ЕКОНОМИЈА

Нацрт-верзија на макроекономската политика

НАМАЛУВАЊЕ НА СИРОМАШТИЈАТА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Зголемувањето на вработеноста и поттикнувањето на флексибилноста на пазарот на работната сила, како и донесувањето на мерки за стимулирање на извозните претпријатија, се приоритети во Нацрт-верзијата на макроекономската политика за оваа година.

Владата на Република Македонија на својата последна седница ја разгледа нацрт-верзијата на макроекономската политика предвидена за 2003 година. Основни приоритети се намалување на сиромаштијата, зголемување на вработеноста, како и поттикнување на извозот и мерки за флексибилноста на пазарот на работна сила и стабилизација на фискалната политика во државата.

"Строга дисциплина во трошењето на финансиските средства на државата", Петар Гошев

Во првата половина на годинава се планира да се отпочне со операционализација на Програмата за зголемување на вработеноста и флексибилноста на пазарот на работна сила, а намалувањето на сиромаштијата треба да се врши преку Стратегијата за нејзино намалување. Притоа ќе се води агресивна промоција на инвестиционите можности на Македонија преку атрактивни извозни проекти во соработка со Проектот за конкурентност на Македонија, појасни владиниот портпарол Сашо Чолаковски.

Конечниот текст на овој значаен документ ќе биде подготвен и усвоен откако ќе завршат преговорите со ММФ. Овој документ ќе биде дистрибуиран до Собранието и е основа на одделните политики кои треба да се водат во одделните сектори. Тој документ ќе биде уште дополнуван, а финалниот продукт ќе зависи од тоа каква буџетска политика ќе се планира, како ќе бидат усогласени приходите и расходите во Буџетот и како ќе се финансираат политиките кои се предвидуваат со макроекономската политика.

ЦЕЛИ

Во 2003 година нема да има спектакуларни резултати, меѓутоа очекуваме отпочнување на стопански раст. 2003 ќе биде добра ако оствариме реален стопански раст од 3 отсто, ако инфлацијата не биде поголема од 3 проценти и ако почне процентуално да се намалува стапката на невработеноста, односно ако почне да се зголемува стапката на вработеноста во земјата, вели министерот за финансии, Петар Гошев.

Бидејќи целта е зголемување на вработеноста, Владата подготвила Нацрт-верзија, документ за поттикнување на вработувањето и во него се разработени и краткорочни и среднорочни мерки и институционални промени во системот коишто треба да влијаат врз поттикнувањето на вработувањето во Република Македонија.

КОНТРОЛА

Во контекст на зголемувањето на вработеноста, Владата предвидува зајакнување на контролата во претпријатијата, односно санкционирање на работодавците кои не ги пријавуваат работниците. Исто така, се предвидуваат низа мерки за поедноставување на постапките за основање на претпријатија како и доследна примена на одредбите од Законот за работни односи, посебно во делот за осигурување во случај на невработеност, при што ќе се врши строг мониторинг врз лицата кои бараат работа.

Владата ќе интервенира и во областа на земјоделието, како и ефикасното завршување на приватизацијата и побрзо средување на состојбите во економскиот сектор на Република Македонија. Владата предвидува измени на низа закони и енергични мерки за спречување на буџетските пречекорувања и строга дисциплина во трошењето на финансиските средства на државата.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"