: Господине Филиповски,
покрај општопознатата констатација дека Македонија е во зоната на
сиромаштијата и дека е очигледен економскиот хаос, сепак каква состојба
затекнавте и каков беше Вашиот првичен впечаток за состојбите во
Министертвото по Вашето назначување за министер?
ФИЛИПОВСКИ: Иако сите информации говореа дека состојбите во
Министерството се лоши, сепак пред да стапам на функцијата верував дека не
може се да биде толку црно. Но, уште од првиот момент од моето доаѓање во
Министерството се уверив дека тоа воопшто не била институција за помош на
економијата, туку напротив. Министерството за времето на мојот претходник
служело за остварување на лични и партиски интереси, а не се работело скоро
ништо во насока на заживување на економските активности во земјава.
МС: За Вашиот претходник, господинот Бесник Фетаи, е поднесена кривична
пријава. Дали и некој друг функционер или соработник од Министертвото за
економија ќе биде кривично гонет?
ФИЛИПОВСКИ: Дали и против кого ќе биде покрената кривична пријава не
одлучувам јас, туку истражните органи и обвинителството кои, колку што сум
информиран, имаат полни раце работа. Доколку јас би истражувал кој, како и
колку ја злоупотребил својата положба во Министерството за свое лично
богатење, тогаш би требало во целиот мандат да не се занимавам со ништо
друго, а најмалку со она за што дојдов во Министерството за економија: да му
го олеснам "животот" на бизнисот, а преку тоа да се подобри стандардот на
сите во земјава. Инаку, во Министерството се уште е во тек обемна ревизија
на финансиското работење за 2001 и 2002 година, по што точно ќе се знае кој
ги прекршил правилата и законите, за што содветно ќе одговара.
МС: Во Ваше наследство е и решавањето на 24-те фирми загубари за
кои треба да се изнајде соодветно, компромисно решение?
ФИЛИПОВСКИ: Добро констатиравте во вашето прашање. Претходната влада
ни остави тешко наследство околу решавањето на големите загубари кое е дел
од ФЕСАЛ 2 аранжманот со Светската банка. Првично со Светската банка било
договорено сите 40 големи загубари да бидат решени до почетокот на минатата
година. Подоцна било констатирано дека минатата влада не успеала да го
заврши овој процес, па тој е одложен до крајот на 2003 година. Ова
Министерство е решено да го затвори ова прашање. За тоа обезбедивме и
целосна поддршка од Владата. Целта е трошокот што сега го прават големите
загубари во Буџетот со своето неекономично работење, а кој одзема над 3,5
проценти од Бруто-домашниот производ, да го пренасочиме во развој. Овој
процес ќе биде успешен доколку на крајот констатираме дека таканареченото
големо стопанство е повторно на свои нозе, реструктуирано и подготвено да
работи со добивка. Но, за да дојдеме до тоа не очекува исклучиво тешка
задача. Минатата влада на почетокот одлучила овие претпријатија да ги решава
по пат на приватизација. Но, подоцна се предомислила, па почнала со отворање
стечајни постапки кои во најголем број случаи завршувале со ликвидација на
претпријатијата. Во случај на ликвидација, според правилата на Светската
банка која одблиску го надгледува процесот, имотот на претпријатието, парче
по парче, без вработени и какви било други условувања мора да се продаде на
оној што е подготвен да плати најмногу. На ваков начин, минатата влада
сакала набрзина да се "ослободи" од голем дел од загубарите. При тоа
направени се и многу грешки, а целиот процес бил изведен крајно
некоординирано, нестручно и нетранспарентно. Оваа Влада, по предлог на
Министерството за економија, усвои нов акционен план по кој ќе се решаваат
преостанатите 24 загубари. Јас би сакал повеќето од нив да ги решаваме во
правец на нивно реструктуирање што би значело да се ослободат од обврските и
вишокот вработени, по што мислам дека не би било проблем по пат на јавен
тендер, кој ќе го подготви и спроведе реномирана странска консултантска куќа,
на транспарентен начин, да ги продадеме на странски стратешки инвеститор кој
ќе го рестартира производството.
ФАНТОМСКИ ФИРМИ
МС: Дали стечајот е единственото разумно решение за рудниците
загубари - Злетово, Саса и Тораница?
ФИЛИПОВСКИ: Стечајот е единственото можно решение за рудниците
за олово и цинк, кои заедно со Топилницата во Велес претставуваат единствена
технолошко-економска целина. Доколку продолжат како досега, рудниците ќе
прават огромни долгови. На пример, само САСА, месечно во просек прави
долгови од над 200 илјади долари, пари кои Буџетот не може, и на крајот на
краиштата, не би требало да ги покрива. Единствено преку стечајна постапка
во рудниците и Топилницата, тие треба да се исчистат од своите долгови кои
изнесуваат над 50 милиони евра. Во рудниците постои и превработеност особено
во делот на нивната администрација. Долговите и вишокот работници, како и
фактот дека велешката Топилница на сомнителен начин и со манипулации беше
одделена од целината, а без неа рудниците не можат профитабилно да работат,
се пречка за кој било инвеститор, во сегашна ситуација, да гу купи рудниците.
Затоа веќе го ангажиравме Рударскиот факултет во Штип да направи нова
проценка на рудните богатства во Злетово. Со новите податоци за рудното
богатство кои ќе ги верификуваме кај некоја реномирана странска ревизорска
куќа и со исчистени долгови, веруваме дека рудниците за олово и цинк и
Топилницата, едновремено, по пат на меѓународен јавен тендер, ќе ги
продадеме на странски инвеститор или инвеститори.
МС: Постоењето на "фантомски фирми" за перење пари станува се
почеста појава, особено никнуваа како печурки за времето на владеењето на
Георгиевски. Што ќе преземете за нивно разоткривање?
ФИЛИПОВСКИ: Појавата на перење пари е во надлежност на Министерството
за финансии, поточно на нивната Дирекција за спречување на перење пари. Она
што може да го направи Министерството за економија е да ја засили
контролатата на работењето на фирмите, во однос на тоа дали тие се
придржуваат до законските прописи за кои тие добиле дозвола за работа. Во
овој дел Министерството веќе работи на тоа законски да ги зајакне
надлежностите на пазарната инспекција и да ги зголеми казните за субјектите
кои во работењето не се придржуваат до законските норми. Од друга страна
контролата на начинот на кој се извршени одредени приватизации, како што е
случајот со НИП "Нова Македонија", покажа дека во некои случаи продажбата на
државниот капитал била класично перење пари. Но, тие случаи не можат да се
сфатат како генерално правило, бидејќи со тоа се испраќа погрешна и крајно
дестимулирачка порака до инвеститорите. Затоа јас во една прилика и јавно го
соопштив ставот на Владата дека ќе се ревидираат само оние приватизации каде
има индиции дека е направен криминал. Од друга страна во минатото се
донесени законски решенија според кои не може да се врши ревизија на
приватизацијата по 99-та година. Затоа ние веќе во Министерството
подготвивме дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со
општествен капитал со кој го уредуваме прашањето на ревизијата на
приватизационите дејствија. Целта на овие законски дополнувања е со нив да
се испрати јасна порака дека криминалот во продажбата на државниот капитал
нема да се толерира. Ова ќе ја поврати загубената правна сигурност кај
инвеститорите.
МС: На јавноста & е позната приказната за несреќната купопродажба на
нашата најголема новинско-издавачка куќа "Нова Македонија". Словенечките
таканаречени газди не го прифаќаат раскинувањето на договорот. Каков ќе биде
крајниот епилог на НИП-от?
ФИЛИПОВСКИ: Околу конечното раскинување на купопродажниот договор
последниот збор го има судот. Министерството за економија, како една од
страните во тој договор, увиде дека одредбите од тој договор не се
почитувани, па затоа одлучи да го раскине и за тоа го извести инвеститорот.
За да не се наруши процесот на работа во претпријатието и да не се доведе во
прашање печатењето на весниците, побаравме од судот да донесе времена мерка
со која ќе констатира дека ситуацијата околу сопственоста во НИП-от треба да
се врати на онаа пред потпишување на купопродажниот договор, се до конечно
изјаснување околу барањето за негово раскинување. Судското рочиште е
закажано за 27 јануари и ние се надеваме дека тоа ќе биде во наша корист,
бидејќи сите аргументи водат во тој правец. Истовремено, јасно ставивме до
знаење дека НИП-от повторно ќе го огласиме на продажба по пат на јавен
меѓународен тендер.
ЛИЧНО БОГАТЕЊЕ
МС: Колкава е колатералната штета предизвикана од војната што & се
случи на Македонија во 2001 година? Постои ли релевантна проценка и колку
време би било потребно да се залечат раните во Буџетот како последица на
воената криза ?
ФИЛИПОВСКИ: Релевантна проценка на директните штети врз стопанството
од воените активности во 2001, во Министерството за економија не е
направена. Правени се одредени проценки за големината на штетите
предизвикани од зголемување на ризикот за реализација на извозните
аранжмани, штети по основ на нереализирани или откажани извозни зделки,
нереализирани инвестиции и слично, по што дојдено е до бројка од над 500
милиони долари. Она што сакам да го потенцирам е дека воените активности и
сите шпекулативни активности на поединци од тогашните владејачки партии кои
ја искористија војната за лично богатење, ги запреа сите реформи со што го
одложија процесот на стабилизација на економијата, а со тоа на сите им е
нанесена најголемата и долгорочна штета. Најдобар пример за тоа е
нерешавањето на загубарите, за што веќе говорев. Тие заедно со трошоците
направени поради криминално извршените приватизации наместо да го растоварат
Буџетот, уште повеќе го обремениле. Поради тоа наместо да се заштеди морало
да се воведуваат нови давачки со кои се покривале зголемените потреби во
Буџетот кои дополнително претставувале товар за стопанството. Затоа ние
рековме дека со приватизацијата и со загубарите мора еднаш засекогаш да
расчистиме и целата енергија да ја насочиме кон развојот.
МС: Дали е можен економски просперитет во Република Македнија,
успешно работење на фирмите загубари, отворање нови фабрики, намалување на
невработеноста, намалување на бројот на социјални случаи? Што ќе сторите на
тој план Вие како министер?
ФИЛИПОВСКИ: Ако мислев дека не е можен економски просперитет во
Македонија, немаше да се нафатам да бидам министер за економија. Инаку, има
голем простор за работа во насока на заживување на економските активности.
Еве, на пример, на првата седница на Владата оваа година беше прифатена
програмата чиј иницијатор и изготвувач е Министерството за економија, а со
која сакаме да го поддржиме претприемништвото и да поттикнеме создавање
конкурентност на малите и средни бизниси. Оваа програма ќе биде успешна
доколку како резултат добиеме многу поедноставен, брз и поевтин процес на
основање и работа на малите и средни бизниси. Ако на претприемачите им
помогнеме лесно да ги остварат своите иницијативи, тогаш тоа значи отворање
нови работни места, зголемување на економскиот раст, а преку него и на
животниот стандард на населението. Со проекти пак за зголемување на
конкурентноста на малиот и средниот бизнис создаваме можност нивното
производство да може полесно да се пласира на странските пазари што е
императив за развојот. Не очекува многу работа на оваа Програма која е
конструирана така за да ги даде своите најдобри резултати на среден и долг
рок, но само доколку во неа се вклучат сите релевантни фактори, од
министерства, преку здруженијата на претприемачите, донаторите,
меѓународните финансиски институции, па се до банките и доколку се остварат
одредени предуслови, како што се владеење на правото и облигациите, како и
ефикасност на судството. Веќе во текот на овој месец пред Владата ќе
излеземе со пакет закони со кои ќе се постават новите институции кои ќе
работат на остварување на целите на оваа Програма. До крајот на годината би
требало да заживее и првиот гарантен фонд чија задача ќе биде да учествува
во обезбедувањето на кредитите од банките наменети за малиот и среден бизнис
што сигурно ќе влијае на намалување на сегашните високи камати со кои
банкарските кредити, за најголем број претприемачи, сега се прескапи, а со
тоа и недостапни.