КОМЕНТАР

Сито и Решето

ГЕМИЏИИТЕ - ТЕРОРИСТИ??? ТЕРОРИСТИТЕ - ХУМАНИТАРЦИ???

Од Редакцијата

Вирусот (читај клетвата) што е влезен(а) во генетичкиот код на македонската нација, постојано не става во дилема, не одржува во кондиција, без потреба и без желба да си ја преиспитуваме историјата, настаните и личностите што херојски загинале за идејата за слободна и обединета Македонија. Нивниот пат впрочем бил од по трње и самодокажување. Пат што е искроен од крв, солзи и пот. Затоа нивното дело и нивната жртва треба многу да се цени и да се почитува, а не да се заборава. Треба да се збогатува и надградува нивната историска заслуга за денешна слободна Македонија. Но, во оваа држава се уште има поединци и непријателски расположени елементи што сакаат да ја сменат македонската крвава, темна историја. Сакаат да ги избришат нивните имиња и дела. Да ја уништат Република Македонија!

Чуму ваква работа?! Непријателите, странски или домашни, отсекогаш се обидувале да ја присвојат и да ја зграпчат нашата земја и нашата долговековна традиција. Но, во тој поход им пречи историјата која е непобитен факт дека постоиме со илјадници години, дека зборуваме македонски јазик и дека секогаш сме имале големи борци за слобода што умееле да се жртвуваат за македонскиот народ и за македонската држава. Затоа денес поединци, квазиполитичари и квазиисторичари, се обидуваат да ја препрочитуваат македонската историја. Но, таа не може да се избрише од свеста на Македонците. Исто онака како што не може да се збрише предилинденската и илинденската епопеја.

РАЗОТКРИЕНА ПОРАКА

Со потпишувањето на Рамковниот договор, македонските политичари ја доотворија Пандорината кутија. Дозволија да се измешаат лончињата. Да се мешаат баби со жаби. Да се заматуваат лошите со добрите води. Многумина дури не беа свесни што ни се случи, или не сакаат јавно да ја окарактеризираат воената криза од 2001 година во Македонија.

Одделни македонски политичари, плашејќи се од последиците по нивната кариера, многу бргу го сменија речникот, па од терористи ги нарекоа бандити и екстремисти? Дали впрочем знаеја дека секое менување на јавно искажаниот политички став се мери на кантар и може да се врати како бумеранг?! Но, ете и тоа се случи. Бумерангот не удри по глава.

Ова е опасен преседан - албанските терористи да се дефинираат како борци за човекови права, небаре се хуманитарци, а гемиџиите да се прогласуваат за терористи! Наместо да се поучиме од гемиџиското херојство и патриотизам, ние ги негираме. Зарем може да се изедначи улогата на македонските патриоти кои пред 100 години кренаа глава против отоманските поробувачи со албанскиот тероризам?! Не! Тогаш кому му пречи да се одбележи нивната акција која беше предвесник на илинденската епопеја во Македонија? Сигурно на оние што не расчистија со поимите или на екстремистите што сакаат да ја поробат Република Македонија и да го остварат големоалбанскиот сон што го сонуваат. Затоа мора да се застане на патот на ваквите тенденции и остро да се одговори на албанските напади за непочитување на македонскиот народ, македонскиот јазик, култура, држава и историја.

Независно од тоа дали поединци ќе ја признаваат или не македонската историја, сепак гемиџиите биле патриоти и се бореле за една идеја чија цел била ослободување на македонскиот народ од турското ропство. Ако некого ова го навредува, тоа е негово лично чувство, но ако некој не ја почитува историјата на македонскиот народ, тогаш тоа е веќе опасно прашање. Затоа треба со сите сили и средства многу посериозно да се занимаваме со ваквите негатори и агитатори. Не може волкот (албанскиот терорист) преку ноќ да го смени карактерот и да стане хуманист! Ова правило е старо колку што е стар и светот. Ѕверот го менува влакното, но не и карактерот. Нивната шифрирана порака е разоткриена.

НАЦИОНАЛНА ЃУРУЛТИЈА

Не треба постојано да се замижува, а некој да ни ја менува историјата. Треба отворено со аргументи да се пресметаме со шпекулантите и калкулантите. Па ако треба и да се покажат заби. Од тоа ќе имаме некакво фајде, бидејќи непријателите не смеат да го извитоперуваат нашето славно минато. Не смееме да им оставиме ниту најмал простор за маневрирање, бидејќи тие преку ноќ се менуваат и се зближуваат со истомислениците од Север, од Југ, од Исток и од Запад. Таквиот Сојуз ни е познат од историјата. Во 1913 година не распарчија. Зарем треба да им дозволиме да не дотолчат? Не. Треба со сите сили да се спротивставиме. Со разум и ум можат да се пробијат дури и најтешко совладливите бедеми.

Нам не ни требаат лажливите душегрижници кои се со полна уста зборови, но и со празни чувства за патриотизам. Македонското национално чувство треба да се чува, да се негува и да се надградува, бидејќи нападите ќе продолжат. Ако сега се наоѓаме во некое затишје, набргу не очекува бура од негативни настани. Тоа е политика што однапред е планирана, но и поддржувана од сојузниците. Тие нема да мируваат, туку ќе ја променат тактиката, а во прилог им одат придобивките од охридскиот срамен Документ кој отвори голем простор за манипулација и играње.

Едноставно, имаме уставна и национална ѓурултија. Секој може да се дигне против државата Република Македонија, а притоа да не одговара, бидејќи наводно се борел за човекови права и слободи. Зарем треба насилниците и крвниците да ни ја кројат судбината? Зарем треба да ја премолчуваме вистината? И најпосле, зарем за ваквата ситуација нема виновни?!

Очигледно, постојат дузина неодговорени или намерно премолчени прашања. Зошто некој не одговори на прашањето што стана со киднапираните Македонци од Тетовско? Зошто се уште се тапка во место со истрагата во Хаг за малтретираните работници од ГП "Маврово"? Зошто, во името на привидниот мир, се понижува македонската национална историја? Или, на крајот на краиштата, зошто македонските гемиџии загинаа?! Можеби денес "големите" македонски политичари и историчари не сакаат или не умеат да бидат гемиџии - патриоти, а уште помалку да ни ја чуваат славната историја. Се виде нивното во 2001 година.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"