|
Инцидент при протестот на "Лавовите"
Единицата за брзи интервенции "Лавови" на 22 јануари го блокира преминот
Блаце во близина на кампот Стенковец. Тие, како што ни изјави претседателот
на Синдикатот на "Лавовите", Драган Кимовски, бараат средба со Премиерот и
Претседателот на државата и решавање на статусот на оваа Единица. Протестите
ќе траат се до исполнувањето на нивните барања.
И покрај најавите за мирни протести, се случи инцидент откако околу 500
полицајци од редовниот состав и од составот на Единицата за специјални
намени "Тигри" се обидоа да ја отстранат блокадата. Околу 1.000 припадници
на "Лавовите, кои дотогаш не беа вооружени, се распоредија од двете страни
на патот со митралези, минофрлачи и рачни ракетни фрлачи. Сепак, напнатата
ситуација се смири откако дојде до средба меѓу претставници на "Лавовите" и
генералот на униформираната полиција, Добре Јовановски.
Претседателот ги измеша мисиите
Претседателот Трајковски, како што пишува "Вест", наместо од НАТО побарал
од Европската унија да & помогне на Македонија во реформата на Армијата и во
заштитата на границите. Ова тој му го напишал на високиот претставник за
заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Хавиер Солана, во
писмото што на 17 јануари го испратил за да ги покани евросилите да го
заменат НАТО во мисијата во Македонија. Зошто и како претседателот
Трајковски ги измешал адресите и мисиите е неизвесно, но неофицијално се
говори дека станува збор за ненамерна грешка и неговата сугестија се
однесувала на реформите на полицијата каде што ЕУ и досега помага, а не на
војската.
Трајковски учи албански јазик
Македонскиот претседател Борис Трајковски, велат за " Факти" извори
блиски на Кабинетот на Претседателот, во последно време го зголемил своето
интересирање за албанскиот јазик. Според нив, неговото интересирање за
изучување на албанскиот јазик е со цел да ги придобие гласовите на Албанците
на наредните претседателски избори. И покрај обидите, весникот не успеал тие
информации да ги потврди со изјава од претседателскиот портпарол.
Џафери и Алити незадоволни
Претседателот на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери, како
што пренесува "Факти", на минатонеделната средба со еврокомесарот Хавиер
Солана, изјавил дека албанскиот јазик нема адекватен третман во државните
институции според она што произлегува од охридскиот Договор, а неговата
употреба е недефинирана. Забелешки за бавно спроведување на Рамковниот
договор имал и претседателот на ПДП, Абдурахман Алити. Тие се однесувале на
процесот на децентрализација.
Низок рејтинг на ДПМНЕ
Според сондажите на јавното мислење, што во текот на овој месец ги
направи Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, Владата
на РМ ја има поддршката од населението во борбата против организираниот
криминал. Во врска со прашањето "ако утре има избори за која политичка
партија ќе гласате", најмногу поддршка (32,5) проценти добила СДСМ, 12,6
проценти ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ - 5,2 проценти.
Буџаку - потпретседател на Парламентот
Пратениците Лилјана Поповска од Либерално-демократската партија и Агрон
Буџаку од Демократската унија за интеграција се кандидирани за собраниски
потпретседатели. Хисни Шаќири ќе биде координатор на пратеничката група на
ДУИ.
Албанците бараат Академија
МАНУ не е еднонационална институција, зашто во нејзиниот состав покрај
Македонците - членови, во текот на овие години биле избирани и познати и
признати научници и уметници Власи, Срби, Турци, Албанци, Евреи, Германци,
Полјаци и други, а меѓу членовите од надворешниот состав постои уште
поголемо етничко шаренило, а има и истакнат виден член на Академијата од
надворешниот состав - Албанец, вели
академик Блаже Ристоски во врска со неодамнешното соопштение на Форумот на
Унијата на албанските интелектуалци во Македонија дека оваа институција е
еднонационална.
Форумот бара реформирање на МАНУ и промена на името во "Академија на
науките и уметностите на Македонија", а доколку не се задоволат нивните
барања, најавува и основање на "една соодветна институција за наука и
уметност на Албанците во Македонија".
Десетина војници на АРМ во Кабул
Владата на РМ на последната седница донесе одлука за испраќање на десет
македонски војници во антитерористичката коалиција во Авганистан. Македонија,
тврдењата на "Утрински весник", како свој конкретен придонес во изградбата
на безбедносниот систем на поствоен Авганистан во наредните два-три месеци
на авганистанската Армија ќе & донира десетина тенка Т-55.
|