Хаг нема да ги гони мачителите на "Мавровчани"?
Хашкото обвинителство нема да ги гони лицата што македонските органи
ги обвинија дека во август 2001 година грабнале и мачеле пет работници на
Градежното претпријатие "Маврово", манипулира со процесот бранителот на
двајца од обвинетите, адвокатот Нуман Лимани, повикувајќи се на информации
добиени преку канцеларијата на Хашкото обвинителство во Скопје. Освен тоа
бранителите на обвинетите планираат да ја тужат државата за незаконско
држење во притвор на нивните колеги.
Сепак, претставниците на Хашкиот трибунал категорично ги демантираа
тврдењата на адвокатот Лимани.
Протераните останаа без огревни дрва
Протераните од липковскиот регион се закануваат со протести и со блокади
ако државата не им обезбеди дрва за огрев. Од вкупно 63 православни
семејства само 17 добиле огревни дрва.
Во Министерството за труд велат дека годинава дистрибуцијата е намалена,
зашто лани биле утврдени злоупотреби на помошта.
Реконструкција на куќите во Матејче
Благодарение на помошта од трите странски владини донатори - Холандија,
Германија и Италија, реконструкцијата на оштететените куќи во Матејче се
очекува да започне во март, а да заврши кон крајот на летото. Европската
комисија и ИМГ ќе организираат сослушување со жителите на Матејче, каде ќе
ги презентираат сите елементи од процесот на реконструкцијата како:
стандарди, социјална проценка, техничка процена, трипартитен договор итн.
Јелошник повторно ограбено
Жителите на тетовското село Јелошник по подолго време го посетија селото
при што повторно беа констатирани ограбувања и оштетувања на најголем дел од
селските куќи.
АНА му дала рок на Ахмети
Ана и дала три месеци рок на на ДУИ за да ги спроведе обврските што
произлегуваат од Рамковниот договор, зашто во спротивно ќе стапи во акција.
Ова за неделникот "Лоби" го потврдил и Муса Џафери.
Јас слушав дека постои мораториум за недејствување, зашто сакаат да ги
видат резултатите, вели Муса Џафери.
Прчевски нов државен обвинител?
Битолскиот судија Александар Прчевски е предложен од Владата за нов
републички јавен обвинител. Републичкиот јавен обвинител по предлог на
Владата го именува Собранието, најверојатно во текот на оваа недела.
Во Долани по 13 години повторно се роди бебе
Целото штипско село Долани го славеше првиот именден на своето најново
новороденче Јованче Петров, кое по 13 години стана 61 жител на ова село. Ова
штипско село постојано претрпуваше иселување на жителите и од 200 жители во
изминативе неколку години тоа се сведе само на шеесетина.
Нови обвиненија за Михајловски
Кривичната пријава против поранешниот директор на Фондот за здравствено
осигурување, Војо Михајловски, е проширена со сомневања за злоупотреби што
ги направил со набавки за Медицинскиот центар во Прилеп. Притворени беа и
поранешниот директор на Медицинскиот центар во Велес, Оливер Зографски и
неговиот заменик Јане Мишев, поради сомневање дека со Михајловски и со
директорите на две скопски фирми го оштетиле Фондот за 36 милиони денари.
Астматичарите останаа без терапија
Околу 50.000 астматичари од Скопје повеќе од една недела се без
неопходните лекови. Заболените од астма се снаоѓаат како што знаат и умеат,
главно со нарачки од соседните земји, бидејќи ни во приватните аптеки нема
доволно препарати за астматичарите.
Приватниот "манастир" на Зоран Вранишковски
Битола повторно ја брануваат немили вести. Присуството на Зоран
Вранишковски, поранешниот владика Јован, е уште еднаш потврдено со
контроверзните и сомнителни средби во неговиот приватен стан. Имено, младата
штипјанка Анита Иванова повеќе од четири месеци се наоѓа во Битола каде
заедно со монашкото сестринство живее во станот на екс-владиката Јован.
Реакцијата на родителите е повеќе од категорична.
"Ќе доаѓам секојдневно, па и ќе спијам на влезот на оваа зграда, но моето
девојче нема да му го оставам нему" - изјави мајката Душанка. Родителите и
роднините стравуваат дека станот на Вранишковски е само станица пред
испраќањето на целото сестринство во некој од манастирите во Грција, а во
прашање се уште пет други девојки.
|