КУЛТУРА

Ново издание на "Менора" од Скопје

КНИГА ЗА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ

Пишува: Борис АПОСТОЛОВ

  • Оваа книга е издадена по повод 60 годишнината од Холокаустот на Евреите. Од ова може да се заклучи дека станува збор за период пред, за време и по Втората светска војна, со посебна нагласка на депортацијата на Евреите од Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор во март 1943 година.
  • Основна поента на сите творби се сеќавањата на трагичните настани со депортацијата на македонските Евреи.

Неодамна од печат излезе прекрасната книга на двајца коавтори - Мирче Томовски и Ефтим Клетников "Искушение на Давидовата ѕвезда" во издание на "Менора" од Скопје.

Оваа книга е издадена по повод 60 годишнината од Холокаустот на Евреите. Од ова може да се заклучи дека станува збор за период пред, за време и по Втората светска војна, со посебна нагласка на депортацијата на Евреите од Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор во март 1943 година.

Во обемниот предговор е даден историјатот на првото помасовно населување на Евреите во 332 година пред нашата ера па се до денес. Непобитен факт е дека помеѓу овие два библиски народа, секогаш постоел извонреден соживот. Затоа може да се каже: колку угнетувањето било пожестоко, толку опстојувањето било подолготрајно. За разлика на некои цивилизации кои исчезнале, овие два народа и денес опстојуваат.

Денес Еврејската заедница во Македонија брои 182 члена и тие се комплетно вклучени во општествениот, културниот и политичкиот живот на Република Македонија.

Оваа книга има и поднаслов: "Еврејска тема во Македонската литература" со кој е искажан живиот интерес на македонските поети и писатели за оваа тема. Интерес пројавија 551 дело од современи македонски автори. Иако нема антологиски амбиции, повеќето од делата се со антологиска содржина. Основна поента на сите творби се сеќавањата на трагичните настани со депортацијата на македонските Евреи.

Книгата е поделена во четири циклуси во кои се застапени прозни, патеписни и поетски творби на македонските автори. Во четвртиот циклус се преведените дела на еврејските автори, а меѓу нив и на Јехуда Амихај - добитник на струшкиот венец на поезијата.

Станува збор за извонредна книга која ќе биде промовирана на крајот на јануари 2003 година.


Плодна издавачка година на Сојузот на композиторите на Македонија

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА

Пишува: Борис АПОСТОЛОВ

  • Во меѓународната соработка, Сојузот беше сконцентриран на соработка со балканските земји преку Балканската музичка информативна мрежа - балканска невладина асоцијација чиј Национален комитет за Македонија работи во рамките на СОКОМ.

Стана веќе традиција Сојузот на композиторите на Македонија да ја промовира својата издавачка продукција за тековната година. Можеме да констатираме дека и оваа година беше успешна. Покрај високо професионално организираните концерти (повеќе од 40), застапена е и плодна издавачка дејност: издадени се две едиции со дела на македонски автори - "Македонско хорско творештво" со осум зборници, едиција "Македонска камерна музика" со две книги, два броја на списанието "Музика" од кои едната е на македонски, а втората е на англиски јазик.

Во рамките на едицијата "Антологија на македонската музика" издадени се четири компакт-диска. Два компакт-диска се од едицијата "Антологија на македонската музика" со што овој Проект е завршен, еден компакт-диск со дела на млади композитори што е за поздравување и еден со новокомпонирана музика.

Во рамките на издавачката дејност останува да се заврши Проектот "Мултимедијална енциклопедија на македонскиот музички фолклор", мошне значаен и сложен Проект на кој се работи две години, а треба да се заврши оваа година.

Во меѓународната соработка Сојузот беше сконцентриран на соработка со балканските земји преку Балканската музичка информативна мрежа - балканска невладина асоцијација чиј Национален комитет за Македонија работи во рамките на СОКОМ. Во рамките на оваа асоцијација веќе е издадена книгата "Музиката на Балканот" во која автори од сите балкански земји пишуваат за музичката култура на своите земји.

Се на се, може да се заклучи дека 2002 година е мошна плодна за Сојузот на композиторите на Македонија, а во иднина можеме да очекуваме и повеќе дела од едукативна провиниенција, како и од забавниот дел.


Издание на Драган Арсовски

ЛУЃЕТО ОД ПИЈАНЕЦ НЕ СЕ ПЛАШЕЛЕ ОД ОКУПАТОРИТЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Трудот на Драган Арсовски претставува обид да се посочат насилствата од страна на поробувачите, но и храброста на македонското население од Пијанец во борбата со нивниот непријател.

Теророт и отпорот во Пијанец" - во втората половина на XIX и почетокот на XX век е најновата книга на Драган Арсовски. Главна тема на овој труд како што упатува и самиот наслов се насилствата, отпорот и последиците од нив, а се однесуваат на македонското население во Пијанец. Ова се однесува и на некои делови и за поширокиот регион, а датираат од 50-тите години на XIX до 30-тите години на XX век.

Македонското население во ова подрачје во тој временски период било изложувано на разновидни и многубројни насилства од повеќе страни. Меѓутоа, ова население преку разни форми, давало отпор на тие насилства. За време на отоманското царство македонското население одговарало на насилствата со вклучување и поддршка на ајдутските дружини, организирањето на Разловечкото востание, двомесечната слобода на Пијанец, учеството и помошта на востаниците од Кресненското востание и широка поддршка на активностите на ТМОРО. Ова население земало учество и во Првата светска војна, но ги почувствувало и последиците од жестоките судири на завојуваните страни во Втората светска војна.

Накратко, со овој труд се обелоденуваат насилствата кои биле вршени врз македонското население во Пијанец, но потенциран е и нивниот отпор на сето зло кое им било наметнато.


Во издание на Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков"

МАКЕДОНСКА ФРАЗЕОЛОГИЈА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Овој труд на д-р Снежана Вековска е од големо значење затоа што ќе придонесе за проучувањето на македонската фразеологија и ќе биде од голема помош за понатамошни студии.

Во Институтот за македонски јазик неодамна беше промовирана монографијата "Белешки за македонската фразеологија" чиј автор е д-р Снежана Велковска. Во монографијата авторот ги дава контурите на македонската фразеологија, почнувајќи од општите карактеристики, фразологијата како научна дисциплина, категоријалните признаци, лексичко-граматичките карактеристики, преку фразеолошки фонд на македонскиот јазик, стилско-експресивна маркираност на фразеологизмите, до начините на изразување на значењата и односите меѓу нив.

Во книгата се опфатени 1.155 изрази во кои се вклучени и варијантите што се зафатени во обработката, што би значело дека бројот на дискутираните изрази би бил и поголем кога би се дале одделно сите можности за варирање на еден фразеологизам. За првпат кај нас, токму во оваа монографијата се обработуваат прашањата за начините на изразување на значењата и односите кај фразеологизмите.

Досега не е изготвен фразеолошки речник на македонски јазик. Фразеологизми може да се најдат кај нас само во разни речници и статии што ја елаборираат македонската фразеологија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"