|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ПТИЦИТЕ УМИРААТ ПЕЕЈЌИ
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Решетките во Шутка нека бидат поука за секој иден министер, премиер,
директор или службеник, дека имунитетот што некој го поседува не е
непробоен, дека казната еден ден мора да следи.
- Секоја погрешна проценка, па и најситна, би можела да биде кобна за
опстојот на оваа земја. Клучот е во нас и во никој друг. Преостанува само
изборот на вистинските кадри кои најдобро би ги реализирале поставените
задачи.
К ога многубројните аналитичари би
ги проучиле посуштествено и потемелно секојдневните политички процеси и
случувања во земјава посебно во последниот бран апсења на видни политички
функционери, неизбежно би дошле до констатација дека сме најкриминалниот
државен субјект во светски рамки. Вакви јавни политички егзекуции на
политичката карта не само што одамна се немаат случено кај нас, туку се
реткост и во поширокиот регион. Да ни позавидат Венецуела, Перу, Никарагва и
многу други земји кои досега го имаа приматот на најекспонирани во таа
област.
Но, сепак Македонија неодложно ја очекуваше еден таков масовен процес за
елиминирање или пак за ублажување на последиците од досегашниот апашлук на
секое ниво во општеството. Иако Проектот за антикорупција е задоцнет
најмалку пет години, со што арамилакот е доведен до највисок развоен стадиум,
сепак за спречување на злото никогаш не е доцна. Немилосрдниот двобој меѓу
двете најмоќни политички групации во државава конечно резултираше со "жртви"
и "крвопролевање" кај една од зајадените страни. Досега и од едната и од
другата страна многупати се најавуваше дисквалификација на личности од врвот
на партиската хиерархија пред се од спротивниот табор кои учествувале во
деградирачки процеси за државното ткиво. Стравот и меѓусебната недоверба
која владееше меѓу десницата и левицата сите овие години ги наду балоните до
максимум и пред експлозија се случи овој чекор кој го потегнаа полицијата и
судските органи.
МАКЕДОНСКИ ВЕСТЕРН
Георгиевски и неговиот тим кој во минатите четири години стоеше на тронот
на државните органи не сакаше или не можеше да ги направи овие чекори што
сега ги прави Црвенковски и неговиот тим. А за тоа ги имаше сите предуслови:
пропаднати штедилници, октоподи, функционери во тренерки. Зошто не ја истера
вистината на виделина? Се кае ли денес десничарскиот вожд за сите пропусти
на неговите кадри? Денес неговите пулени и први соработници го допираат
дното на човековото достоинство, се чистат гранките на разгранетото дрво и
на крајот неверојатно како што тргнале работите ќе остане само стеблото.
Некои велат дека овие потези што во првите месеци од своето второ владение
ги преземаат административните кадри на левицата би биле многу ризични за
стабилноста на земјата. Имено, опозицијата барем два пати неделно се
заканува со повратни удари кон власта, со комити по планините и слично што
предизвикува нова поделба кај македонскиот народ и апели за некакво
помирување. Од сето ова ќе се увиди дека политичката арена се претвори во
беспоштедна сала за борби меѓу двострано корумпирани типови. Една, две или
пет години робија за Михајловски, Фетаи, Тасев или Бајрам не може да ги
оправда десетте години исполнети со глад, сиромаштија, војни и страдања за
македонските граѓани. Решетките нека бидат првиот конкретен чекор за
вистинските, а не за наводните виновници. Решетките во Шутка нека бидат
поука за секој иден министер, премиер, директор или службеник дека
имунитетот што некој го поседува не е непробоен, дека казната еден ден мора
да следи.
Сепак, во целата оваа драматургија работите не се ниту малку розови. Да
поставиме едно хипотетично прашање. Што доколку по четири години на следните
редовни парламентарни избори власта на Црвенковски го загуби мнозинството во
законодавниот дом и на негово место, според досегашниот логичен тек на
нештата, повторно застане десната струја на Герогиевски? Можеме ли од оваа
временска дистанца да претпоставиме што би можело да се случи на полето на
правната држава и антикорупцијата? Како тогаш тимот на Георгиевски би се
однесувал кон неговите неистомисленци и потенцијални учесници во корупциски
дејства? Тогаш десницата би била многу разгневена и ударот кон "комунистичката
групација", како што ја нарекуваат, би бил двојно посилен. Работите би се
одвивале под закрила на сценариото "досега ние бевме таму, отсега вие ќе
лежите". Двобојот само би продолжил, но врз плеќите на изнемоштените граѓани
кои повеќе немаат глас ниту да заплачат. И тоа би одело така се додека на
борилиштето не останат двајцата револвераши, каубојците од дивиот запад.
Крајот на холивудските приказни секогаш бил таков. Прво гинат статистите, па
оние со споредни улоги, па десната рака на главниот лик и во последните
петнаесетина минути за разврска на замрсениот јазол ќе се погрижат носечките
херои на вестернот. Во нашиот случај тоа се нашите млади премиери - еден
актуелен, другиот поранешен. Во моментов филмот го гледаме во делот на
кулминацијата, во делот кога се жртвуваат првите соработници на главните
јунаци. Скоро ќе го догледуваме можеби петнаесетгодишниот бестселер на овие
простори.
Сценаристите и режисерите очигледно професионално се подготвувале за
реализирање на ваквите епохални дела. Дела од кои никој не би останал
рамнодушен. Сепак, до крајот на најинтересното, до крајот на пропаста на
двата вожда ќе имаме уште по некоја епизода за проодување. Што би содржеле
тие, какво влијание би имале врз народните маси, ќе зависи од актуелните
носители на институциите на општествениот систем, но и од самите народни
маси.
ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЈА
Полека, но сигурно, истекуваат предвидените сто дена простор за секоја
влада да отпочне со реализирање на предвидените законски и други проекти за
излез од кризата во која западна нашето општество. Резултати од чекорите
барем засега нема. И се застана на опашката на корумпциската ламја, полека
се враќа кревката стабилност во кризните подрачја, го повративме угледот на
меѓународен план. Отскочната штица ја искористивме за ублажување на
проблемите создадени по разноразна основа. Но, сепак предизвиците и натаму
се огромни. И натаму се коваат планови и проекти за разјадување на темелите
на македонската држава како на внатрешен, така и на надворешен план. Во
нашиот случај силата и моќта е иреална и не можеме да се потпреме на нив. Ни
преостанува мудроста, задржување на принципите на демократијата и
професионалното дипломатско однесување во меѓународните институции и
организации. За тоа ги имаме изградено предусловите. Преостанува само
изборот на вистинските кадри кои најдобро би ги реализирале поставените
задачи. Секоја погрешна проценка, па и најситна, би можела да биде кобна за
опстојот на оваа земја. Клучот е во нас и во никој друг. Другиот може да
подметнува, да експериментира, да испробува. Нашата умешност е таа која може
да ги одврати злонамерниците и одвнатре и однадвор да продолжат по патеките
на разградба и деструкција. Подметнувачите можат многу брзо да ги натераат
растурените политички сили во земјава да пристапат кон привидна и делумна
консолидација на раслоените ставови, но во нашиов случај тоа би било многу
тешко. Пред се затоа што деградирачките сили беа активни цела деценија и се
уште не мируваат, а ривалите во македонската политика не најдоа време и
простор барем еднаш да разменат мислења околу последиците од нивното
опонентно однесување во јавноста. По малку смешно деновиве ги примивме
тоновите на некакво меѓусебно помирување или единство за зачувување на
државните интереси. Блокот на поранешната власт и оној на сегашната за
првпат можеби несвесно апелираа па прифатија приближување на крајно
различните позиции пред се во внатрешната политика. Очигледно е дека станува
збор за додворување на некогаш недопирливите и семоќни фаци од политичката
сфера кон актуелните владејачки структури барајќи со тоа излез од
корумпирачкиот вртлог кој ги носи во беспаќето. Некој ќе рече дека
владејачката левица се обидува на ваков начин да ја растури и разнебити
најголемата опозициона партија. Можеби. Ној многу е веројатно дека со
примена на антиекономските методи довчерашната власт самата се разнебити и
докрајчи. Старите залудно не рекле: "Човек сам што може да си направи, никој
друг не може да му направи". Стравот им е влезен во коските пред се на оние
кои сметаа дека сто години нема да се симнат од тронот. Повеќе од јасно е
дека нема простор за самобендисаните, манипулантите и неизживеаните личности
со заостанат интелект. А досега, за жал, низ политичката река поминаа многу
такви. Филтрите за прочистување на умовите и скротување на немирните раце
конечно проработија. Можеби ќе ги наполниме затворите повеќе со политичари
отколку со криминалци. Но, да не заборавиме дека токму тие биле вистинските
криминалци. Да не заборавиме и дека за сета денешница предупредуваме пред
години наназад. Никој не сакаше да послуша, никој не сакаше да верува дека
тоа време еден ден ќе дојде. Сега наместо кавијари и свилени чаршафи ќе
гледате троскот и трње, четири ѕида исполнети со влага и пајажини. Животот
во се ќе не одведе. Тој од се по нешто ќе ни поттури. Но, сепак, ќе има
надеж и за штотуки притворените. Познато е колку се великодушни затворските
управници. За секое постигнато дело на затвореникот му дозволуваат награда
во смисла на намалување на казната. Познато и исто така колку потенцијалните
виновници се надарени да продуцираа и творат "уметнички" дела. Повторно ќе
зависи од самите нив. Кој вели дека и за таквите не постои надеж? Нека бидат
мажи докрај и нека го сочуваат достоинството. Па, нели и птиците умираат
пеејќи.
|