ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Чествување на светите православни празници

ДЕНОВИ ИСПОЛНЕТИ СО СВЕТА ЉУБОВ И БОЖЈА СИЛА

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Бадник како носител на божиќното славје започна на 6 јануари со новото лето календарско, по сите цркви само различно со палењето на Бадникот, богослужби, музика, закуска и пиење топол чај и ракија.
  • Во Соборниот храм "Св. Климент Охридски" се одржа божествена литургија. Неговото Блаженство, г.г. Стефан, ја одржа свечената Василева литургија и Благодарствениот молебен за новото лето.

Поминаа светлите божји празници. Помина еден чекор, едно бурно време. Сите бевме свртени кон еден незаборавен витлеемски настан, кон една пештера во која се роди Спасителот - Младенецот, кој го спаси човечкиот род. За сите нас кои ја сакаме вистината и љубовта божиќните празници претставуваат незаменливо време, а љубовта феномен за духовната размисла. Љубовта е аргумент без кој животот е обична и празна измислица.

Се славеше насекаде во ова навистина божествено и светло време. Во сите храмови во земјата. Така беше во градовите, населбите и селата. Секаде каде што живее човекот. Посвечено беше во дијаспората само со еден исклучок, во тие земји на Запад Македонците повеќе беа свртени по новиот календар и славеа со сите преостанати христјански цркви.

НЕЗАБОРАВНИ МИГОВИ

Тука во нашата земја беше многу весело и богато. Главниот пречек (по новиот календар) Нова година се одржа мошне бучно. На плоштадот во Скопје со новата програма, со вообичаено пукање на петарди, и доцно славење во ноќта. Овој новогодишен бум феноменално заврши со фантастичниот огномет.

Еден од позначајните бадникови обичаи - кршење на погачата

Бадник како носител на божиќното славје започна на 6 јануари со новото лето календарско, по сите цркви само различно со палењето на Бадникот, богослужби, музика, закуска и пиење топол чај и ракија. Централната бадникова прослава се одржа претпладне во Соборниот храм "Св. Климент Охридски" во присуство на Поглаварот на МПЦ, Неговото Блаженство г.г Стефан, со бројното свешетенство и многу верници и со размена на кумови. Посебено беше свечено во Соборниот храм. Се одржа голема музичка програма со естрадни уметници, а сето тоа почна во 9 часот наутро. Досегашниот кум Влатко Стефановски со одлична беседа пехарот во присуство на Поглаварот на МПЦ му го предаде на новиот кум за новата 2003 година. Тоа е господинот Славе Анастасов, директор на претпријатието "Златен клас" кој по благословот на Поглаварот со пајтон и поздравен најсвечено од илјада верници и стариот кум си замина. Пред една од своите главни продавници на плоштадот продолжи општата бадникова прослава, со честење и бурно славење. Во попладневните и вечерните часови се одржаа бадникови богослужби со палење на бадниковиот оган и чаша топла ракија и чај.

Во сите преостанати цркви се празнуваше најсвечено, но посебно беше весело во новореконструираниот цветен прекрасен храм, вториот Плаошник "Св. Петар и Павле" во скопската населба "Ѓорче Петров". Беше посебна чест и благодет да се присуствува.

ПРАВОСЛАВЕН ВОЗНЕС

На самиот голем празник Божиќ - христовото раѓање се одржаа големите свечени божествени литургии и тоа главната во Соборниот храм во присуство на Неговот Блаженство, г.г Стефан, со бројното свештенство и многу верници. Во храмот на овие светли часови се прочита со восхит светлата божиќна порака - Послание од Светиот синод на МПЦ. Бадникови свечености со голема веселба, со коледарите, со сечење на бадниковата погача се одржаа во повеќе населби на градот. Коледарите, оваа година беа поактивни и нивното коледување беше помасовно при што се пееја голем број коледарски песни меѓу кои и најстарта "Коледе, леде...".

Исто така беа весели бадниковите вечери како во населбите Чаир, Кисела Вода, Ченто, Мичурин, Аеродром, Козле итн.

Посебно беше богата бадниковата вечер во населбата Влае на која имаше богат и голем оган. Музиката сите овие вечери беше во живо. Со еден збор оваа година сите новогодишни средби, сите бадникови вечери беа мошне побогати и помасовни од минатата година. Посебен беше чинот на сечењето на бадниковата погача и размената на кумови. Божиќ и Бадник годинава беа во посебен сјај и светост.

Накусо да ја одбележиме и големата прослава која празнично и весело се прослави познатата Василица - Стара нова година. Насекаде во домовите, рестораните, населбите, се славеше. Исто така се палеа огнови, имаше весели трпези на кој граѓаните се поздравуваа и си ја честитаа Василица со желби за љубов, мир и среќа.

Во Соборниот храм "Св Климент Охридски" се одржа божествена литургија. Неговото Блаженство, г.г Стефан, ја одржа свечената Василева литургија и Благодарствениот молебен за новото лето.

Со благослов на Св. Василија, со Господовата новогодишна радост и со пораката на црквата до сите православни христијани среќна да ни биде новата 2003 година.

За многаја лета.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"