ПОЛИТИКА

Битка за испразнетите амбасадорски места

"БЕРМУДСКИОТ ТРИАГОЛНИК" НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Списоците за оние што треба да бидат вратени во Македонија скоро се готови, но кој ќе ги наследи? Дипломати или залутани шофери, заслужни или непожелни политичари.
  • Дилемата е јасна. Но, битен е изборот. На списокот за дома се многумина чии имиња и досега беа во игра, односно се споменуваа и беа во милост или немилост на одредени македонски политичари.

На македонската дипломатија одамна и треба големо проветрување, односно голема метла. Од осамостојувањето до денес политичарите повеќе мислеа на сопствениот џеб и интерес и токму затоа ја приватизираа надворешната политика. Во овој временски период не се изгради дипломатска мрежа, чија структура барем во малку сегменти би наликувала на сериозните држави во светот. Потресите и скандалите беа секојдневен имиџ на кревката дипломатија. Тоа целосно ја разниша позицијата на Република Македонија.

Палетата ја сочинуваа разноразни личности, сомнителни типови, мегаломани и "покондирени тикви". Затоа македонската дипломатијата падна на толку ниски гранки што не може да се извади од калта, бидејќи се уште дејствуваат разни моќници кои имаат желба да бида амбасадори, конзули или екселенции. Меѓутоа, се си има свој крај, како и нивниот почеток. Се зависи од волјата и истрајноста на министерката Илинка Митрева. Прашање е дали таа ќе успее да ја спроведе својата замисла за професионализација на македонската дипломатија, или уште еднаш ќе победи политиката. Дали македонската надворешната политика ќе биде легло на непожелни личности или на заслужни граѓани и полтрони? Битката е започната. Во неа некој ќе изгори. Но, кој?! Македонија или политичката олигархија?

ОРДЕНОНОСЦИ

Листата на новите амбасадори се крчка. Таа се подготвува во партиските штабови, претседателскиот кабинет и во кулоарите. Тоа е машинерија, пропаганда која не може да се сопре. Затоа во игра се пуштени пците. Шпекулантите и лицата задолжени за озборување работат под полна пареа. Ако не прават анкети или истражувања, го испитуваат пулсот на јавноста. Багерите за сега само се задолжени да отвораат пат за нивните нарачатели чија валкана игра ќе донесе нечиј политички потоп. Жртви ќе има многу, а победници малку. Но, најмногу ќе страда Република Македонија, бидејќи дипломатскиот колач се дели и се сече без закон, без правила, без регулатива. Во тој вител се дават сите, а се снаоѓаат одредени партиски моќници чии апетити се несогледливи.

Списоците за оние што треба да бидат вратени во Македонија скоро се готови, но кој ќе ги наследи? Дипломати или залутани шофери, заслужни или непожелни политичари? Дилемата е јасна. Но, битен е изборот. На списокот за дома се многумина чии имиња и досега беа во игра, односно се споменуваа и беа во милост или немилост. Последните информации укажуваат дека поради неактивност и слаби резултати во работата од функцијата амбасадор во Стокхолм ќе биде повлечен Мартин Треневски, а поради недозволени економски зделки и лични и партиски интереси најавено е повлекувањето на Милијана Даневска од Холандија. Лица што не ја преживеаја првата реконструкција на Владата на Георгиевски и затоа беа испратени подалеку од очите на војводата и на политиката што се спроведуваше во Република Македонија. На удар се најде и името Горан Рафајловски кој се уште е официјален амбасадор во Берлин - Германија. Тој на оваа позиција дојде благодарение на довербата што ја уживаше кај поранешниот премиер и поради владението во ЕСМ. Но, според сегашната политичка структура во земјава нему му се забележува што си дозволил недипломатска кавга во германското МНР, поради што одреден период немал пристап до првите луѓе во Германија. Меѓу најспоменуваните е и шефот на мисијата на Македонија во Стразбур, Звонко Јанкуловски. За него истите оценувачи тврдат дека бил мошне дипломатски неактивна личност, кој уште се одликувал и со нетактични функционерски црти. Инаку, во оваа борба и задкулисна игра многу порано беше најавено враќањето на на амбасадорите од Москва, Пекинг, Брисел, а одредени лица сакаат во земјава да го вратат сегашниот претставник на Македонија во Њујорк.

Во ова оро своето учество го најави и партијата на Али Ахмети која си го бара делот што & следи, а сега е пополнет со кадри на ДПА. На тој начин за повеќето од десетте испразнети амбасадорски места, некои поради истечените мандати на првите дипломати, сериозно конкурираат партиципиентите во Владата на Црвенковски, но и претседателовите заслужни орденоносци. Затоа најавениот ремонт на дипломатската мрежа во странство ќе биде мошне интересен. Во тој процес ќе има изненадувања, но и одредени партиски и лични профитирања.

(НЕ)ПОДОБНИ

Ако партиските штабови ја привршуваат својата задача со каква цел се меша претседателот Борис Трајковски? Тој по сила на законот мора да учествува во креирањето на надворешната политика, но во изборот на амбасадори тешко дека ќе го има крајниот збор, иако сака да приграби дел од амбасадорскиот колач чија распределба започна деновиве. Според последните официјални информации, тој разговарал со владејачката коалиција за добивање пет дестинации во странство. Претседателот ги пикирал амбасадите во Москва, Киев, Лондон, Виена и мисијата на Македонија во ОН во Женева, а на неговиот список за кандидати за привлечните дипломатски фотелји се нашле тројца високи функционери кои произлегоа од неговата поранешна политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што имињата предложени од Трајковски се држат во тајност, сепак може да се претпоставува дека станува збор за Душко Кадиевски, сега советник во неговиот кабинет, Данило Глигоровски и Доста Димовска, а во игра е и името на професорот Владо Поповски, кој според последните информации ја одбил понудата. Другите кандидати за амбасадори или шефови на мисии веќе од поодамна се познати, а речиси е сигурно дека во дипломатијата заминуваат Зоран Јолевски, исто така советник во кабинетот, Мирјана Лазарова - Трајковска, претседател на Државната изборна комисија.

Во првите меѓусебни консултации меѓу челниците на СДСМ и Претседателот за одредени дестинациите што тој ги посакува, очигледно ќе дојде во судир, бидејќи партиските моќници не попуштаат. Но, сепак за сега единствено е јасно дека за помалку атрактивните амбасади во Букурешт, Тирана , Сараево и Белград нема пројавено интересирање. Затоа се кршат копјата околу атрактивните амбасадорски дестинации.

И во ова прочешлување на имињата за испразнетите и привлечни амбасадорски места има лица кое се мета за отстрел. Тоа го правеше претходната, но и оваа Влада, иако не се проверуваа инфомациите што пристигаа од странство. Таквиот принцип на работа се одрази врз работата на македонската дипломатија која со години испраќа несоодветни личности што набрзина ги минале специјализираните курсеви. Тактиката што се применува за отстранување на непожелните лица во дипломатијата е проста. Но, истовремено е делотворна. Ако претходнатаВлада за недолично дипломатско однесување од Швајцарија го врати поранешниот градоначалник на Тетово, Алајдин Демири, деновиве под удар се најде конзулот во САД, Филип Петровски, член на ВМРО-ДПМНЕ.

Според информациите што беа обелоденети во јавноста, американскиот Стејт департмент, наводно, испратил писмо до македонското Министерство за надворешни работи во кое се бара да се повлече генералниот конзул од Њујорк, Филип Петровски, поради фалсификување документи за визи. Истите извори наведуваат дека Американците го предупредиле МНР дека ако не го повлече Петровски, тие ќе бидат принудени да го протераат. Инаку, според нив, Петровски фалсификувал документи за членови од семејството кои престојувале во САД и по истекувањето на нивните визи. Освен тоа, Американците наводно му забележале на однесувањето на Петровски и тоа го оцениле како недипломатско. Наводно конзулот Петровски учествувал во тепачки во барови, а имал и непристојни фотографии. Ваквите информации Петровски ги демантираше и потенцираше дека правдата за валкањето на негово име и дигнитетот на потесното семејство ќе ја бара на суд. Но, ваквата борба по се изгледа ќе му биде залудна, бидејќи противниците се моќни и тие решиле да го вратат на своето огниште. Во овој случај, како и во многу претходни, најмноу загуби РМ која постојано се занимава со сплеткарошите отколку со дипломатијата. Затоа министерката Илинка Митрева се обидува да го расчисти гумното. Но, очигедно нејзиниот од ќе биде неизвесен и трновит, бидејќи го препречуваат партиските колеги и преостанатите лешинари во македонската политика. Министерката има намера набргу што побезболно да го реши случајот со Петровски од Њујорк, но според одредени извори од МНР таа размислува и за повлекување на амбасадорот на РМ во мисијата во ООН во Њујорк, Срѓан Керим. Неговото повлекување наводно се врзува со злоупотреба на финансиски средства. Владини аналитичари велат дека големите трошоци што Керим ги правел во Њујорк се единствената причина за евентуалното негово враќање. Нему како грев му се припишуваат и злоупотребите на пари за амбасадата во Берлин и становите купени за потребите на амбасадата во времето кога тој беше дипломатски претставник во Германија.

Одредени политички кругови оценуваат дека Митрева можеби и нема да ја оствари намерата да го врати Керим во Скопје, бидејќи во овдешната игра е вклучен познат политичар и бизнисмен, кој се јавува во улога на директен "заштитник" на Керим. Наводно тој лобирал кај премиерот Бранко Црвенковски, а се обидел да го заштити Керим и преку претседателот Борис Трајковски.

Што се однесува до другите амбасадори, најверојатно во моментов во Скопје ќе се вратат Димитар Димитров од Москва и вршителот на работите од Тирана, Владимир Чупевски. МинстеркатаМитрева и премиерот Црвенковски заедно со претседателот Трајковски деновиве започнале да работат околу пополнувањето на 16 амбасади и конзуларни претставништва. Во овој момент веќе се познати кандидатите од СДСМ - Ѓорѓи Спасов за Лондон и Благој Ханџиски за Атина. По се изгледа Женева и Загреб ќе им припаднат на Албанците. На местото на Димитров во Москва Владата ќе испрати партиски човек, но поради нагласената економска димензија ќе се испрати економист, професор или успешен стопанственик. Другите амбасади ќе се пополнуваат со професионални кадри од МНР, а во моментов во комбинација се Виктор Димовски, Виктор Габер и Тихомир Илиевски, кои конкурираат за некои од соседните земји.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"