Независно Косово - дестабилизирана Македонија

Премиерот Црвенковски минатата недела по покана на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, присуствуваше во еднодневна официјална посета на Белград. Во македонската делегација беа и министрите за внатрешни работи и економија, Хари Костов и Илија Филиповски.

Црвенковски и Ѓинѓиќ најавија потпишување на заедничка спогодба меѓу двете влади за борба против организираниот криминал. Околу прашањето за Косово, Ѓинѓиќ изјави дека доколку на Балканот се примени принципот на етничко изјаснување, поточно ако победи концептот Албанците преку референдум да се изјаснат за конечниот статус на покраината, сите етнички мешани држави во регионот ќе бидат загрозени и во иднина нема да постојат пречки и гаранции дека тоа нема да & се случи и на Македонија.

Македонија ја почитува Резолуцијата 1244 на ОН за статусот на Косово и какво било менување на уставното уредување на Македонија е затворено прашање, изјави Црвенковски и додаде дека кога станува збор за Косово, се прави една суштинска грешка што постојано се зборува за неговиот статус, а не за нешто многу пошироко, а тоа е "дали Косово ќе биде територија со правни норми и законски механизми кои тоа ќе го обезбедат или ќе биде без правни определби каде што ќе владее криминалот и ќе претставува закана за целиот регион".

Заеднички настап пред ЕУ

При средбата меѓу македонскиот претседател на Собранието, Никола Поповски, и претседателот на Долниот дом на југословенското Собрание, Драгољуб Миќуновиќ во Белград беше изнесено дека Југославија и Македонија имаат заедничка одговорност за безбедноста во регионот. Според Миќуновиќ, потребно е да имаме заеднички настап и пред Европската унија и пред другите меѓународни институции.

Подарок за Македонците на Балканот

На 15 овој месец на Институтот за традиционални вредности му беше предаден подарок во книги наменети за Македонците кои по волја на судбината останаа расеани низ просторите на Балканскиот Полуостров. Целокупниот подарок - 90 примероци со различни наслови, го обезбеди проф. Љубомир Цуцуловски кој истовремено се јавува и како автор на книгите. Со овој патриотски чин и израз на љубов кон својот македонски народ, професорот Цуцуловски даде уште еден значаен придонес во борбата за зачувување на македонските вредности, посебно важно за оние Македонци кои се најмногу изложени на туѓите влијанија.

ЕУ ќе му помогне на Западен Балкан

Најверојатно на самитот во јуни во Солун ќе се промовира нов приод и стратегија со која ЕУ ќе го вади Западен Балкан од дното. Дел од таа стратегија ја промовираше шефот на грчката дипломатија, Јоргос Папандреу, како и најавата на Хавиер Солана дека случувањата во Солун ќе бидат "многу важен настан". Според анализите направени од страна на повеќе меѓународни истражувачки и стратегиски центри презентирани во Брисел, ЕУ мора да му помогне на Западен Балкан, бидејќи во спротивно неговото влегување во Унијата ќе биде илузија.

Оправдување на владиката Пахомие

Во белградскиот весник "Глас јавности", врањанскиот епископ на СПЦ, владиката Пахомие, тврди дека обвинувањата за педофилија против него се поврзани со желбата на албанските екстремисти да завладеат со регионот меѓу границите на Бугарија, Косово и Македонија. Во меѓувреме Светиот синод на СПЦ формирал специјална комисија која ќе ги разгледа обвинувањата против Пахомие.

Здружение на косовските Срби

Четири општини од северно Косово во кои живеат поголем број Срби формирале Заедница на српски општини во Косово и Метохија со цел подобро да се заштитат малцинските права. По ова следниот нивни потег е прогласување на собрание и претседател. Владата во Приштина го отфрлила формирањето на оваа Заедница оценувајќи дека овој чин е опасен и води кон дезинтеграција.

Летоци на албанска герилска група

Албанската герилска група "Ослободителна војска на Тропоја" деновиве испратила апел за обединување на граѓаните во борба против "политиката". Илјадници летоци на новата албанска "ослободителна војска", наречена според североисточниот албански град Тропоја, биле расфрлани во дворовите и куќите во соседниот град Бајрам Цури.

Хероинот во Европа преку Турција

Шефовите на полициите од Југоисточна Европа посочиле дека 80 отсто од хероинот во Европа се внесува преку Турција. На средбата во Солун меѓу шефовите на регионалните полициски служби било посочено дека трговијата со хероин ја контролираат албанската, југословенската и турската мафија. Дрогата се набавува главно во Авганистан, а потоа преку Турција се шири по Балканот, од каде што се испраќа кон Западна Европа. Југославија се смета за седиште на сите мрежи на трговија со наркотици, шверцерите со жени и трговците со луѓе, Албанија е најголемиот производител на наркотици во регионот, главно на хероин и на марихуана. Албанската марихуана во големи количества се испраќа во Турција преку Македонија, каде што со добиените пари шверцерите купуваат хероин.

Грчкиот Поглавар против Турција

Поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Христодолус, се спротивставил на планот за приклучување на Турција во Европската унија за да не се прошири исламизмот низ стариот континент.
Турција не треба да стане член на ЕУ, бидејќи нема што да & понуди на европската цивилизација, а и досега со ништо не придонела за Европа, нагласил грчкиот Архиепископ.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"