ПОЛИТИКА

ПИРИН: Културно-просветното и спортско друштво "Светилник" од Благоевград

НЕУМОРНА БОРБА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • По повод 100 години од Илинденското востание, Културно-просветното и спортско друштво "Светилник" од Благоевград, за 2 август 2003 година подготвува издавање збирка документи за македонското национално движење во Пиринскиот дел на Македонија за периодот од 1989 година до 2002 година, насловени како Македонското национално движење во Пиринскиот дел на Македонија - документи - 1989-2002".
  • Поради реализација на предвидените програми за 2003 година "Светилник" упатува апел до сите заинтересирани лица за помош.

Македонците во Републи-ка Бугарија, преку разни организации и здруженија го негуваат својот културен идентитет и јазик. Во одбележувањето на стогодишнината од Илинденското востание ќе се вклучи и Културно-просветното и спортско друштво "Светилник" од Благоевград. Станува збор за Друштво чија основна цел е заштита и афирмација на македонскиот идентитет во Република Бугарија преку културно-просветни и спортски активности. Тоа е формирано на 25 јули 1995 година во Благоевград, а пререгистрирано во согласност со законот на 20 декември 2000 година.

Македонците од Благоевград вклучени во одбележувањето на стогодишнината од Илинденското востание

По повод 100 години од Илинденското востание, ова Друштво за 2 август 2003 година подготвува издавање збирка документи за македонското национално движење во Пиринскиот дел на Македонија за периодот од 1989 година до 2002 година, насловени како "Македонското национално движење во Пиринскиот дел на Македонија - документи - 1989-2002" во тираж од 2.000 примероци на македонски јазик и 2.000 примероци на бугарски јазик. Станува збор за, како што објаснуваат од Здружението, збирка од 400 страници А-5 формат која ќе биде збогатена со богата илустрација на изворни документи и фотографии кои за првпат треба да се објават во печатено издание. Овие документи треба да бидат сведок на неуморната борба на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија за заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.

ТУРНИР

Освен издавањето на оваа збирка, за 2 август 2003 година КПСД "Светилник" подготвува и одржување на "Отворен шаховски турнир 2003" во Благоевград со учество на Македонци - шахисти од сите делови на Македонија од сите балкански држави. КПСД "Светилник" има отворено и одржува Македонски клуб "Сонце" во Благоевград. Во овој град со својата дејност се истакнува и Македонскиот православен сојуз на христијанското братство "Свети Пророк Илија". Овој Сојуз бил формиран на 14 април 1990 година во Благоевград од поголем број Македонци православни христијани, најпрво под името Организација "ПИРИН". Како резултат на активноста на ова Братство, во село Железница, благоевградско, бил изграден првиот Македонски православен параклис "Свети Пророк Илија", осветен со благослов на Патријархот на Бугарската православна црква, Неговото Блаженство г.г. Пимен, кој отворено го признавал и почитувал македонскиот народ, јазик, култура и Црква како посебен етнитет. За жал, како што информираат од Благоевград, под сомнителни околности, на 20 март 2002 година починал потпретседателот на Братството, Венцислав Овнарски, а на 17 август 2002 година и претседателот на Братството, Асен Хаџиски. Братството дејствува и понатаму и ги одржува традициите на Македонците православни христијани во пиринскиот дел на Македонија, а во рамките на јубилејната 2003 година повторно ќе ја организира традиционалната прослава во дворот на Македонскиот православен параклис "Свети Пророк Илија" во село Железница. КПСД "Светилник" организирал ликовна изложба на дела од ликовни уметници - Македонци од Горна Џумаја (Благоевград), во Република Македонија на 4 август 2000 година во Скопје, Штип, Охрид и Струмица.

АПЕЛ ЗА ПОМОШ

КПСД "Светилник" од Благоевград заради вршење на својата дејност и заради остварување на програмата за 2003 година, има потреба од донации. Затоа од Друштвото молат во согласност со можностите, секој кој може да им помогне и да им одобри материјално-финансиски средства за нивно нормално функционирање. КПСД "Светилник" од Благоевград за реализација на активностите за 2003 година има потреба од 17.900 евра.

Претседателот на друштвото, Атанас Кирјаков, вели дека ќе останат вечно благодарни доколку се помогне реализацијата на нивната програма предвидена за оваа јубилејна година. Друштвото е со седиште на улица "Петко Д. Петков" број 11, 2700 Благоевград, Република Бугарија, тел. 00 359 (0) 73 81 293, тел. 00 359 (0) 73 37 921. Секој донатор за својата одлука може да испрати писмено известување и на адреса: Пошт.фах 93, МК-1000 Скопје, Република Македонија или на телефон контакт: 070 260 659 или 070 720 662.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"