ФОРУМ

АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ И СЛОВЕНИТЕ

Пандо Тануровски

Неделникот "Македонско сонце" редовно го купувам и од него има што да се прочита како од историјата, културата, архелогијата и друго.

Во бројот 430 од 27.09. 2002 година ги прочитав истражувањата од Звонимир Николовски "Антиката во Кумановскиот крај" напишано од Милева Лазова каде што пишува: "Археолошкото богатство на Кумановскиот регион го сочинуваат околу 250 локалитети од праисторијата до средниот век. Ангажманот на м-р Звонимир Николовски во Народниот музеј во Куманово е сврзан за истражувањата на материјалната и духовната култура, како и истражувањата на етничката култура на структура на населението во регионот од римски период до доаѓањето на Словените".

Со "до доаѓањето на Словените" не се согласувам, бидејќи Словените не дошле од зад Карпатите, туку биле тука на просторите на Александрова Македонија кои му биле верни и храбри борци.

Во прилог на моето писмо, ви доставуам фотокопија од "Благодарноста на Александар Македонски до Словените", извадок од книгата на Мауро Орбини "Кралството на Словените" објавена во 1601 година во Пезаро - Италија, од господинот Борис Бишински, објавено во "Македонско време" а со овој документ не сте запознати и не располагате. Ве молам ако сте во можност да го објавите во нашиот неделник "Македонско сонце" да го видат и прочитаат нашите Македонци ширум светот, бидејќи "Македонско сонце" патува низ светот каде што има и живеат Македонци, а на крај & се извинувам на Милева Лазова, можеби не знаела и не дошла до овој документ.


Благодарност на Александар Македонски до Словените!

(Текстот што следува е објавен во "Македонско време" во октомври 1999 година од авторот Борис Вишински)

Мауро Орбини во својата книга "Кралството на Словените", објавена 1601 година во Пезаро, Италија, покрај другите вели дека Македонците не биле Грци, дека тоа биле два соседни народа, Македонците ги покориле Грците и дека, иако учествувале заедно во сите освојувања, зборувале различни јазици.

Меѓу другото во Повелбата Александар им се обраќа на Словените: "Ние, и нашите следбеници кои ќе дојдат по нас во владеењето со Светот, бидејќи ни бевте доследни во вербата, храбри во борбата и наши водачи и јуначки борци, ви доделуваме и слободно ви го даруваме на веки веков целиот овој дел од земјата.

Од поодамна ме интересираше книгата "Кралството на Словените" од Мауро Орбини. Тоа е веќе подзаборавена книга, објавувана во делови, а, сепак, во неа има некои вистини што би требало одново да се објават, без оглед на тоа каква носивост содржат во себе.

Мауро Орбини е една интересна средновековна личност, живее на меѓата меѓу 16 и 17 век. Тој е познат патеписец, историчар, а некои го сметаат и за татко на панславизмот. Роден е во Дубровник, живее и работи во Италија. Во своите историски истражувања бил смел, се потпирал врз факти и заклучоците што ги донесувал биле во служба на словенството. Тој длабоко навлегол во историјата на Словените, се разбира, колку му овозможувало неговото време. Некаде тој има нејасни обележја, а многу работи и не можел да ги согледа. Меѓутоа, сето ова не го кажувам за да пресудувам како некој историчар, туку да изнесам само неколку страници од тоа прекрасно дело наречено "Кралството на Словените". Таа книга е многу ретка и ми дојде до рака да ја видам и да ја фотокопирам во Ватиканската библиотека, есента 1990 година. Книгата на Орбини има преку петстотини страници во голем формат. Објавена е во 1601 година во Пезаро. Во неа тој дава широк поглед врз развитокот на словенските народи, со посебен дел за Јужните Словени. Во книгата "Кралството на Словените" посебно ме привлече еден дел, кој сакам да го цитирам, а на читателот му го оставем впечатокот. Тој дел буди размисла на нешто што духовите ги вознемирувало пред четиристотини години, а тој немир постои и денес кога некои кругови во странство се обидуваат да пласираат невистини дека, на пример, старите Македонци биле Грци и слично.

Делот од книгата се однесува на Александар Македонски и Словените. Да, и Словените! Навистина, Орбини како автор, не е осамен во таа смисла, но ќе се види дека е оригинален на свој начин. Кога сме кај оваа тема, нашите историчари стриктно се оградуваат од една таква споредба, повеќе отколку нивните колеги во светот и затоа секој оној што ќе ги начне овие прашања или е наивен или е романтичар или е мистификатор.

Но, да го оставиме тоа. Тука не сакам ништо да докажувам, зашто немам таква амбиција, туку интегрално да ја приопштам за нашата јавност Привилегијата што Александар Велики им ја дава на Словените, како благодарност што учествувале во неговите борби и освојувања.

За таа Повелба Мауро Орбини вели дека била пронајдена во Цариград. За да го потврди тоа што го пишува во повелбата, тој зема и други извори и, меѓу другото вели дека Македонците не биле Грци, дека тоа биле два соседни народа, дека Македонците ги покориле Грците и дека, иако учествувале заедно во сите освојувања, зборувале различни јазици. Повелбата колку и да се чини неверојатна, таа е срочена на еден висок стил и убаво е да биде објавена и на македонски јазик.

Книгата "Кралството на Словените" е пишувана на постар италијански јазик. За да може подобро да се долови автентичноста на текстот, го замолив Аугусто Фонсека, италијански поет и лектор по италијански јазик на Универзиетот "Кирил и Методиј", да го преведе тој дел од 168 до 171 страница од книгата.

ПОВЕЛБАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

Повелбата на Александар Македонски гласи:

"Ние, Александар, син на Филип, Крал на Македонија, Кнез на Монархијата, предназначен како создавач на Грчката империја, од Натабан најавен како дете на големиот Зевс, владетел на Августите, и на Браманите и на Арбоните, од изгрев до зајдисонце, од југ до север, на благородниот род на Словените му посакуваме благост, мир и здравје. Ние, и нашите следбеници кои ќе дојдат по нас во владеењето на Светот, бидејќи ни бевте доследни во вербата, храбри во борбата и наши водачи и јуначки борци, ви доделуваме и слободно ви го даруваме на веки веков целиот овој дел од земјата на Север се до јужните граници со Италија: и со такво право, што никој, освен вие, не смее таму да се задржува, или пак да се пресели, или да живее. Ако пак, некој се задржи, тогаш нека биде ваш роб, а неговите деца, робови на вашите деца.

Привилегијата е дадена во новиот град Александрија, кој ние го создадовме на големата река Нил, во дванаесеттата година на нашето владеење, под зашита на големиот бог Зевс и Марс, Плутон и божицата Атина. Сведоци за ова дело со благодарниот Атлета, нашиот благајник, заедно со другите единаесет кнезови, кои ги назначивме, по нашата смрт, како наши сеопшти наследници, со оглед на тоа што ние немаме деца".

Понатаму Орбини вели: "Оваа привилегија, како што рековме беше пронајдена по толку векови во Цариград, од некој си Џулио Балдасар, царски секретар. Значи, името што овде се споменува, Словени, Апијан Александриски во Илирикум овие Агријани ги нарекува проучени и прославени, а токму тоа го означува зборот "Слави", односно "Словени".

Градот Агрија, кој се наоѓа во Дакија, бил основа (според Бонфинијо во 1 кн. на 1 Дек.) од овие Агријани, кои живееле (според Стефан Византиски) во пределите меѓу планината Емос и Родопите, во близина на Македонија. А таа, пак, непрекинато била населена од словенскиот род и од дојденци од Тир, иако некои сметале дека Македонците припаѓаат на средината на Грците. Против нив го донесувам мислењето на Стефан Византиски за Александар Велики, којшто мошне јасно го разликувал јазикот на Македонците од говорот на Грците. И навистина, кога на Филота, син на Парменион, кој пред луѓе сакал некоја своја работа да образложи, Александар му рекол: "Македонците, о Филота, ќе те осудат; затоа те прашувам дали ним ќе им се обратиш на својот мајчин јазик", а Филота одбил тоа да го направи, бидејќи не би го разбрале сите. Тогаш Александар изјавил дека Филота го мрази својот мајчин јазик.

Да биле, значи Македонците Грци, зошто Филота би се откажал да зборува грчки пред Грците? А уште повеќе со оглед на тоа дека тој немал посоодветен јазик од грчкиот, ако се претпоставува дека Македонците биле Грци. Затоа што (како тоа го вели Плиниј, кн.7 глава 57) пасивната согласност на луѓето била првата причина за употреба на јонската писменост. Значи мајчиниот јазик на Македонците, кој се разликувал од оној што ние мислиме дека бил општ во целата Александрова војска, јасно покажува дека Македонците не им припаѓаат на Грците; како што е познато, од старото единство на јазикот, лесно се потврдува и единството на народноста. Според тоа, при разграничувањето на јазиците на Немброт ни еден автор не утврди ништо спротивно: Грците не се доближуваат со својот јазик до Македонците; а ние достаточно покажуваме, врз основа на самата разлика на јазиците дека Македонците не се Грци; тогаш, врз основа на зборовите на Филип од Бергамо, мораме да признаеме дека Македонците од секогаш, па се до денес имаат словенски јазик. Па што ќе помислите за Тукидид, кој сврзувајќи ги Византија и Пула, голем дел од Тракија и од Мезија, а и целиот Илирикум, сите овие земји ги нарекува Македонија? Тоа е исто како да рекол: јас сметам дека Тракија, Мезија и Илирикум не смеат да се разделат од Македонците. Затоа, не се сомневам дека Траките, Мезите и Илирите ги врзува една иста врска за Македонците. За тоа сведочи и титулата на Александар Велики, со која се покажува како Крал на Македонците и на Грците, а уште повеќе сведочат основните разлики на обичаите и живеењето присутни кај Македонците и Грците, кои не ми овозможуваат лесно да се убдеам дека кај луѓе од еден ист род се наоѓаат толку различни обичаи. Затоа, кога Диосип од Атина морал да се бори гради в гради против Македонецот Хората, сред војниците на Александар, според кажувањето на К. Куриус, имало некои Грци кои навивале за Диосип; меѓутоа, зошто на ист начин не настапиле во однос на Македонецот Хората, ако Македонците биле Грци, како што Грците навивале за Диосип, само затоа што бил Грк? Поради тоа, ако понекогаш, пред се, кај Варварите, се вели дека Александар Велики бил Грк, тоа треба да се сфати како последица на тоа дека Грците, поради нивните дамнешни војни против народите од Исток, им биле најпознатиот народ од Европа; заради тоа, тие сметале дека сите народи на Запад се Грци: нешто слично на тоа, што се случува во наше врме, е кога Грците заедно со Турците и сите народи со католичка вериосповед се Франци. Јеремија Русо во Летописите на Московија јасно кажува дека Русите, односно Московјаните, имале еден ист јазик како старите Македонци; а меѓу нив се родил кралот Филип, таткото на Александар Велики, кој (како што ни пренесуваат Плутарх во Животот на Александар, Јустин во 8-та книга и Сабелик во 3-та книга на Енеида, четвртата, па и уште многу други) најсилните градови на Грција ги потчинил на неговите закони, и на ропство ја дотерал Грција (која до тогаш имала слобода), па со своите славни дела достигнал до висината на најславните кралеви. Неговиот син Александар Велики се протегал се до границите на земјината топка (како што тоа стои во првата книга на Макавеите, глава прва), им ги зел богатствата на многубројните луѓе, па и самата Земја пред него онемела. И по смртта на Александар Македонците ја имале власта како и над сите народи на светот, исто така, 276 години и над Египтјаните, вели Мауро Орбини.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"