е е ова флоскула на Стојан Андов...
Внук ми, некни од добростоење ми вели, дедо ај да играме лути се нечовече.
Како му падна на детево на ум, си велам, ваква мисла, не знам, ама знам дека
во овој момент и не сакајќи, децата ја отсликуваат вистинската состојба за
нас постарите.
Читам преписка на Генералниот конзул на Македонија во САД, Филип
Петровски, со уредништвото на "Дневник", и си мислам што е тоа што го тера
конзулот да произведува енормна количина гнев кон еден весник кој си ја "брка"
својата работа како и сите весници во светот? Или детево не ја разбира се
потрагичната состојба на македонската дипломатија, или пак сака да ни
наметне негово разбирање!
Каква и да е намерата, исходот е - катастрофален... Македонија нема
дипломатија. Тешка, но вистинита дефиниција, па кој сака нека се лути. Ако
мислите дека македонската дипломатија треба да ја споредиме со американската,
англиската, или руската, се лажете. Тоа се неспоредливи споредби. Дали
знаете нешто за луксембуршката дипломатија, или за малезиската? Десетпати
побогати и помоќни земји поинаку поентираат на дипломатските натпревари,
отколку Македонија.
Депласирано е да се осврнувам на сите познати и непознати гафови на
македонските дипломати во светот, иако токму тие со сета своја гротескност
ја отсликуваат состојбата за нас. Не треба никој да ни праќа "шпиуни" дома,
доволно е ние да испратиме наши, па да дознаат се што им треба да знаат. За
овие десет, дванаесет години самостојна македонска дипломатија, еден пример
не запознав на дипломатско однесување на нашите - дипломати. Можеби има
некои ретки исклучоци, но тие очигледно не се афирмираат.
По сите критериуми на класичната дипломатска школа, дипломатот е "второто
јас" на претседателот, истурен премиер, активен министер и тивок мисионер.
Кај нас се е некако обратно: или бучен револуционер, набиен со агресивна
правда, или неталентиран "стројник" за стопанство од чии пари се финансира
да брка дипломатија, или лош извидник кого сме го пратиле некаде во некоја
земја да освои висина на држење и недопирлива дистанца на комуницирање.
Читав некаде и тоа не многу одамна: Амбасадорот на Белград во Тирана,
акредитивните писма на албанскиот претседател му ги предал на албански јазик.
Цела Албанија воодушевена. Можете да замислите, Србин да зборува - албански!?
Зошто да не, ама таму кај што му е местото.
Исто така се сеќавам на една полемика во Данска кога Владата расправала
за "резултатите на амбасадорите во светот". Секој амбасадор добивал бодови
по тоа каква работа свршил за данското стопанство. И во Исланд, тројца
амбасадори биле оценети со недоволен успех што половината од својот мандат
преспале во амбасадорските уреди и на амбасадорските банкети и балови.
Логистичка дипломатска поддршка, што беше тоа? Ќе се загушиме овде меѓу
себе на малиот македонски простор и не ни текнува на неопходното собирање на
силите на македонскиот деловен свет за излез и натпревар - надвор! Ние сме
чудна сорта народ. Никако да запреме по тие силни трки за амбасадорските
места. Сета сила што ја имаме изгледа ја трошиме на разноразни комбинации
кој од мојата партија да го испратиме на "летување" во некое комфорно
амбасадорско туристичко место. Што е најтрагично, сите ние Македонците
можеме да се "изредиме" за амбасадори, но никој да не побара отчет што сме
сториле додека сме - амбасадорувале... Да не зборувам за Албанците, оти тие
си знаат!
Му се чудам на конзулот Филип Петровски, младо момче кое треба да даде
прилог на младата македонска дипломатија, а тоа се - лути... Неспорно тешка
е дипломатската работа, ама затоа пак не испраќајте така лесно амбасадори
кои не се ни за работа, ни за гордост!