Новини во "Сковин"
Винарската визба "Сковин" минатата недела го презентираше новиот начин на
продажба на наливни и вина во шишиња и можноста тие да се дегустираат и да
се купат во новоотворениот Салон за продажба и во салата за дегустација кои
се наоѓаат во рамки на визбата, во близина на автопазарот во Скопје.
Со отворањето на овој простор, вината од винаријата се доближуваат до
граѓаните преку можност тие да се видат и да се дегустираат со цел да се
види и почувствува нивниот квалитет во оригиналната и природна форма,
беше истакнато на презентацијата.
Исто така, беше претставен и развојниот пат на оваа винарска куќа,
постигнатите успеси и плановите за развој. "Сковин" од 2 август минатата
година почна со производство на шест вида вино во шишиња со кои за кус
период успеа да освои вредни признанија и награди на меѓународните саеми на
вино. Станува збор за белите вина "Шардоне", "Мускат" и "Семијон", како и
црвените "Вранец", "Теран" и "Кале".
Откуп на грозјето
Деновиве на шалтерите во "Стопанска банка" во Кавадарци од утро до мрак
врие како во кошница. Банката ја почна исплатата на два денара по килограм
грозје на лозарите од целата држава, без разлика каде го продале грозјето, а
како последица на ланските катастрофални измрзнувања на родот во оваа гранка
од македонскиот комплекс. Уште пред парламентарните избори средствата во
висина од над пет милиони евра беа ветени од екс-министерот Марјан Ѓорчев,
меѓутоа тој, најверојатно поради разочараноста од фијаското во изборите, не
си ја заврши работата доследно. Актуелниот министер за земјоделство, Славко
Петров, вложи несебични напори за изнаоѓање средства за оваа намена и
деновиве целосно ги реализира ветувањата на поранешниот министер Ѓорчев.
Во Топилница нема да останат без работа
Државата нема да дозволи евентуалната стечајна постапка што би ја отворил
судот на барање на приватните доверители на велешката Топилница да го запре
производствениот процес и да ги остави без работа 1.600-те вработени,
посочил министерот за економија, Илија Филиповски во разговорите со
претставниците на синдикатот.
Портпаролот на Министерството за економија, Гоце Пачемски, изјави дека
целта не е да се затвори Топилницата, туку да се изнајде подобро решение.
Намален прометот на Берзата
Вкупниот промет на Македонската берза на долгорочни хартии од вредност,
минатата година, без блок-трансакции, забележа опаѓање и изнесува 2,8
милијарди денари, односно околу 46,4 милиони евра. Прометот лани во однос на
2001 година е помал за 12,6 отсто.
Просечниот дневен промет на Берзата во 2002 година изнесува околу 14,2
милиони денари односно 233.000 евра. На Берзата во текот на минатата година
се реализираа 13.846 трансакции или просечно околу 70 трансакции дневно, што
претставува околу 37 отсто повеќе во однос на 2001 година. Во структурата на
прометот најголемо учество има прометот на државниот сегмент со 34 отсто,
додека прометот на официјалниот пазар учествува со 27 отсто.
"Козјак" стартува идната пролет
Хидросистемот "Козјак" ќе почне да произведува струја идната пролет,
изјави првиот човек на Електростопанство Панде Лазаров. Откако ги прошета
министрите за економија и за транспорт и врски, Филиповски и Ајдини по
хидорцентралата, Лазаров најави дека во мај почнува полнењето на езерото.
Изградбата на хидросистемот "Козјак" почна пред осум години. Станува збор
за инвестиција вредна 170 милиони долари, од кои досега се потрошени 132
милиони долари.
Од вкупниот износ, 89 милиони се кинески кредит, а преостаниот износ го
обезбедува Електростопанство. Инвеститорите го пробија рокот во кој овој
Проект требаше да биде завршен.
Фондот ќе ги распродаде сите дуќани и станови
Владата ќе го трансформира Јавното претпријатие за стопанисување со
станбен и деловен простор во државно акционерско друштво и ќе ги продаде
сите дуќани и станови во земјава што сега ги поседува. Во државна
сопственост ќе останат само најатрактивните - скопските Градски трговски
центар (ГТЦ) и Светскиот трговски центар, како и граничните премини. Ова е
предлог на Дарко Бабамов, директорот на ова Јавно претпријатие. Програмата
за трансформација ја изработуваат стручњаци од Јавното претпријатие и неа
Владата ќе ја разгледува најверојатно во февруари.
Преиспитување на приватизацијата на "Машинопромет"
Четириесет отпуштени вработени и акционери од "Машинопромет" ја
повикуваат Владата да ја испита приватизацијата на фирмата и да преземе
мерки против лицата што ги попречувале да го докажат криминалот што го
правело раководството. Тие обвинуваат дека семејството Пајмаковски
назаконски го управува акционерското друштво и дека со измами и проневери
направило милионски штети.
Директорот Томислав Пајмаковски ги отфрла обвинувањата. Тој вели дека во
сите контроли и инспекции на надлежните органи не било утврдено дека законот
е прекршен.
Владата ќе го продава "Руен"
До крајот на јануари или во првата половина на идниот месец, Владата како
доминантен сопственик ќе распише тендер за продажба на индустријата за
автомобилски делови "Руен". Овој најзначаен стопански субјект во Кочани, кој
се наоѓа на листата на загубари, има долг од 400 милиони денари поради што
овој гигант ќе биде еден од првите кои годинава ќе бидат понудени на
продажба. Владата, како што се најавува, од евентуалниот заинтересиран
купувач ќе побара да ги задржи сите вработени. Покрај ова, тој мора да ги
преземе долговите кон деловните партнери, како и кон домашни и странски
банки, кои изнесуваат околу 247 милиони денари.
Загрозен опстанокот на млекопроизводителите
Производствените капацитети за млеко и млечни производи во земјава се
задушуваат во залихи, со што во прашање е доведен опстанокот на млекарниците,
но и млекопроизводителите, бидејќи неликвидноста на преработувачите може да
ја намали и да ја блокира исплатата на млекото што се презема од нив. Главни
причини за големите млечни залихи, според млекопреработувачите, се лоцираат
во огромниот увоз на млеко, сирење и кашкавал од Бугарија во рамките на
исцрпувањето на квотите за овој вид производи дадени со Договорот за
слободна трговија со оваа земја, но и падот на куповната моќ на граѓаните.
Поради овие причини, наскоро се очекува изострување на проблемот со млечни
залихи и појава на млечна криза многу порано од март,односно април, период
во кој вообичаено досега се актуализираше и во многу поголем обем.
Феросилициумот на германскиот пазар
Минатата недела, по два месеца работа од производствениот процес на "Силмак",
потече првиот контингент од 1.100 тони феросилициум. На германскиот пазар
беа извезени околу 400 тони од оваа суровина во вредност околу 270 илјади
евра. Преостанатата количина на феросилициум по одредена динамика постепено
ќе биде откупена од овој германски партнер.
Транспортен логистички центар
Наскоро во Македонија ќе се формира транспортен логистички центар "Мак
Лог" кој ќе понуди нови транспортни и други услуги за македонското
стопанство. "Мак Лог" претставува логистички центар со сопствена мрежа во
кој се очекува да се вклучат неколку транспортни и шпедитерски фирми од
земјава. Своите услуги, освен во земјава, Центарот ќе ги дава и во
европските земји. Подготовките се во тек и според информациите од СИЗ "Македонија
сообраќај" се предвидува тој да се формира најдоцна оваа пролет, откако ќе
бидат познати фирмите од областа на логистиката што ќе се вклучат во него.
Јапонците ќе одлучуваат за Злетовица
По одлуката на Владата дека се усвојува информацијата за изградба на
хидросистемот "Злетовица", најавена е нова посета во Македонија на експерти
од Јапонија кои треба да учествуваат во изградбата на овој систем со 100
милиони долари поволни банкарски аранжмани и разни други донации.
Досегашната ревизија на Проектот Јапонците ја оценија позитивно и може да се
очекува во текот на февруари тие да ја донесат и конечната одлука.
Хидросистемот "Злетовица" е повеќенаменски. Акумулација се планира во
месноста Кнежево, од која се обезбедува вода за пиење за околу 200.000 луѓе
од седум општини во Источна Македонија, потоа наводнување на околу 3.000
хектари обработлива површина и годишно производство од 50-60 милиони
киловат-часови електрична енергија.
"Макпетрол" не го злоупотребува монополот
"Макпетрол" не ја злоупотребува монополската позиција во бизнисот со увоз
и дистрибуција на авионско гориво на скопскиот Аеродром. Со тоа тужбата на
"Авиоимпекс" против "Макпетрол" за злоупотреба на доминатната положба се
одбива како неоснована. Вака пресече Монополската управа во случајот
"Авиоимпекс" против "Макпетрол", тврди А1.
"Авиоимпекс" имаше поднесено жалба до Монополската управа дека
"Макпетрол" наплатувал превисоки цени за керозинот на скопскиот Аеродром во
споредба со цените на соседните и европските аеродроми.
Социјална трка по сметки за струја
Најмалку стотина скопјани деновиве го опседнаа наплатниот пункт на
скопска "Електродистрибуција" и бараат сметките за електрична енергија да се
префрлат на нивно име за да можат да конкурираат за социјална помош.
Турканицата почна минатата недела кога Министерството за труд и социјална
политика ги обелодени новите критериуми за добивање социјална помош. Според
нив, потенцијалниот корисник на социјална помош мора да поседува сметка за
електрична енергија на негово име.
|