на професијата, како продлабочена научна и воспитна
подготовка на идните стручњаци во нивната струка. Во средните училишта
направивме експериментална настава, која покажа дека младите можат и сакаат
да учат Етика и дека е добро конципирана и мошне полезна нашата наставна
програма на вредносно образование. И во основните училишта е направена
успешна експериментална настава. И родителите и децата сметаат дека младите
треба да учат Етика.
Направени се неколку дисертации и научни трудови кои ги објаснуваат
начелата, содржините, методите на Етичкото образование и во средните и во
основните училишта. Книгата "Етика на младите" за возраст од 15-17 години е
веќе дел од нашата култура. Огромен фундус на материјали "Етика за
најмладите" за возраста од 11-13 години беше достапен преку медиумите. Сега
се објавуваат етички материјали за возраста од 7-9 години. Направен е и "Етички
речник за младите", како и низа методски и стручни материјали. Новите
генерации наставници стручно се подготвуваат за оваа настава.
Тоа е современа тенденција во светот и ќе биде воведена и кај нас. Тоа
само се одлага. Секоја година младите кои не учат Етика остануваат осакатени
за етичките знаења кои им се неопходни. Наставничката етика бара на
учениците да им се пренесува најдоброто и најпотребно знаење. Само нашите
педагошки власти тоа го одбегнуваат. Иако неколку одговорни личностите јавно
рекоа дека ќе се воведе учење на Етика, тоа сега не е дозволено ни во форма
на изборен предмет.
Што е ова? Заговор против моралот? Демонстрација на силата на негативните
стремежи со кои и вака е исполнета нашата егзистенција? Стига тоа. Етиката
се учи насекаде во светот, нужна е, на младите им е потребна како свеж
воздух, добро јадење или љубов. Дајте им да учат Етика, тоа не повредува
никого, а дава многу корист и ним и на сите нас.
Со израз на почит,
Д-р Кирил Темков, редовен професор по Етика на
Филозофскиот Факултет во Скопје
|