|
Изложби
Американска фонтана
Њујорк, 16 јануари.
Македонскиот скулптор Горазд Попоски, кој жиивее и работи во Њујорк, од
Владата на Њу Џерси е избран на конкурсот да доработи и реставрира фонтана
во нивниот "Рузвелт парк Едисон". Станува збор за скулптура што е започната
некаде во 30-тите години од минатиот век, дело на нивни познат скулптор
Вејленд Грегори кој починал пред таа да биде готова.
Скулптури од дрво
Скопје, 21 јануари.
Скулптури од дрво, алуминиум и мермер беа изложени на првата самостојна
изложба на Ружица Димитриевска, во Салонот 1 при Културно-информативниот
центар. Авторката Димитриевска завршила средно училиште за применета
уметност, отсек вајарство, а потоа дипломирала на Факултетот за ликовни
уметности во 2002 година.
Соседи 2: Дворот
Лубек, Германија, 21 јануари.
Македонскиот уметник Оливер Мусовиќ со делото "Соседи 2: Дворот"
учествува на групна изложба "Млада уметност: Транскултурел" во Лубек,
Германија. Дел од изложените дела беа презентирани и на Европското биенале
на современа уметност - Манифеста 4 што беше одржана минатата година во
Франкфурт.
Урошевиќ и Вангели ќе одат во Венеција
Скопје, 21 јануари.
Ликовните уметници Вана Урошевиќ и Жанета Вангели ќе ја претставуваат
Македонија на јубилејното 50-то Венециско биенале, што ќе биде отворено во
јуни. Тричленото жири мислело воопшто да не испраќа претставник од земјава,
зашто од четирите понудени проекти, ниту еден не бил доволно добар.
Финалната одлука е иницирана од "јубилејот и ретката можност нашите уметници
да присуствуваат на светската сцена".
Претседателот на жирито, професор д-р Владимир Величковски и членовите Конча
Пирковска и Гоце Божурски, историчари на уметноста, ги избраа проектите: "Промени"
од Урошевиќ, кандидатка на Музејот на современа уметност и "Интегрализми" од
Вангели - единствена понуда на Уметничката галерија "Скопје".
Книги
Невенчиња во венчиња
Скопје, 17 јануари.
Издавачката куќа "Детска радост" во библиотеката "Перуники" неодамна ја
издаде книгата "Невенчиња во венчиња". Книгата е авторски избор од поезијата
на Македонка Јанчевска која досега има издадено осум стихозбирки за деца.
Корнет Лизи Шаренџам
Скопје, 17 јануари.
"Македонска книга" ја објави најновата книга на Велко Неделковски
насловена како "Корнет Лизи Шаренџам". Овој роман е прв во серијалот книги
за истиот јунак за кој авторот има намера да пишува и понатаму.
Дела по повод Илинденскиот јубилеј
Скопје, 20 јануари.
Издавачката куќа "Матица македонска", по повод 100-годишнината од
Илинденското востание, подготви издавачка програма од 20 книги, во која се
опфатени значајни појави, личности, настани и дела од историјата на
македонскиот народ.
Франкофонија
Скопје, 21 јануари.
Најновото дело од Лилјана Тодорова под наслов "Панорама на франкофонските
литератури", неодамна го објави издавачката куќа "Матица македонска" од
Скопје. Во рамките на текстовите поместени во ова мошне интересно издание,
опфатени се литературата на Белгиската франкофонска заедница, литературата
на романска Швајцарија, на Канада, Карибите и Антилскиот архипелаг,
франкофонска Африка, Магребот и Блискиот исток. На крајот е поместен одделот
посветен на традицијата на Франкофонијата во Македонија.
Тунел
Скопје, 21 јануари.
Издавачкиот центар "Три" го издаде најновиот роман на Петре М. Андреевски,
"Тунел". Најновото прозно дело на Андреевски е љубовен роман.
Нема дело достојно за "Григор Прличев"
Скопје, 21 јануари.
Ниту едно од делата што конкурираа за наградата за најдобра поема "Григор
Прличев" што традиционално ја распишува издавачката куќа "Детска радост",
според Комисијата, не ги задоволува критериумите за да го добие високото
признание. На годинашниов конкурс пристигнале единаесет ракописи.
Чекорење по кризата
Скопје, 22 јануари.
Издавачката куќа "Ми-Ан" од Скопје го промовираше своето најново издание.
Станува збор за новинарски есеи и воено-политички коментари од генералот во
пензија Тодор Атанасовски, насловени како "Чекорење по кризата". Промоцијата
се одржа во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, изданието
го промовираше д-р Ванче Стојчев, професор на Воената академија "Генерал
Михајло Апостолски" во Скопје, а извадоци од делото пред присутните говореше
артистот Симон Беличанец.
Музика
"Арија" со нов спот
Скопје, 16 јануари.
Групата "Арија" деновиве го промовираше новиот спот за песната "Во дното
на душата", балада која е сместена на нивниот деби албум "Пола на пола".
Спотот е снимен во "Ф-Х" продукција, и е втор нивен спот, по видео-записот
на популарниот хит "На минута или две".
Концерт
Скопје, 16 јануари.
Во Домот на АРМ, Македонската филхармонија одржа концерт со кој
диригираше Леонид Николаев. На програмата беа Симфониската поема "Остров на
мртвите" од Рахмањинов, "Симфонија бр. 5" од Чајковски и увертирата "Волшебно
езеро" од Љадев. Николаев е шеф-диригент на Македонската филхармонија од
1998 година.
Мизар повторно се враќа
Скопје, 19 јануари.
Музејот на современата уметност во Скопје беше местото каде скопјани се
соочија повторно со музиката на "Мизар", група која некогаш ја промовираше
македонската култура како во екс ЈУ просторите, така и во повеќе европски
земји. Поводот не е ново CD,
туку промовирање на реизданијата на двата албуми "Мизар" и "Свјат дримс",
некогаш слушани на касета и плоча, а овој пат на CD
издадено под капата на "Литиум рекордс". Покрај постоечките песни на албумот
"Мизар", издаден во 1986 година, може да се слушнат и бонус песните "Славјани",
"Дожд по дожд" и "Градот е нем", во демо варијанта од 1988 година и "Дожд"
во живо. На "Свјат дримс", пак, покрај вообичаените 10 песни, се наоѓаат и
демо верзиите на "Да пеам песна", во живо и демо верзиите на "Старееш" и "The
Fog", последна песна на "Мизар".
Успешна година за Биба
Скопје, 21 јануари.
Откако минатата година победи на неколку фестивали, Биба Додева настапи и
на фестивал во Малта. Нејзините досегашни и нови песни таа ќе ги собере во
деби албум со 15 песни.
Тројна промоција
Скопје, 24 јануари.
Во ресторанот "Финестра" во Скопје, издавачката куќа "Сенатор рекордс" од
Битола одржа тројна промоција. Со свои нови изданија годината ја започнуваат
фолк пејачите Татјана Лазаревска, Миле Кузмановски и Живко Дуев. Татјана
Лазаревска нејзината публика ја израдува со вториот албум "Се ќе превртам",
Миле Кузмановски го промовира своето првенче "Не кани ме", а Живко Дуев - "Отвори
мајко".
|