ПОЛИТИКА

Извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за декември 2002 година

НЕСПОРНА Е УПОТРЕБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ОРГАНИТЕ НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ

Подготвил: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Хелсиншкиот комитет потсетува дека Претседателот на Собранието, во согласност со чл. 29 од Деловникот, има должност да ја известува Комисијата за прашања на изборите и именувањата за секое неоправдано отсуство на пратеник, а поради што треба да му се одбива 5 отсто од платата за секој ден отсуство.
  • Овој Комитет истакнува дека се дури не се донесе нов закон за употребата на другите јазици, треба да се почитува важечкиот Закон за употребата на македонскиот јазик (Сл. весник бр. 5/98) како службен јазик во Република Македонија. Според овој Закон неспорна е употребата на македонскиот јазик во органите на државната власт (чл. 5). Со тоа не се ограничува правото на припадниците на националностите на службена употреба на јазикот и писмото на националностите (чл. 4), туку се штити, негува и унапредува - македонскиот јазик.

И покрај тоа што поминаа три месеци од конституирањето на македонското Собрание и два месеца од изборот на Владата, процесот на конституирање на новата власт се уште не е докрај завршен. Во текот на декември 2002 година Собранието ги избра членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, но не смогна сили да го докомплетира своето претседателство. Исто така, не беше докомплетиран ниту составот на Советот за безбедност со тројцата членови кои треба да ги именува Претседателот.

Покрај оваа спорост, индицирани се и повреди на легалните принципи во (не)примената на Деловникот на Собранието, според кој пратеникот нема само право, туку има и должност "да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето" (чл. 27). Не случајно се работи и едновремено за должност, затоа што истата произлегува од довербата што им ја дале граѓаните избирајќи ги на тие функции. Оваа должност не ја исполнуваа поголемиот дел од пратениците од опозицијата кои и во декември ја "бојкотираа" работата на Собранието.

Не навлегувајќи во правото на пратениците да ја изразуваат својата политичка волја со бојкот на работата на Собранието, а за што финансиската одговорност е на нивна страна, Хелсиншкиот комитет потсетува дека должност на Претседателот на Собранието, во согласност со чл. 29 од Деловникот, е да ја известува Комисијата за прашања на изборите и именувањата за секое неоправдано отсуство на пратеник, а поради што треба да му се одбива 5 отсто од платата за секој ден отсуство. Уште нешто повеќе, ако се констатира дека пратеникот се запишал во евидентниот лист, што овозможува право на патни и дневни трошоци без да присуствува на седницата, претставува изигрување на чл. 30 од Деловникот, односно се работи за вид финансиска измама.

ПРЕДИМЕНЗИОНИРАЊЕ

Минатата година, во месец декември продолжи практиката на неаргументирани смени и суспензии во постапки без да се почитуваат: правото на фер постапка, правото на жалба, презумпцијата на невиност и принципот на кондрадикторност коишто се дел од правото на одбрана и се неопходни во сите видови постапки. Во процесот на кадровски промени во органите на управата, а кои не беа видливо поврзливи со антикорупциската кампања која заслужува целосна поддршка, особено загрижува непочитувањето па дури и отвореното негирање на Законот за државните службеници, а со тоа и блокирањето на Агенцијата за државни службеници, како орган кој решава за жалбите против дисциплинските мерки и суспензиите. Во врска со овие појави Хелсиншкиот комитет се јави со две одделни соопштенија за јавноста.

Хелсиншкиот комитет ја користи приликава да укаже на противзаконитоста на тенденцијата функцијата на Агенцијата за државни службеници да биде преземена од страна на Второстепената комисија на Владата. Имено, во едно од решенијата за кадровска промена отворено се вели дека жалбата се поднесува до Второстепената комисија, цитираме: "....за решавање на прашања од областа на работните односи во втор степен (кои не се во надлежност на Агенцијата за државни службеници)...". Значи, со решение се дерогира закон! Практично се работи за истиот механизам што го направи претходната Влада којашто, наводно, во државните органи вработуваше согласно Законот за работни односи(?), а не според Законот за државните службеници.

Во врска со Рамковниот договор и употребата на јазиците во Република Македонија Хелсиншкиот комитет потенцира дека и натаму ова прашање претставува камен на сопнување и за новата власт. Собранието се уште нема усвоено нови закони што ќе ја регулираат употребата на јазиците во државните органи (ниту пак закони за издавање на личните документи во согласност со изменетиот член 7 од Уставот), иако станува збор за обврски што требаше да ги исполни уште претходниот состав (в. чл. 8 од Анексот Б). Оттаму, и спорот што се разви во однос на тоа на кој јазик треба да се водат седниците на собраниските комисии на кои претседаваат етнички Албанци не можеше да се разреши само со толкување на чл. 3 од Деловникот на Собранието со оглед на тоа што споменатиот член овозможува различни толкувања.

Хелсиншкиот комитет истакнува дека се дури не се донесе нов закон за употребата на другите јазици, треба да се почитува важечкиот Закон за употребата на македонскиот јазик (Сл. весник бр. 5/98) како службен јазик во Република Македонија. Според овој Закон неспорна е употребата на македонскиот јазик во органите на државната власт (чл. 5). Со тоа не се ограничува правото на припадниците на националностите на службена употреба на јазикот и писмото на националностите (чл. 4), туку се штити, негува и унапредува - македонскиот јазик. Со донесување на закон за употреба на други (службени) јазици би можеле да се разрешат многу сегашни и идни дилеми и затоа тој процес треба максимално да се забрза.

МЕШАЊЕ

Според Владата "еден од приоритетите кои претстојат во спроведувањето на охридскиот Договор претставува избор на нов Републички судски совет, заради тоа што ова било наложено од измените на Уставот на Република Македонија". Во соопштението, пак, на Советот беше истакнато дека "не постои уставна основа за пристапување кон избор на членови на Републичкиот судски совет, затоа што на постојните членови мандатот не им престанал".

Според чл. 104 од Уставот, членовите на Советот се избираат за време од 6 години, а во согласност со чл. 9 од постојниот Закон за Републички судски совет функцијата на член на Советот престанува само во случај на поднесување оставка, разрешување поради осудување за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или во случај на трајно губење на способноста за вршење на функцијата. Донесување нов закон не е една од наброените основи за престанок на мандатот.

За ова прашање Хелсиншкиот комитет го поздравува инсистирањето на Републичкиот судски совет на доследно и бескомпромисно почитување на уставно загарантираното начело на владеење на правото и принципите на уставност и законитост во работата на државните органи (иако ни оддалеку не е убеден дека истите тие принципи токму од страна на Советот беа почитувани во постапката при последните разрешувања на судии). Доколку се донесе закон за "инстант-промена" на Советот, практично се изигрува владеењето на правото по пат на ретроактивно важење на новите закони. Наспроти тоа, неспорно е дека треба да се новелира постоечкиот закон, но така што новите избори ќе се вршат постапно, а согласно изменетиот член од Уставот. Значи, во еден нешто подолг период - промената може да се реализира како што ќе им истекува мандатот на сегашните членови.

ТРУЕЊЕ

Почнувајќи од 30 ноември минатата година, прашањето за наводно затруените албански ученици од Куманово постојано ја окупираше македонската јавност и во месец декември. Во врска со ова дискутабилно прашање Хелсиншкиот комитет наведува дека во овој месец во Клиничкиот центар во Куманово биле примени повеќе од двесте средношколци, етнички Албанци, главно од женски пол, со симптоми на интоксицираност, од кои потешките случаи, на два пати, биле испратени во Клиниката за токсикологија во Скопје. Многубројните шпекулации во јавноста во врска со овој случај придонесоа за нарушување на кревките меѓуетнички тензии во регионот. Претставници на Хелсиншкиот комитет во два наврати го посетиле Куманово, одржале средби со претставници на Клиничкиот центар и на средните училишта во кои се уште не беше отпочната наставата, а разговарале и со еден број од заболените младинки и младинци. Исто така, биле остварени средби и со претставници на Клиниката за токсикологија во Скопје и на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје.

Според кумановските епидемиолози, развојот на појавата ги принудила првичната дијагноза - стафилококно труење од храна, да ја променат во интоксикација од непознат причинител. Од епидемиолошката истрага за случајот спроведена од експерти на СЗО произлезе дека "не е можно да се идентификува една единствена причина за здравствените проблеми на 215 засегнати, повеќето ученици во средните училишта во Куманово" и дека различни фактори придонеле за појава на овие инциденти и негативно влијаеле врз инаку добрата здравствена состојба на учениците. Се уште се очекуваат наодите од некои лаборатории, како и од испитувањата направени во Институтот за судска медицина.

Поларизацијата на јавноста во Македонија го изостри и онака нагласениот етнички оптикум на овој случај. На една страна застана заедницата на етничките Албанци која многу бргу "дијагностицираше" дека станува збор за "труење" и ја исфрли споредбата со слични "труења" на Косово подметнати од српските (воени) структури. Во таа насока, некои од раководителите на средните училишта во Куманово изразија незадоволство од недоволното ангажирање на Министерството за внатрешни работи во расветлувањето на случајот, односно од неспроведување соодветна криминалистичка истрага. Исто така, дел од пациентите се пожалија на дискриминација, нечовечен однос и "несоодветни прегледи" од страна на здравствените работници од Клиниката за токсикологија во Скопје.

На другата страна, со речиси еднаква брзина се "дијагностицираше" дека станува збор за "масовна хистерија" што за жал беше прифатено дури и од некои здравствени работници. Целиот развој на случајот беше следен со еднострано потенцирање на "фактите" што одат во прилог на таквата "дијагноза". Меѓутоа, редица здравствени работници беа категорични дека симптомите не се одглумени, а во тоа можеа да се уверат и претставници на Хелсиншкиот комитет. Оттука, извесно е дека ниту едната ниту другата "дијагноза" немаат аргументи и се неосновани, или поточно обете страни инсистираат на објаснувања за што немаат никаква поткрепа, а не прифаќаат дискусија со други видувања. Наспроти тоа, останува вистинскиот факт дека задоволувачко објаснување - не беше најдено.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"