ИНТЕРВЈУ

Д-р Михајло Миноски, професор на Филозофскиот факултет при Институтот за историја во Скопје

НАЦИОНАЛНО ОБЕЗЛИЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Според сегашното одвивање на работите, во нашава држава се е можно. Според тоа, дали нешто е оправдано или пак не е оправдано, е ирелевантно. Значајно е тоа што се случува. Кон што водат и каде ќе доведат ваквите процеси? Дали кон стабилизирање или кон дестабилизирање на државата?
  • Не би рекол дека во 2001 година е извршено етничкото чистење на Македонците. Етничкото чистење на Македонците од некои делови е континуиран процес кој траеше со децении. Ако дотогаш тоа беше тивко, во 2001 година се случи насилно и систематско етничко чистење.

МС: Господине Миноски, како ги коментирате настаните поврзани со одбележувањето на Илинден, Солунските атентати, односно курцшлусот на Комисијата за култура при Собранието на Македонија при разгледувањето на Нацрт-програмата за одбележување на значајни личности и настани во 2003 година? За ДУИ гемиџиите биле терористи?

МИНОСКИ: Секако е неочекувано што се доцнеше со Предлог-програмата за одбележување на годишнините на настани и личности од поновата македонска историја. Особено ако се има предвид дека станува збор за извонредно значајни годишнини. Не е во прашање само столетната годишнина од Илинденското востание, туку и 110 годишнината од создавањето на Македонската револуционерна организација, но исто така и 125 годишнината од Кресненското востание. За толку многу годишнини останува многу малку време за сериозно подготвување за нивно достојно одбележување.

Што се однесува до другиот аспект на прашањето, за односот на албанските претставници во Комисијата, тоа не е неочекувано со оглед на сето она што е досега манифестирано од албанска страна. Прв сериозен сигнал беше она што се случуваше во Шемшево - отстранувањето на таблата со името Даме Груев, личност која ја симболизира македонската национално-ослободителна борба во времето на Илинденското востание. Тој е неприкосновено првата личност во востанието, а Илинденскто востание трајно се вгради во свеста на македонскиот народ во борбата за слобода и македонска државност. Атакот врз оваа личност не значи ништо друго, туку обид за оспорување на нашето славно историско минато. Да се манифестира моќ за ревидирање на нашата историја од позиција со којашто се здоби албанското национално малцинство со Рамковниот договор потпишан во Охрид, односно со уставните измени што следуваа. Долгорочната намера со Договорот беше национално обезличување на македонскиот народ и негово сведување на заедница, така како што е дефиниран статусот на македонскиот народ во сопствената држава со споменатите уставни измени. Тоа значи дека и натаму претставниците на албанското малцинство ќе настојуваат Македонија да ја претставуваат како заедница со цел трајно да се оспори нејзиниот национален карактер.

Што се однесува до гемиџиите, треба да е јасно дека станува збор за една интелектуална група која е дел од македонското револуционерно национално-ослободително движење. Се оформи набргу по основањето на македонската револуционерна организација во време кога македонизмот се етаблира идејно и како македонска полититичка програма за создавање на македонска држава. Како дел од македонското национално-ослободително движење гемиџиите се разликуваа само по средствата што требало да се применат за да се отвори македонското прашање пред Европа, пред големите сили. Се разбира, не случајно. Во проценката за можностите на ослободителната борба тие сметаа, со оглед на неповолната внатрешна и меѓународна состојба, дека македонскиот народ се става во положба да даде големи жртви со неизвесност за крајниот успех. За да се поштеди народот од големи човечки и материјални жртви, при една таква неповолна севкупна положба, тие македонски револуционери се определија со индивидуална борба да го присилат европскиот фактор, големите сили, да интервенираат за подобрување на положбата и статусот на македонскиот народ во рамките на османлиската држава. Европските големи сили имаа свои интереси. И тогаш како и сега правото и правичноста не беа раководен принцип за тие држави, па затоа македонските револуционери се определија да им зададат удар на нивните интереси, капиталот и институциите во Македонија за да го свртат вниманието на светската јавност за македонското прашање. На крајот од април 1903 година македонските револуционери, кои јас не би ги нарекол гемиџии (што им е само популарно име), атакуваа на виталните институции во Солун, економски и политички центар на Македонија. Познато е дека беше кренат во воздух францускиот брод "Гвадалкивир", комуникацискиот систем - поштата во Солун, енергетскиот систем и некои претставништва на големите европски сили. Тие презедоа свесни акции за да се жртвуваат, но притоа водејќи сметка да ги заштитат животите на граѓаните на Солун. Од тој аспект има смисла употребата на зборот саможртва, но истовремено тоа значи и минимизирање на местото и улогата на овие македонски револуционери во илинденските случувања. По овој чин реакцијата на властите беше жестока и познато е она што следуваше - жртвување на животите и смртна казна за преживеаните. Акциите на овие македонски револуционери го забрзаа почетокот на Илинденското востание. Тие влегуваат во редот на особено значајните историски личности - илинденци, борци за национално ослободување и создавање на македонска држава. Никој не може нив да ги третира како терористи.

ПРЕСЕДАН

МС: Комисијата сепак компромисно го фризираше насловот на одбележувањето на овој датум и го крсти со: "Саможртвување на солунските атентатори - гемиџиите". Дали тоа е вистинскиот наслов за луѓето кои го жртвуваа животот за македонската кауза?

МИНОСКИ: Тоа лично не го сметам за компромис, туку за отстапување на притисокот на албанските претставници. Преседан кој може да има далекусежни последици. Потоа ќе следуваат нови барања и притисоци. Ние секогаш ќе се соочуваме со една ваква реалност. На ова мора да му се стави крај доколку сакаме да не се доведеме во ситуација полека, но трајно македонската држава да заборави на своето историско минато во името на некои сегашни политички интереси. Загрижува фактот што македонските претставници во Комисијата дозволиле ваков тек на расправата. Тие имаа и имаат стручна и морална должност и одговорност многу порано и посоодветно да ја предложат потребната програма. Од она што можеше да се види, во Комисијата има компетентни личности.

МС: Кои настани Вие како историчар би ги посочиле како значајни настани во македонската историја и каде тука гемиџиите го имаат своето почесно место?

МИНОСКИ: Во програмата за одбележување на значајните настани од македонската историја веќе ги спомнавме 125 годишнината од Кресненското востание, 110 годишнината од основањето на Македонската револуционерна организација и 100 години од Илинденското востание. Токму одбележувањето на значењето на акциите на македонските револуционери - гемиџиите - е настан неделиво поврзан со Илинденското востание. Токму во тој контекст треба да биде одбележувањето и оддавањето на заслужената почит.

ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ

МС: Ако гемиџиите се терористи, што се тогаш терористите од ОНА кои беа инволвирани во случувањата во Бриони, Вејце, оценети како класични терористички чинови?

МИНОСКИ: Тука можеби се разликуваме. Јас не би ги квалификувал актерите во тие настани за терористи, туку станува збор за организирани дејства на албанските политички субјекти со други средства преку вооружени групи кои очигледно имаа за цел етничко чистење на просторот, зацртано во сеалбанската големодржавна програма. Тоа требаше да претставува само средство за притисок врз македонските државни и релевантните политички фактори за рекомпонирање на македонската држава, да се создаде состојба каква што сега имаме. Останува впечатокот дека таквите дејства беа однапред програмирани, а жртвите пресметани. Според тоа, не станува збор за класичен тероризам, туку за една долгорочна стратегија. Вооружените акции беа само средство за нејзино реализирање. Актерите нема никогаш да прифатат дека станувало збор за тероризам, туку за борба за албански права и интереси во македонската држава.

МС: Историски гледано кои се староседелците во западниот дел на Република Македонија и во кој век е забележано населувањето на албанското население?

МИНОСКИ: Не знам колку во моментов е актуелно да се одговори на ова прашање, бидејќи проблемот не е во минатото, туку проблемот е во актуелните состојби и во нашата способност да се соочиме со актуелните случувања. Сепак, ќе одговорам. Ќе потсетам оти е историски фактот дека до крајот на 17 век е минорно присуството на Албанците во Македонија. Спротивно на тоа во западниот, јужниот и централниот дел на сегашната албанска држава и во 16 век имаше доминантно неалбанско население. Исто така, факт е дека тоа население беше под јуриздикција на Охридската архиепископија се до нејзиното неканонско укинување. Може слободно да се постави прашањето колку во тоа време имаше македонско население во Албанија, а не колку Албанци имаше во Македонија. Промените започнаа подрастично да се случуваат во последната деценија на 17 век, по Карпошовото востание. По неговото задушување маса на македонско население од северниот дел на Македонија (каде што се случуваат денешниве настани) се исели заедно со дел од населението од Јужна Србија на просторот на некогашната Хабсбуршка монархија. На тој простор османлиската држава насели муслиманско население од Северна Албанија. Процесот на натамошно инфилтрирање на албанско население беше стимулирано од османлиските власти. Албанците претставуваа дел од османлискиот владејачки систем и во сите сегменти имаа привилегирана позиција во државата. Се стекнуваа со имоти на сметка на македонското население. Тоа се историските факти.

ПСИХОЛОГИЈА

МС: Дали се реални барањата на Албанците врз база на нивната процентуална застапеност?

МИНОСКИ: Во психологијата на секого е да бара се она што смета дека може да добие. Се зависи од тоа како функционира државата и како нашите државници и политичари ги разбираат интересите на македонскиот државотворен народ и интересите на граѓаните. Кај нас во политичкиот систем очигледно се направи преседан, состојба каква што нема во ниту една држава во регионот, а уште помалку во Европа. Според сегашното одвивање на работите, во нашава држава се е можно. Според тоа, дали нешто е оправдано или пак не е оправдано, е ирелевантно. Примарно е тоа што се случува. Кон што водат и каде ќе доведат сегашниве процеси? Дали кон стабилизирање или кон натамошно дестабилизирање и разградување на Република Македонија?

МС: Факт е дека во 2001 година имавме етничко чистење во западниот дел на Македонија, дали историски гледано ова е веќе видена претстава на македонско тло?

МИНОСКИ: Не би рекол дека етничкото чистење на Македонците од тој дел на Македонија е извршено во 2001 година. Етничкото чистење е континуиран процес што трае со децении. Ако порано се спроведуваше тивко, во 2001 година се случи насилно и систематско етничко чистење на Македонците. За несреќата да биде уште поголема, сегашното македонско државно раководство не покажа подготвеност благовремено да ги заштити, а уште помалку да ги врати на своите огништа, да им го обезбеди животот и имотот како најелементарни човекови права. Со пролонгирањето се создава состојба за постепено прифаќање на таквата реалност, а тоа има и ќе има битно влијание врз карактерот и функционирањето на државата.

МС: Дали ваквото однесување конкретно од страната на ДУИ ќе предизвика измени во досегашното одбележување на значајни личности и настани од нашата македонска историја?

МИНОСКИ: Не знам зошто постојано се потенцира ДУИ. Не станува збор за ДУИ, туку станува збор за единствен настап на албанскиот фактор во Македонија, независно кон кој политички субјект припаѓа. Тука нема разлика. Се менуваат само гласноговорниците. Програмирано се менуваше и се менува еден политички субјект со друг - ПДП со ДПА, ДПА со ДУИ. Со тоа прогресивно напредува остварувањето на идејата на албанскиот фактор за редефинирање на македонската држава, како и тоа до кога истата треба да опстојува.

МС: Дали Вие како историчар имате соодветно решение како Македонците да си ја сочуваат својата историја и да му укажат на светот за своето потекло и своите корени?

МИНОСКИ: Многу тешко прашање. Веројатно многумина се обидуваат да го најдат решението, а македонските државници и политичари сметаат дека решение е она што е нивна актуелна политика. Јас би рекол дека само ако Република Македонија остане држава на македонскиот народ и на сите граѓани, тогаш можеме да сметаме на вистинско решение во смисла на она што вие прашувате. Македонскиот народ со децении се бореше за создавање на своја македонска држава која ќе ги заштитува народните национални интереси и ќе го почитува македонското историско минато, ќе ги негува македонските традиции и ќе ги почитува историските личности така како што се прави во сите цивилизирани држави. Држава без државотворен народ, држава на заедници без национален идентитет не може да има иднина. Сегашната македонска интелигенција е пред историска одговорност во овој критичен момент за македонската држава и македонската нација. Треба и мора да одговори на она за што е повикана - да го преземе својот дел од одговорноста за Република Македонија. За тоа е повикана и на тоа ја обврзуваат токму македонските интелектуалци кои во минатото ги жртвуваа своите животи за македонска национална држава. Голем дел од нив не ја доживеаја ни четвртата деценија. Само македонската интелигенција може на сегашниот неповолен тек на состојбите во Република Македонија да даде друга насока, да отвори перспектива за излез од сегашнава национална агонија. Потребно е што побрзо да се стабилизира Република Македонија, да се врати достоинството на македонскиот народ, народ со долго историско минато и особено значаен придонес во европската култура и цивилизација. Република Македонија може да се стреми кон обединета Европа единствено со зачуван индивидуалитет и државен суверенитет. Според моето гледање, обединета Европа може да постои само како заедница на национални држави. Оттука и нашето гледање дека Република Македонија само во тој случај може да бара свое место во Европа, но не по секоја цена. На Македонија & треба подолг период на економско и социјално стабилизирање, а на македонскиот народ национално хомогенизирање.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"