Покрај дружењето и меѓусебното помагање, тие го отпечатија и првиот
студентски двојазичен весник "Македонија утре". Овие две активности на
македонските студенти им ги отвори вратите кон успешно афирмирање на
Македонија и нејзината култура.
НАЦИОНАЛНОСТ
Идејата за да се формира Здружението на македонските студенти во Романија
постоело уште од првите генерации. Нивното присуство таму несомнено
предизвикало неопходно комуницирање со народите во средината во која тие
живееле.
На тие простори постои една многу стара претстава за Македонија, меѓутоа
студентите Македонци честопати доаѓаа во ситуација нивните колеги од другите
држави да немаат доволно информации и податоци за Македонија, вели Зиков.
Тогашните македонски студенти почувствуваа потреба да го зачуваат и да го
афирмираат својот национален идентитет и да ја претстават културата на
земјата од каде потекнуваат. Но, бројот на студенти во првите
генерации беше помал, така што успеваа тоа да го реализираат онака како што
секој човек го прави, а тоа е преку својата личност, преку нивното дружење и
контактирање и помагање на другите нови студенти за полесно да се снајдат.
Меѓутоа, со зголемувањето на бројот на студентите и нивното
распространување низ Романија, постарите студенти не можеа да им го пренесат
нивното искуство и да им помогнат. Така, пред една година почнаа да се
јавуваат проблеми во врска со визи, сместување во интернати и слично. Ова
беа мотивите да се направи едно вакво Здружение. Тоа го направивме
така што Здружението го официјализиравме на 11 февруари 2002 година.
Од страна на романските власти никој не им попречил ниту пак им го
забранил формирањето на Здружението. Покрај веќе споменатите цели на
Здружението, секако како цел ќе им биде и културната активност.
Ќе се работи интензивно за да се реализираат повеќе активности - собири,
конференции, културни манифестации, спортски средби, соработка со сите
здруженија на претставници од другите држави, како и контактирање со
Македонците кои од поодамна живеат и работат во Романија, додава Зиков.
Нивната бројка изнесува некаде околу 12 илјади Македонци, но можеби се и
повеќе. И тие имаат свое Здружение преку кое го активираат нивниот
културен живот, постојано имаат одредени собири, некои манифестации на кои
сме постојано поканети. Покрај Здружението, тие имаат и политичка
партија, а еден член е застапен во романскиот Парламент.
ВЕСНИК
Навистина, Здружението го формиравме во февруари како што спомнав, но во
првата половина од тој период немавме некои активности, туку имавме
запознавање со административните работи коишто мораше да ги реализира
Здружението, објаснува Зиков. Во вториот план веќе се случија
посериозни работи, така што ја реализиравме идејата за формирање еден весник
преку кој ќе се информираат сите студенти, но и Македонците и другите народи
за Македонија. Голема поддршка добивме од Тодор Нанев којшто е
македонски амбасадор во Романија и од таа соработка излезе студентскиот
весник "Македонија утре". Тој ќе се дистрибуира пошироко, односно не само
меѓу студентите, туку и во т.н. македонска дијаспора во Романија. Убаво би
било да го дистрибуираме и во Македонија, како и по амбасадите на другите
држави. Содржината на весникот е лична карта на Македонија, но во
иднина би се актуелизирало информирањето за нас и за случувањата во
Македонија. Во прво време весникот ќе излегува еднаш месечно, но ќе
направиме обид тој да стане неделник.
Првиот број од "Македонија утре" бил финансиран од самите студенти, но
биле помогнати и од неколку спонзори. Планирано е идниот број да биде
издаден во поголем тираж (500 примероци) зависно од тоа како ќе се
организираат и како ќе обезбедат финансии. Првиот број на "Македонија утре"
излезе на 12 страници со повеќе текстови, а илустриран е со 20-тина колор
фотографии.
МОЖНОСТИ
Иако македонските студенти се на различни факултети, сепак постојано се
собираат, се дружат и си помагаат. Алесандар Зиков студира на Националниот
Универзитет за театарска и филмска уметност во Букурешт, Романија.
На Факултетот за филм завршив Мултимедиа, насока којашто всушност
претставува монтажа, звук, компјутерска графика и анимација, вели Зиков.
Моментално сум на постдипломски студии на естетика на филмот и
аудиовизуелниот публицитет.
За да се студира на еден од факултетите во Романија било потребно да се
исполнат одредени услови, а тоа се приемниот испит и како обврска мора да се
помине одреден период на изучување на романскиот јазик.
Универзитетот е државен и токму тие стипендии, од кои една користев и јас,
ги доделуваше Романија, додава Зиков. Стипендиите се дел од
програмата за интегрирање на Романија во Европа и беа еден од условите за
влез на Романија во ЕУ. Тоа значеше и зголемување на соработката не само со
подалечните држави, туку и со државите од Балканот сметани како помалку
развиени земји во Европа. Како резултат на ова, во Романија постојано
доаѓаат студенти од Грција, Албанија, Бугарија, Македонија, Србија, дури и
од азиските земји. Така Романија сега е земја во која има најмногу странски
студенти.
Првата генерација на македонски студенти во Романија која броела само 5
члена се појави некаде во 1992 година веднаш по завршувањето на т.н.
Револуција во Букурешт. Едниот од нив студирал на Економскиот, а
преостанатите на Теолошкиот факултет. Сега во Романија студираат околу 200
студенти - Македонци од кои повеќето се наоѓаат во Букурешт, но половина од
нив се распространети во повеќе градови низ Романија. Повеќето студенти ја
следат наставата на Економскиот факултет, на дипломатија, на Медицинскиот
факултет, има и на Факултетот за драмски уметности, на Факултетот за ликовна
уметност, Електротехничкиот итн.