ЕКОНОМИЈА

Тутунопроизводителите незадоволни од ниските откупни цени

ТОЛЕРАНТНОСТ ВО ИМЕ НА ИДНИНАТА НА ТУТУНОТ!

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Одржавме заедничка средба со легитимните претставници на тутунопроизводителите при што заеднички констатиравме дека реколтата на тутунот од 2002 година поради временските прилики е со слаб квалитет, при што има обиди од некои откупни претпријатија истото да се искористи за да се намали откупната цена, односно тутунот да се плати по пониска цена. Ова предизвика оправдан револт кај индивидуалните производители. Таквиот однос кон нив не е добар, изјави министерот за земјоделство, Славко Петров.
  • Квалитетот на тутунот е само за нијанса послаб од минатата година, но според лидерот на земјоделските производители, Вељо Тантаров, проблемот не е слабиот квалитет, туку катастрофално ниската откупна цена на тутунот.

Тутунопроизводителите не се задоволни од откупната цена на тутунот и место откуп тие започнаа со револт во знак на нивното незадоволство, а министерот за земјоделство, Славко Петров, повикува на толеранција. Министерството за земјоделство ќе ангажира и инспектори кои ќе ја контролираат состојбата на теренот и ќе укажуваат на евентуалните аномалии и неправилности. Министерот апелираше откупот да се одвива во толерантност, при што откупните претпријатија треба да направат напор за да ја повратат довербата кај тутунопроизводителите и истовремено да вложат во иднината на тутунот. Во спротивно, потенцираше министерот Петров, откупните претпријатија кои имаат свои краткорочни цели можат да го изгубат својот партнер за производство на тутун.

"Нашата цел е двете страни да бидат задоволни", министерот Славко Петров

Министерството ќе направи дополнителни напори како страна којашто сака да се надминат проблемите со откупот на тутунот, односно ќе стори се законот максимално да се почитува, вели министерот Петров.

Квалитетот на тутунот е за нијанса послаб, а откупните цени се катастрофално ниски, тврди земјоделскиот лидер, Вељо Тантаров.

Револтирани од ниската цена, велешани протестираа и одбија да го продадат тутунот, а струмичани ги запоседнаа локалните канцеларии на ресорното Министерство за да бараат повеќе пари и подобра процена на тутунот.

Тутунопроизводителите од струмичкиот регион се заканија дека нема да излезат од Подрачната единица на Министерството додека не се сретнат со министерот Славко Петров и со него да разговараат за проблемот со одговорните од откупното претпријатие "Струмица табак". Според нив, "Струмица табак" сакала да откупува тутун за 30 денари по килограм што било крајно деградирачки за производителите.

ДЕМАНТ

Сепак, во "Струмица табак" ги отфрлаат овие обвинувања на тутунопроизводителите за таквата цена на откупот потенцирајќи дека годинашниот род е со послаб квалитет поради лошите временски услови. Поради тоа тутунот од некои производители се класира со пониска цена.

Околу триста тутунопроизводители од Велес протестираа пред откупните центри "Велес-табак" и "Соко-мак" во велешката населба Чашка. Поддршка е добиена и од производителите од населбите Извор, Чашка и од Иванковци кои револтирано одбиле да им го продадат тутунот на велешките претпријатија. Откупната цена е од 90 до 100 денари, а се планира во Велешко да се откупат околу 1.600 тони тутун.

ЗАШТИТНА ЦЕНА

Заменик-министерот за земјоделство, Бесим Јашари, во собраниската Комисија нагласи дека Министерството ќе ја гарантира заштитната цена од 111 денари за килограм и ќе ги обезбеди премиите како надомест за разликата меѓу просечната откупна цена од 90 денари. Министерот за земјоделство потенцираше дека државата не може да го финансира откупот на тутун.

Сојузот на земјоделците не се откажува од своето барање Министерството за земјоделство да понуди пристоен откуп на тутунот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"