ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Богојавление, Водокрст, Собор на Свети Јован Крстител

ДА СЕ ПРОСВЕТИМЕ СО СВЕТЛИНАТА НА ПОЗНАНИЕТО

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Се упатуваат молитви кон Бога, да се осветат водите, со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух и да се просветиме со светлината на познанието. Да ни дарува Бог благодет и да ни испрати благословување Јорданово.
  • Овие свети денови на празнувања се уште една потврда за величието и убавината на нашата православна вера, која низ вековите светела како ореол над македонскиот народ и земја. Денес најпонизно се заблагодаруваме и ги славиме.

Деветнаесетти јануари! Денес е Богојавление! Божјиот Син влегува во реката Јордан, во библиската Палестина. Свети Јован Крстител Го крштава. "Денес се осветува природата и се разделува Јордан, и гледајќи го Владиката како се крштава, го враќа текот на своите води". О, ново чудо! Исус во водата војува против сатаната. Тој главите на таму вгнездените змии ги смачкува. Господ Исус Христос со Светиот Дух и водата ја обновува изветвената од грев човечка природа. Ги потопува во водите јордански гревовите на луѓето. Го очистува и осветува светот. "Секоја светлина му се умножува на светот". Секое суштество ликува на земјата.

Исус излегува од водата. Небесата се радуваат. Небесата Му се отвораат. Духот Божји слегува како гулаб и се спушта над него. Глас од небесата говори: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!". Бог од небесата му ја објавува на светот светата тајна за Света Троица дека Бог е: Бог Отец, Бог Син и Бог Свет Дух. Три божествени лица, една божествена природа и битие. Крстен од човечка рака, од раката на наречениот "ангел во тело", Св. Јован Крстител, осветувајќи ја водата, Пресветиот и Безгрешен Христос ни го покажа патот на преродба на човештвото со вода и дух, не ослободи од ропството на гревот и не упати кон првобитната слобода, која ни е дар на неговото човекољубие и милосрдие.

БОЖЕСТВЕНА ТАЈНА

Во спомен на крштавањето на Господ Исус Христос и објавувањето на Светата Троица, се прославува големиот Господов празник "Богојавление". Поради тоа што со влегувањето во реката Јордан Исус ја осветил водата, празникот е познат и со името "Водици". За спомен на оваа божествена тајна Крштавање на Господ Исус Христос, за спомен на овој значаен настан од животот на неговото спасоносно дело на земјата, и денес се свети вода. На празникот "Богојавление" се врши голем Богојавленски водосвет и тоа надвор од храмот, во неговиот двор, на море, на езеро, на река, чешма, извор и слично. Свечено со литија се тргнува кон местото на водосветот. Се упатуват молитви кон Бога, да се осветат водите, со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух и да се просветиме со светлината на познанието. Да ни дарува Бог благодат и да ни испрати благословување Јорданово. Се пее црковната песна: "Гласот Господов - над водите извикува велејќи: Дојдете, примете го сите духот на премудрост, духот на разум, дух на страв Божји, од Христа Кој се јавил". Со песни ги прославуваме големината и чудесата Божји: "Велик си, Господи, и чудни се твоите дела и ниеден збор не е доволен да ги испее Твоите чудеса".

СВЕТА СИЛА И МОЌ

На 18 јануари се слави празникот "Водокрст". Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштавање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Празникот е востановен во спомен на некогашните обичаи што се изведувале на тој ден, кога биле крштавани луѓето што го примиле христијанството.

На 20 јануари се прославува соборно со песни празникот "Собор на Свети Јован Претеча и Господов Крстител". За неговата величина ни зборува Господ Исус Хистос: "Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител". Свети Јован Крстител јавно го критикувал неморалот на цар Ирод, кој живеел со жената на својот жив брат Филип. Затоа тој наредил да му ја отсечат главата. На овој ден се одбележува споменот на десната рака на Свети Јован Крстител, светата рака со која ја допре главата на Христос при крштавањето, која Светиот Евангелист Лука ја пренел од Севастија во Антиохија. Подоцна била пренесена во Цариград. Подигнати се храмови посветени на Светителот: на местото на крштавањето на Господ, во Севастија - каде бил посечен, во Антиохија - каде Св. Ев. Лука ја донел неговата десна рака и во Цариград - каде оваа света рака била пренесена од Антиохија, како и во целиот свет.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"